Прекрасен поглед кон музиката што исчезнува

/, Звук, Блесок бр. 14/Прекрасен поглед кон музиката што исчезнува

Прекрасен поглед кон музиката што исчезнува

#1 Барем за Американците, Куба е земја за која малку се знае. Анти-кастровистичка/анти-комунистичка пропаганда? Се разбира, има многу вистина и во тоа. Но, кога зборуваме за американското познавање на кубанската култура, тогаш зборуваме за „темен век“ во нивното знаење. Затоа, музичкиот CD – Buena Vista Social Club, може да се претстави како одличен противотров за ваквото непознавање на кубанската музика, како што истоимениот филм на Вим Вендерс претставува еден вид документарен запис за најголемиот дел од најдобрите и најзначајни музичари од оваа земја.
Речиси половината од филмот е снимена во прекрасната, застаната-во-времето Хавана, а музиката на компакт-дискот е еквивалент на аурата што ги краси овие подвижни слики. Вибрантна и полна со живот, оваа музика претставува една култура што исчезнува, со типови на песни и стил на изведба што, сосем веројатно, ќе исчезне со самото исчезнување на овие музичари кои, во најголемиот број, веќе се во 80-тите или 90-тите години од нивните животи.
Меѓу овие истакнати големци на кубанската музика, се пејачот Ибрахим Ферер (Ibrahim Ferrer)) – којшто е еден вид кубански Нет Кинг Кол, и Рубен Гонзалес (Rubén Gonzales) – пијанист којшто не е далеку од оние стари американски олд-тајмери што се возат низ Хавана: стар, но со одличен мотор што работи перфектно, а линиите сè уште ја чуваат својата грандиозност и карактеристична убавина.
И овие музичари, иако во своите одминати години, сè уште во одлична форма ги изведуваат своите музички ламенти, блузеви и свингови, свират на своите инструменти – гитари, пијана, басеви, тапани, кубански мандолини, труби итн. – со вистинско и неизбледнето мајсторство. Песните се богат микс на најразлични музички позадини и влијанија, какви што се и самите Кубанци по природа. Најголемиот дел од песните се проткаени со една афричка обоеност, или пак со една латино-жичка карактеристична за Карипските острови, како што се салсата, калипсото, но има и некои романтични балади што наликуваат на стариот „Tin Pah Alley“ стил од 30-тите и 40-тите години од овој век, како и моменти каде што стариот Гонзалес свири чисто џез-инспирирани нумери, создадени врз класичниот музички идиом на Дебиси.

Како дополна на домашните музичари, гитаристот Рај Кудер (Ry Cooder) од Лос Анџелес со својот син Јоаким – гостуваат на ова CD. Кудер често додава една суптилна но многу битна нијанса со своите филигрански рифови, посебно во меѓу-просторите на текстот, додека неговиот син Јоаким секогаш го пронаоѓа вистинскиот инструмент за да го акцентира вистинскиот звук и вистинската атмосфера на песните.
Како што филмот објаснува, Кудер доаѓа во Хавана да сними неколку кубански и западно-африкански музичари. Но, кога најголемиот дел од Африканците не се појавуваат на договорениот состанок, тој тргнува низ Хавана во обид да ги собере оние стари, големи кубански музичари, за да ги собере да снимат некои од нивните стари и многу-популарни нумери. Резултатот од тоа е и овој прекрасен музички компакт-диск, чие име е името на сега веќе непостоечкиот клуб каде најголемиот дел од тие музичари настапувале долги и успешни години.
Овој компакт-диск донесува, првенствено, едно уживање со бројноста и различноста на музичките стилови презентиран на него, стилови кои се движат од најпростата дво-ритамска „водвиљаста“ Orgullecida, преку прекрасно ирегуларните ритми на почетната нумера Chan Chan, па сè до „како-три-аларми-за-пожар-жешката“ Candela.
Исто така, уште еден многу карактеристичен момент на оваа музика е недостатокот од оној индустриско-перфекционистички начин на продукција, што веќе стои како вообичаен стандард денес. Овде музиката е онаква каква што навистина е, или барем онаква каква што беше некогаш. Неизбрусена и со ситна несовршеност или недовршеност понекогаш, и со печат на минатост, каква што е во суштина и Хавана во Вендерсовиот филм. Можеби малку приземјена, но со една неповторлива патинeста убавина и достоинство. Како еден последен блесок – и еден добар поглед, или една buena vista, каква што беше – на една култура и општество што ќе бидат избришани и заборавени во не толку далечната од денес – пост-Кастровска иднина.
Послушајте ја – додека е сè уште со нас.

“Buena Vista” извадоци
прочитајте уште еден осврт за Buena Vista

превод: Петар Волнаровски

АвторКевин Шопленд
2018-08-21T17:22:05+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 14|