Философскиот статус на естетиката

/, Литература, Блесок бр. 19/Философскиот статус на естетиката

Философскиот статус на естетиката

Би сакала да започнам со две прелиминарни прашања: што значи зборот „статус“? И што прашуваме кога се прашуваме за статусот на естетиката? Според American Heritage Dictionary, „статус“ може да се дефинира како (1) положба релативна на онаа на другите; позиција: таа има статус на гостин; (2) висок углед; престиж: висока позиција во заедницата, на пример, статус на водач или исцелител; (3) во правото, правна одлика или состојба на личност или ствар: статус на малолетник; (4) состојба на нештата; ситуација; (5) состојба на некој или на нешто, на пример, медицинскиот статус на пациентот.
Имајќи го предвид ова воопштено разбирање на терминот „статус“, што е она специфичното коешто го имаме на ум кога го испитуваме статусот на естетиката? Тука се присутни барем три различни прашања: (1) Прашањето за положбата или внатрешната состојба на естетиката: какво е релативното здравје на ова подрачје? Во каква форма сме? Дали работите се одвиваат глатко и добро? (2) Прашањето за фактичката положба на естетиката во однос на онаа на другите подрачја во рамките на философијата: каде, во актуелната философска мапа, се вклопува естетиката? Каква е нејзината репутација, престиж, углед? (3) Прашањето за соодветната позиција на естетиката во однос на философијата: каква положба треба да зазема естетиката? Кои се нејзините вистински задолженија и централни философски улоги?
Прашањето за внатрешната состојба на естетиката има две составки. Едната се однесува на квалитетот на извршената работа во естетиката: другата ги засега професионалните шанси на естетичарите. Што се однесува на квалитетот на извршената работа, сликата е, општо земено, оптимистичка. Иако современата естетика нема ниеден Кант (факт кој не ја разликува од другите специјализирани подрачја), делата на Нелзон Гудман (Nelson Goodman), Стенли Кејвел (Stanley Cavell), Артур Данто (Arthur Danto) и другите влијателни фигури извршија големо влијание врз ова поле. Извесни достигнувања одново ја закрепнаа естетиката. Да споменеме само три од нив.
Првото е фактот што, приближно, од крајот на седумдесеттите години, философите на уметноста ги напуштија своите фотелји со цел многу поодблизу да ги испитаат проблемите и практиките на самите уметности, опфаќајќи широк домен на теми од сликарството, фотографијата, филмот, музиката, литературата и танцот. Како и современите философи на науката, од кои се очекува значително познавање на науката, естетичарите денес мораат да знаат по нешто за уметноста. Еден исход од ова е фактот што сега, повеќе од кога и да било во минатото, естетиката ја вклучува практиката на уметничката критика и воспоставува блиски врски со полињата на историјата на уметноста, книжевноста и проучувањето на филмот.
Вториот, не помалку значаен дострел е појавата на феминистичката естетика во осумдесеттите години. Ефектите на феминистичката дејност во естетиката можеми најјасно можат да бидат согледани во истражувањата на стандардите на естетичката проценка. Откритието дека естетичките стандарди прикажани како безвременски и универзални во праксата не се ниту безвременски ниту универзални – дека тие во голема мерка ги одразуваат верувањата и вредностите типични за европскиот патријархален модел – доведе до покритичка, историски втемелена анализа на уметничките концепти, инситуции и, општо земено, практики. Ова, за возврат, исходуваше со едно пошироко и попродлабочено разбирање на мноштвото социјални и културни менливи кои придонесуваат кон преовладувачките поими на вкус, естетичка вредност и уметнички гениј.
Најпосле, естетиката имаше полза од еден „етички пресврт“: оживувањето на долготрајните расправи за моралната функција на наративите и социјалното влијание на уметностите. Ова достигнување ги вовлече естетичарите во тековните политички расправи за јавните фондови за уметноста, функцијата на јавната уметност, и културната вредност на уметничкото образование. Јасно, „здодевните децении“ во естетиката, на кои толку впечатливо се поплакуваше Џон Пасмор (John Passmore), се завршени. Денес, естетиката – најголемиот дел од луѓето запознаени со ова поле би се согласиле со оценката – е една жива и привлечна дисциплина.
Сепак, сликата за професионалните шанси на дејците во ова подрачје не е толку светла. Непријатна вистина е дека едноставно, во естетиката нема многу работни места. Дури и најталентираните и најобразованите луѓе кои влегуваат во ова поле, се соочуваат со значителни препреки во наоѓањето работа. Проблемот не е во тоа што воопшто не постои работа за философите – иако овие места се ретки – туку во тоа што мошне мал број од околу четирите стотини места кои се огласуваат секоја година, ја споменуваат естетиката, и тоа, речиси секогаш, како област на компетентност, поскоро одошто како специјалност. Зошто толку малку работни места во философијата, се места од естетиката?
Ова прашање нè води кон второто од трите прашања скицирани погоре – она за фактичката положба на естетиката, нејзиниот углед или репутација во поглед на другите подрачја во рамките на философијата. Каков е овој углед? Тука има малку простор за несогласувања: философите во голема мерка ја сметаат естетиката за маргинално подрачје. Естетиката е маргинална не само во релативно бенигната смисла дека лежи на работ, или границата на дисциплината, туку исто така и во дополнителната, повознемирувачка смисла дека се смета за философски безначајна. Во овој поглед, естетиката е во спротивност со областите како философијата на математиката, поле коешто, иако е маргинално во првата смисла, нашироко се смета за философски значајно. Пред неколку години, Артур Данто се пошегува, и не беше далеку од вистината, велејќи дека положбата на естетиката „стои толку ниско на скалата на философските потфати, колку и инсектите во синџирот на суштествувањето.“
Во овој контекст, вреди да си припомниме оти идејата дека естетичките прашања имаат мошне малку, или воопшто немаат врска со средишните преокупации на философијата е релативно скорешна, во голема мерка артефакт на подемот на самата аналитичка философија. Како што е очевидно од делата на Платон, Аристотел, Хјум, Кант, Ниче и Хегел, прашањата за уметноста и убавината некогаш беа сметани за средишни преокупации на философијата. Тековната, маргинализирана положба на естетиката се отсликува во постојната институционална структура на професијата. Погледнете ги, на пример, курикулумите. Мал број од англо-американските програми за постдипломски студии бараат дури и површно познавање на естетиката. Мал број оддели имаат – или чуваствуваат потреба да имаат – некој кој ќе држи курсеви од естетика или ќе биде ментор на дисертации од оваа област. Естетиката е еден „необврзен додаток“, убав кога можете да го имате, но во ниедна смисла не е неопходен дел од философското обучување на дипломираните студенти.
Ова е нешто повеќе отколку само резултат на растежот на академската специјализација. Никој не излегува од докторски студии по философија без некоја основа во метафизиката и епистемологијата, логиката и философијата на науката, историјата на философијата и етиката. Метафизиката и епистемологијата, како и логиката, се дефинирани како „јадрени области“ на философијата. Историјата и етиката, иако не се јадрени области, сепак и припаѓаат на „суштинската обиколка“ на полето. Тешко е, всушност, во повеќето програми и невозможно, да се добие докторат по философија без да се работи во овие области. Тоа се области за кои од секого се очекува да има мненија и да биде оспособен да расправа барем за стандардните проблеми. Бидејќи истото не важи за естетиката, најголемото мнозинство философи влегува во професијата со мало или никакво познавање на методите или прашањата од ова подрачје. Како резултат на ова, философите, општо земено, или ги игнорираат прашањата на уметноста и естетиката или за нив мислат дека тие имаат малку, или воопшто немаат врска со средишните преокупации на дисциплината. Најголемиот дел од философите систематичари ги поминуваат целите свои кариери без дури и да го свртат своето внимание кон прашањата на убавината или уметноста. Дејвидсон (Davidson) и Гудман се ретки исклучоци. Не е веројатно ниту дека овој недостаток од интерес за естетиката – или со него поврзаното отсуство на естетиката од страниците на најчитаните и престижни списанија по философија – би предизвикал некаква зачуденост. И така, кога одделите за философија ги определуваат полињата од кои би сакале да најмат некого, не треба да нè изненади тоа што никому не му паѓа на ум да мисли на естетиката. Маргинализацијата раѓа маргинализација.
Толку за фактичката положба на естетиката. Што треба да правиме со ваквата ситуација? Ова води кон третото гореспоменато прашање: која е соодветната положба, вистинската вредност или значење на естетиката?
Можеби највообиачаениот одговор на ова прашање е дека естетиката, соодветно разбрана, е едноставно философски маргинална. Гледиштето дека фактичката положба на естетиката е нејзината вистинска положба го застапуваат не само филистрите на кои не им е грижа на уметноста – „тоа е сè што естетиката заслужува“ – туку исто така и оние како Стенли Кејвел и Тед Коен (Ted Cohen), на кои уметноста многу им значи – како што тоа го формулира Коен „токму таму, наспроти несигурноста на нејзината позиција, естетиката е во својата најдобра форма“. Сепак, мојата сопствена позиција е дека општоприфатеното гледиште – гледиштето дека „естетиката е едноставно философски маргинална“ е погрешно. Естетиката е интегрален дел од философијата. Токму затоа, таа заслужува посредишно место во професијата. Прагматичката предност на одбраната на значењето на естетиката за луѓето кои работат во естетиката е јасна. Но со цел да се аргументира од оваа позиција, од ова тврдење треба да се направи философска теза.
Формулирањето на оваа теза не е едноставна задача. Нема враќање назад кон традицијата на големите метафизички естетики. Оваа традиција, и заедно со неа оној вид важност која ѝ беше припишувана на естетиката од страна на Кант и Хегел, е минато. Ниту пак мнозина од нас би сакале да ѝ се вратат на сувопарната естетика која исходуваше од примената на методите на лингвистичка анализа која преовладуваше во четириесеттите и педесеттите години. Згора на тоа, една од темелните и позитивни одлики на естетиката денес – нејзината силна поврзаност со уметностите и теориските дисциплини вон философијата – може да биде едно од оние нешта кои ја прават, општо земено, помалку интересна за философите. Како што современата дејност во естетиката се приближува кон уметностите и другите полиња, таа бидува согледана како сè повеќе и повеќе да се оддалечува од средишните проекти на философијата.
Тогаш, како може да се брани тезата за философското значење на естетиката? Едно место од кое може да се започне е да се предизвика гледиштето дека движењето кон уметностите е оддалечување од философијата. Никој не смета дека за философите на науката претставува скандал да си ги извалкаат рацете со деталите за радијацијата на црното тело или процесирањето на вектори. Рефлексијата за емпириските наоди, без оглед дали се тие од физиката или неврофизиологијата, прашањата за тоа како овие наоди треба да бидат коректно интерпретирани, за проблемите коишто тие ги покренуваат или чиешто разрешување го овозможуваат, се признаени како легитимен и суштествен дел на философијата на науката.
Кога се разгледува овој развој во философијата на науката, преовладувањето на гледиштето дека тесната врска со уметностите ја прави естетиката помалку философска, е мошне изненадувачко. Можно ли е ова да е резултат од една непризнаена и непрепознаена, сè уште жива приврзаност кон дистинкцијата аналитичко/синтетичко – дистинкција која нашироко се сметаше за дискредитирана? Во естетиката како и насекаде, добро втемелелената запознаеност со емпирискиот домен кој се истражува треба да се смета за философски плус, а не минус. Познавањето на историјата на музичката практика или развојот на современата литературна критика, на пример, на корисен начин можат да ги доведат под прашање генерализациите за „самото уметничко дело“ или условите на естетичката проценка. Философите сматаат дека философијата на науката којашто науката ја сфаќа сериозно е философски значајна, бидејќи сметаат дека науката е философски значајна. Сепак, малкумина философи сметаат дека уметноста е философски значајна. Но, ова, според мене, е грешка. Уметноста е философски важна бидејќи е човечки важна. Се разбира, уметноста во последниов век се измени на таков начин што го отежна нејзиното разбирање и проценување, и помалку е веројатно дека делата на Дишан, Раушенберг, Кејџ и останатите ќе бидат дочекани со восхит и стравопочит како оние од минатите традиции. Но овие промени се дел од темата со која естетиката сега мора да се соочи. Наспроти промените во философскиот метод, разбирањето на човечкото искуство останува темелна аспирација на философијата. Естетиката може да биде согледана како значајна философска гранка токму како дел од овој поширок хуманистички проект. За жал, оваа линија на одбрана, без оглед колку е вредна, може да биде пресретната со вообичаениот одговор: „да, да, уметноста е философски важна, но каква врска има тоа со философијата“? Постои ли нешто што може да биде кажано како одговор на ова?
Еден одговор би бил да се свртиме кон философијата на вредностите. Најголемиот дел од философите денес, вклучително оние чии философски интереси почиваат во научните и техничките области, ја признаваат важноста на теоријата на вредностите. Естетиката е дел од теоријата на вредностите, и доколку теоријата на вредностите е философски значајна, естетиката исто така е философски значајна. Како философите би можеле да се стремат кон тоа да ја разберат природата на вредностите без да го свртат вниманието кон естетичките вредности?
Ова е погодно време за такво истражување. Во естетиката, философите сè повеќе и повеќе го отфрлаат формалистичкото раздвојување на естетичките и моралните вредности со цел да ги проследат супстанцијалните прашања кои се однесуваат, на пример, на моралната функција на уметноста, авторовата одговорност, моралните граници на естетичката проценка. Централна преокупација на естетиката денес е односот на естетичката и моралната вредност. За возврат, философите на моралот, се свртуваат кон уметноста. Жоел Фајнберг (Joel Feinberg), Питер Реилтон (Peter Railton), Сузан Волф (Susan Wolf) и други, работејќи врз етиката, го свртеа своето внимание врз прашањата како оправдувањето на владините субвенции за уметноста, наративните аспекти на моралниот живот, и вредноста на моралните увиди или моралната обука стекната преку литературата и уметноста. Со мало претерување, би можеле да кажеме дека искусуваме еден „етички пресврт“ во естетиката и еден „естетички пресврт“ во етиката.
Јас скицирав два начина на кои може да се брани философската важност на естетиката. Несомнено, постојат и други. Позначајната поука тука е дека она што е потребно е супстанцијална работа во естетиката на втемелувачко ниво. А ова значи навраќање кон прашањата кои долго време беа ставани во загради. Старата стратегија на заштитување на естетиката преку дејствување на маргините на философијата беше соодветна за своето време, успешно сочувувајќи ја естетиката од тоа да биде апсорбирана од редуктивните практики на лигвистичката философија. Но нашето време е поинакво и цената на продолжителната маргинализација е висока. Сугерирајќи го враќањето кон втемелувачките прашања, не велам дека овој потфат треба да се одигра во изолација од самите уметности. Единствениот начин на кој можеме полнозначно да ги истражуваме генералните прашања за природата на уметноста и естетиката е преку посветување големо внимание на партикуларноста и конкретноста на специфичните случаи.
Мојата цел беше со овие забелешки да поттикнам натамошна рефлексија за философската важност на естетиката. Ова, за возврат, ќе изискува дополнително промислување на своевидните аспирации на философијата и за тоа што естетиката како дисциплина и како начин на мислење, навистина е.

Превод од англиски: Ана Димишковска Трајаноска

АвторМери Деверо
2018-08-21T17:21:58+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 19|