Интервју со Драган Даутовски

/, Блесок бр. 02, Звук/Интервју со Драган Даутовски

Интервју со Драган Даутовски

Македонија, земја со богата културно-историска традиција, синтеза на многу народи и култури, земја со богат музички фолклор. ДД Синтезис е еден од малкуте ансамбли кои успеваат на многу автентичен начин да го презентираат македонското фолклорно творештво. Македонскиот музички фолклор изобилува со уникатни специфики во поглед на мелодиските линии, хармонските склопови, ритмиката, начинот на интерпретација, инструментариумот. Сето тоа на најдобар можен начин е зачувано и обработено во музиката на ДД Синтезис. Главната цел на групата ДД Синтезис, покрај музиката е и зачувувањето на автентичноста на спецификите на македонскиот музички фолклор. Секако, синтезата е помеѓу старото, автентичното, изворното, и она што е ново, она што е во склад на времето во кое што живееме. Синтеза на кавал, гајда, зурла, тапани, со модерното пијано, синтеза на синтисајзери со рустикалното – назално пеење, типично за пеењето во Македонија. Синтеза на минатото, сегашноста и иднината.

Групата ДД Синтезис на 16 април 1998 во Универзалната сала во Скопје, Македонија, одржа концерт кој беше навистина настан за кој што вреди и е потребно да се зборува. На овој концерт беше презентирана музиката која тие веќе ја имаат ставено на својот CD, како и музика која е нова и која допрва ќе биде снимена на новиот CD.

Драган Даутовски е основач на оваа група, воедно и автор на композициите, аранжманите, накусо – лидер на ДД Синтезис. Со него ќе поразговараме околу тоа што е ДД Синтезис не само како група, туку и што тоа значи за музичката култура во Македонија.

Блесок: Која беше идејата за основање на еден ваков ансамбл односно група?

ДД: Идејата за основање на група со токму ваква структура беше моја. Некако ми се чинеше како логичен чекор после работата со Миле Коларовски, оркестарот на народни инструменти, после работата со групата Анастасија; сето она што филмот го промовираше како музика. Некако мораше да се најде начин да се продолжи понатаму. Реставрацијата на народните инструменти, зачувување на македонскиот фолклор… сето тоа едноставно ме инспирираше да направам една група која ќе го работи токму тоа, ќе ја продолжи македонската традиција, секако во една нова форма која ќе биде во чекор со времето во кое живееме.

Блесок: Зошто токму СИНТЕЗИС?

ДД: Името на групата произлегува од самата концепција да се направи синтеза меѓу македонскиот фолклор и трендот во светот (поп, џез и сето она што се случува во музиката). Тоа се обидувам да го направам на начин на кој што, сепак, поголемиот дел ќе ѝ припадне на традиционалната песна. Групата тргнува од македонскиот фолклор како база, држејќи се до сите специфики и карактеристики.

Блесок: Што е всушност она што е карактеристично за музиката на ДД СИНТЕЗИС?

ДД: Сето она што е специфично за фолклорот на ова подрачје, така:
– Песните на ДД Синтезис се исклучиво пеени на македонски јазик, значи онака како што се во оригинал.
– Користиме инструментариум карактеристичен за ова поднебје, како што се гајда, зурла, кавал, тамбура, тапани и други ударни инструменти.
– Ритамот, мелодиката и хармониите исто така се базираат на македонскита традиционална музика.
– Е сега, на целото тоа што рековме е фундаментот, основата, се додаваат класичните т.е. Модерните инструменти како пијаното, синтисајзерите… Што заеднички го чинат музичкиот јазик на ДД Синтезис.
– Многу интересно е и самото пеење, т.е. Начинот на интерпретација на песните. Девојките пеат на оној стар – традиционален начин карактеристичен исклучиво за ова подрачје, тоа е рустикалното или назално пеење.
– Многу важна карактеристика е тоа што во музиката на ДД Синтезис се користени мотиви или мелодии или музика ако сакате, од сите делови на Македонија, значи низ песните на групата може да се види и да се слушне комплетниот фолклор на нашата држава.

Блесок: Кои се луѓето кои што ја чинат групата ДД Синтезис?

ДД: Групата е голема, ние сме 8 членови и секој од нас свири на повеќе инструменти, така јас, Драган Даутовски, свирам на гајда, кавал, зурла, тамбура.
Радослав Шутевски – тапани
Анета Шуланковска
Билјана Ристевска
Мирјана Јошевска – вокали
Гоце Узунски – тапан и други удиралки
Маријан Јовановски – тамбура и гитара
Ванчо Јовчев – пијано, синтисајзери

Блесок: ДД Синтезис е група многу добро позната не само на македонската публика, каде сè досега сте настапиле?

ДД: Нормално е нашата музика да ѝ е добро позната на овдешната публика, бидејќи тоа е музиката што секој од нас ја носи во себе, музика со која сме израснати и живееме и која е дел од нашата историја, нашата традиција и нашето живеење. Сепак, драго ми што таа музика досега имавме можност да ја презентираме и во други држави и на друга публика. ДД Синтезис има настапувано на ЕУРОСОНГ – етнофестивал организиран од Унијата на телевизиските куќи во Унгарија, како претставник на Македонскта Телевизија, на фестивалот на Европската Радиодифузната Унија во Кермс во Австрија организиран од BBC, потоа во Словенија и секако во многу градови во Македонија.

Блесок: Дали има некој концерт кој што Вам посебно Ви оставил впечаток, или пак според Вас е еден од вашите „highlights“?

ДД: Сите концерти ми се многу драги. Многу е тешко да се издвои еден, или пак да се каже кој ми оставил посебен впечаток бидејќи секој си има нешто свое и нешто по што се памети. Но, сепак еве би го издвоил на прво место концертот на фестивалот Друга Годба во Љубљана 97 г., потоа концертот на ТрнФест, а не можам а да не го споменам концертот на BBC во Керемс – Австрија.

Блесок: На 16 април 1998 г. Во Универзалната сала во Скопје ДД Синтезис одржа концерт, што е со вашите впечатоци од тој концерт?

ДД: Беше тоа концерт кој исто така беше посебен по многу нешта. Морам да кажам дека секогаш публиката многу значи. И на сите концерти кои претходно ги набројав, таму имаше фантастична публика, бевме одлично примени, и имаше воспоставено одлична комуникација помеѓу нас и публиката. Така беше и на концертот во Скопје. Концертот беше одлично посетен, публиката беше фантастична, многу ме радуваше тоа што веќе Скопје почнува да има публика која има голема култура за слушање музика и префинет вкус за она што значи квалитет. Таа вечер едноставно имаше многу позитивна енергија и прекрасна коресподенција со Македонската публика. На тој концерт беа изведени старите композиции и некои од новите кои сè уште не се ставени на CD. Сепак, публиката одлично ја прими сета таа музика и мислам дека задоволството беше обострано.

Блесок: ДД Синтезис веќе има издадено CD кое е многу добро котира според бројот на продадени примероци не само во Македонија но и во други земји. Што понатаму на овој план, дали наскоро можеме да очекуваме нов CD?

ДД: Веќе го знаете нашиот компакт диск за кој што не е потребно да зборувам. Издаден е во продукција на Скопскиот Џез Фестивал, и точно е дека многу добро се продава. Во моментов работам на комплетирање на материјалот на новиот компакт диск. На последниот концерт во Скопје веќе беа изведени неколку нови композиции кои ќе одат како материјал на новиот CD. Сепак за да се издаде еден CD потребно е многу повеќе и материјал и работа. Јас се надевам дека до крајот на 1998 веќе ќе го имаме и вториот CD.

Блесок: Што понатаму ќе се случува со ДД Синтезис?

ДД: Во мометнов работиме на еден многу интересен проект (меѓународен). Проктот е една драмска претстава која се работи во соработка со словенски, македонски, хрватски и англиски продуценти. Тоа е претставата ЦЕЗАР за која музичкиот дел ќе го реализира ДД Синтезис. Понатаму нè очекуваат доста патувања. Одиме во Порторож – Словенија, Италија, Германија (каде ќе настапиме на еден многу познат и реномиран фестивал и веќе на големо нè рекламираат, на наше големо задоволство), САД, Франција, Бразил, Јапонија. Толку за сега а за понатаму ќе видиме, во некој нареден разговор.

звучен запис

АвторМаја Чанаќевиќ
2018-08-21T17:22:17+00:00 април 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 02, Звук|