Ју

Прв дел. Прва слика.
Прв дел. Втора слика.

Драмски текст со слики

Покрај Мајаковски, Пушкин и Гогољ поминуваат Ролс-Ројсови, тролејбуси и запрежни коли. Утринските авиони летаат над рибниците, коњи, велосипедисти и пешаци налетуваат на распеани Мексиканци. Цвета јоргованот, мириса на дожд, на леб и на сол. Над целиот град блеска големо сонце.

Сева и Андреј одат на кај Кремљ.

АНДРЕЈ: Денеска добив две писма. Едното од баба ми, другото од сестра ми. Баба ми напиша толку нежно писмо.
СЕВА: Полека, таа не им верува на солзите.
АНДРЕЈ: Целиот мој живот таа само студено ме набљудува, се смее, ниту еднаш не ми пружи рака, колку и да пекам, колку и да барам макар малку. Јас сум туѓинец за неа. За неа сум никој. Таа не ме љуби.
СЕВА: А ако ѝ фрлиш пари в лице – твоја е целата ноќ.
АНДРЕЈ: Ах, да е така.
СЕВА: Ќе ти го сврти умот, ќе ти ги наполни ушите со црцорење, ќе ти ги растресе со смеа целите твои закржлавени гради. После ќе си ги гризеш усните, ќе голташ плунка, а таа – уште, уште, уште!
АНДРЕЈ: Јас немам пари.
СЕВА: А таа не е папокот на земјата. Луѓе живеат и во други земји. Инаку како да си малечок, како Наполеон.
АНДРЕЈ: Секоја година ме удира сè посилно и посилно, ми го одзема и последното. Ја мразам! (Почнува да плаче.)
СЕВА: Па ајде немој, немој.
АНДРЕЈ: А во главата ми е само една премалена желба – да си легнам тука и да пцовисам. Да ја извадам сева оваа облека, да ги симнам мокриве чевли, да се ослободам од парталиве и да си умрам гол – еве тука. На асфалтов и на дождов. И дури да не ѝ кажам, а само тивко да си помислам – ПА ШТО, САКАНА МОЈА, ЈА ИЗГУБИВ ПАРТИЈАТА!
СЕВА: Глупав.
АНДРЕЈ: Едноставно јас сум застрелан!

Се појавува Пирогова. Трча, се смее, мавта низ воздухот со фотографии.

#1 ПИРОГОВА: Ова е Витја, Тој е пилот. Ме возеше на авион. Високо! над целата Москва! Ја надлетувавме дури и вашата куќа!
СЕВА: А јас, пак, гледам, никако да разберам што се случува. Гледам – се мурти времето над нашата куќа. А тоа, испаѓа, Пирогова се шета со Авион!
ПИРОГОВА: Летавме високо над облаците!
АНДРЕЈ: Каков авион има тој?
ПИРОГОВА: Не знам, не се разбирам во тоа.
СЕВА: Да не се стокми веќе за мажење?
ПИРОГОВА: Што врска има сега тоа? Тој ме побара.
СЕВА: Па тогаш, што чекаш.

АНДРЕЈ: Во детството сакав да станам пилот.
ПИРОГОВА: Јас во детството пливав како стрела.
СЕВА: А јас во детството цртав ластовички.
ПИРОГОВА: А мене еднаш една ластовичка ми влета низ прозорецот.
АНДРЕЈ: Не ми се доаѓа да ми влетуваат птици.
СЕВА: А кај мене, ми кажуваат, некогаш ми влетал славеј.
АНДРЕЈ: А кај мене колку ми влетуваа, но никако да разберам кој.
ПИРОГОВА: Можеби врабец?
СЕВА: Или уште некој.
АНДРЕЈ: Наташа, а што правите вечерва?
ПИРОГОВА: А каде тоа сакате да ме поканите?
СЕВА: Во бурекџилница.

Пирогова се смее, бргу заминува на високи топуци.

АНДРЕЈ: Зошто вака?
СЕВА: Никогаш не знаеш што се случува во нејзиното срце.

Стигнуваат до една неголема куќа, ја отвораат вратата. Во куќата свири музика, во соба околу маса седат Ања, Елизавета Сергеевна и Дмитри, се смеат.

#2

ДМИТРИ: Шетам по улици и ништо не можам да сторам – се смеам! Ги сакам тие луѓе што ми доаѓаат в пресрет, можете да си замислите? Ги сакам некако физички! Би сакал сите да ги избакнам, би сакал да им подарам нешто, да им сторам нешто пријатно за нив!
СЕВА: Ете, стигнавме дома.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Сева, Андрјуша!
СЕВА: Па, ајде да се сакаме еден со друг физички!
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Андрјуша, вие сте ми некако тажен? Сигурно сте гладен.
АНДРЕЈ: Мислите дека поради тоа наминав кај вас?
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Ма што велите, едноставно јас сакам секогаш да
бидете сит . АНДРЕЈ: Благодарам. А јас денеска добив две писма. Едното од баба ми, другото од сестра ми. Решив прво да го прочитам од баба ми, мислев дека таа ќе ме кара, ќе ме резили, а потоа од сестра ми за пријатното да го оставам за на крај. А баба ми напиша толку нежно писмо, што јас дури и се расплакав.
АЊА: Толку е чудовишно маж да плаче.
АНДРЕЈ: Да. Одев по улица и мислев дека еве сега ќе умрам ако не се напијам нешто.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: И, значи, се напивте?
СЕВА: Мораше, за да не умре.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: А јас, ете напротив, мислам дека ако умрам, тогаш веќе никогаш нема да се напијам. Значи не смеам да умрам.
СЕВА: Затоа, пак, постои некаква цел во животот.
АЊА: А мене некој ми праќа дописници, ми изјавува љубов со виолетово мастило.
СЕВА: Колку романтично!
АЊА: Да не знаете кој има толку лош ракопис?
АНДРЕЈ: Не, не знам. А што пиете вие – вино?
АЊА: Да. Допатува Дмитри.
СЕВА: За подолго?
ДМИТРИ: Ако нема војна – за подолго.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Кога наидувам на вакви момчиња – некако ги жалам. Што би можела да сторам за нив? Како да им помогнам? Би сакала да им пријдам, да им кажам „сè ќе биде добро“.
АЊА: Тој не е таков.
ДМИТРИ: Јас сум весел.
АЊА: Во превозот тој им се насмевнува на возрасни непознати жени.
ДМИТРИ: Мене ми се допаѓа животот, ми се чини дека јас можам сè.
АНДРЕЈ: Тој ми личи на јунак.
АЊА: Сите велат така.
СЕВА: Па – добредојде!

Се смеат, ги испиваат чашите.

#3 ДМИТРИ: Москва е сосема поинаква. Наминав на пошта – таму една убава девојка јаде грозје, ми се насмевнува, става печат на пликот – се смее. Порано немаше нешто такво.
СЕВА: Порано девојките не ви се насмевнувале така?
ДМИТРИ: Не.
СЕВА: (се смее). Ете го – чесното лице на младоста!
АНДРЕЈ: Што сте забележале уште во нашиов град?
ДМИТРИ: Насекаде се садат дрвја.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Ќе насадат дрвја, ќе ги обојат куќите, ќе ги поправат улиците и ќе си биде како порано, како пред војната.
АЊА: Само да е што побргу!
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Какво време беше тоа – како танцувавме! По секоја игранка јас ослабнував речиси по пет кила! Ма какви пет – десет!
АНДРЕЈ: Колку убаво минато сте имале.
СЕВА: Па да заиграме можеби?
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА:Јас, веројатно, веќе заборавив.
СЕВА: Не ви верувам! (Ја зема в преграб Елизавета Сергеевна.)
АЊА: Сева, повнимателно, повнимателно!
АНДРЕЈ: Браво!

Ања и Дмитри пијат вино, занесено ја гледаат Москва, нејзините светлини, улици, автомобили. Андреј ги препрочитува писмата.

ДМИТРИ: Толку е убаво сево ова! Ти си убава. Москва е убава.
АЊА: Излудувачки сакам да бидам излудувачки убава за сите да се избезумуваат!
ДМИТРИ: Испаѓа дека си убава колку Москва.
АЊА: Не! Москва е стара!
ДМИТРИ: А ти си излудувачки убава. (Ања се смее.) Додека не бев тука – како живееше?
АЊА: Веќе заборавив, колку години имаш.
ДМИТРИ: Имам дваесет години. Јас сум веќе наполно возрасен младич.
АЊА: Јас имам дваесет години, никогаш не сум била во странство.
ДМИТРИ: Таму нема зима.
АЊА: Не се чувствувам добро зиме.
ДМИТРИ: Мислев само на тебе.
АЊА: Кога заминуваше, личеше на пиленце.
ДМИТРИ: А сега?
АЊА: И сега ми личиш.
ДМИТРИ: Сега личам на јунак. Сите велат така. (Ања се смее.) Шетав ноќе по булевари. Мрачно, тивко, сите се бакнуваат на клупите – насекаде љубов! А дење насекаде цвеќиња.
АЊА: Порано немало такво нешто?
ДМИТРИ: Имам желба постојано да ги купувам и да им ги подарувам на девојките.
СЕВА: Пирогова вели дека е тоа единственото за што се способни мажите.
ДМИТРИ: Се видов вчера со неа.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВАНА: Си ѝ подарил цвеќе?
ДМИТРИ: Не, таа брзо се изгуби.
СЕВА: Можеби се исплашила.
ДМИТРИ: Да, јас гласно викав, долго ја бакнував.
АЊА: Таа, изгледа, едно сто години не се има бакнато со никој.
ДМИТРИ: А ти?
АЊА: А ти?
ДМИТРИ: Кога заминував, ти плачеше.
АЊА: Јас секогаш плачам кога некој заминува.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Ајде да се напиеме чај или кафе!
СЕВА: Чај или кафе?
АНДРЕЈ: Чај.
АЊА: Или кафе?

#4 Се смеат, ги поместуваат филџаните.

ДМИТРИ: Толку одамна мечтаев за градов! Само да стојам некаде, да чекам тролејбус – и толку. Да ми се радува срцето, да ми пее душата! Да стојам под тивок снег, под розово небо, да посматрам како девојките поигруваат, како трчаат кучиња по коловозот. Одвај чекам што побргу да стигне зимата!
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Воопшто не ја сакам зимата.
ДМИТРИ: Толку го сакам градов.
АНДРЕЈ: И јас исто така – толку го сакам.
ДМИТРИ: Јас си ја сакама татковината.
АЊА: И јас ја сакам. Па што?
СЕВА: Тоа е убаво.
ДМИТРИ: Се плашев – да не си престанала наеднаш да ја сакаш. А ти… – си остана истата… ти си како порано… ти си како тогаш…
АЊА: Не. Се радувам што ми мина детството.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: Целото свое детство јас го минав во Петровскиот парк на велосипед!
АНДРЕЈ: А јас во детството имав портокалов мачор.
АЊА: А јас имав розов.
ДМИТРИ: А јас целото мое детство играв пин-понг со саканото девојче.
СЕВА: А мене саканото девојче ме учеше да ги чкрапам чкорчињата.
ДМИТРИ: А мене таму сите ме прашува – “каде тоа заминуваш?“
СЕВА: Во Москва.
ЕЛИЗАВЕТА СЕРГЕЕВНА: А тие „О…“

Се смеат.

ДМИТРИ: А јас им одговарам – МОСКВА НЕ Е ТОЛКУ ДАЛЕКУ КОЛКУ ШТО ВАМ ВИ СЕ ЧИНИ ТРЕБА САМО ДА ПОСАКАТЕ ДА СЕ НАЈДЕТЕ
ВО НЕА.
АНДРЕЈ: Само што таа не ги сака сите. Не
ги чека сите. Не им простува на сите.
ДМИТРИ: А мене ме пречека. Ми се
насмевна. Ми се израдува.
АНДРЕЈ: Вие така мислите?
ДМИТРИ: Знам. Чувствувам дека сонцето ми свети пред мене.

АвторОља Мухина
2018-08-21T17:22:02+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Текст, Блесок бр. 17, Театар/Филм|