Лазаринка

Лазаринка

Лазаринка
Месечината и тисата
Треска 103˚
Гласници
Габи
Раб

Препев од англиски: Кристина Зимбакова

Пак истото го сторив.
Еднаш во десет лета
ми успева ____

Чудо сум подвижно, кожата ми
светла ко Наци-ламба,
десната ми пета

пердув-лесна,
лицето необоен, фин
еврејски лен.

Тргни ми го чемберот
ој непријателе мој.
Ве плашам ли? _____

Носот, очите-длапки, двата реда заби?
Здивот трул,
за ден ќе снема сè.

Брзо-брзо месото
ќе се изеде и јамата гробна
ќе ми прилегне

а јас – озарена жена.
Само триесет имам.
Ко мачка сум што девет пати умира.

Ова е Број Три.
Какво евтино проклетие
да се збрише секое десетлетие!

Шурки светло од сите страни.
Џган луѓе кикирики џвакаат
и да видат сакаат

како ме слекуваат на цело____
стриптиз на дело.
Господа, дами

Ова е моја шака
моја нога.
Може сум коска и кожа.

Но пак сум си онаа иста жена.
Првиот пат имав десет лета.
Несреќа беше.

Вториот пат мислев:
терам до крај и нема назад.
Се скупчив

ко школка.
А тие се провикаат, и црви
од мене тргаат ко бисери лигави.

Умирањето
е уметност, ко и сè друго.
Го правам тоа мајсторски.

Ко да си во свет адски.
Ко да е вистинско.
Ќе речеш може, дар имам.

Лесно е вака во ќелија да си.
Лесно е вака да седиш ладен.
Усиленото
враќање сред бел ден
кон истото место, лик, истиот занемен
гаден извик
„Чудо!“
е она што ме вади од такт.
Се плаќа

да ги видиш лузните мои, се плаќа
да го заушиш срцето мое____
тоа стварно бие.

И се плаќа, баш скапо се плаќа
за збор ил’ допир со рака
ил’ од крв капка

ил’ перче-коса или нешто руба.
Па види, Хер Доктор.
Па, Хер Непријател.

Твое сум дете,
Драгост твоја,
Душиче чисто златно

што на крик се топи.
Плен сум на ражен.
Ама знам за обѕирот твој снажен.

Пепел, пепел____
Со маша ти жбараш.
Месо, коска, ништо нема ___

Пакло сапун,
венчален прстен,
заб златен.

Хер Бог, Хер Луцифер
чувајте се
чувајте се

со алови ми коси
од пепелта летам
и везден мажи гнетам.

АвторСилвија Плат
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Поезија, Блесок бр. 18|