Песната на создавањето и пресоздавањето…

/, Литература, Блесок бр. 13/Песната на создавањето и пресоздавањето…

Песната на создавањето и пресоздавањето…

За скулптурата на Томе Серафимовски

#2 Залуден е обидот да се проникне во нередот на ателјето на скулпторот, како што е залудно да се појаснува и хаосот пред создавањето на светот. Но, од каде тоа чувство кај човека, влегувајќи во тоа и такво ателје, да поверува дека влегува во тајните на создавањето? Не е ли тоа некој дамнешен довик на нашата потсвест која не сака да се помири со нас вакви какви што сме? Средбата со скулпторот во неговото ателје прераснува во големо искушение на човековиот страв од средбата со себеси; од илузијата дека присуствува на чин на сопствено пресоздавање!

Уметност која вечно
отима од хаосот …

#1 Хаосот во ова ателје, конечно – како и во сите други, е скратен препис на хаосот и нередот на исконите. Таму, во дамнините, и господ бог светот го создал од ништо: ex nihilo! Па сепак: како тоа од ништо, кога нешто веќе постоело: постоеле хаосот и безобличноста; постоеле нередоти мракот? Како тоа: ex nihilo? Нели хаосот и безбличноста, нередот и мракот, биле божјо исходиште?
Глината во ова ателје е таа магма во која се заробени сите можни, но сè уште невидливи и непостоечки облици. Допрва, од овој неред, ќе се покаже на светлина и некој реален облик. Не сакајќи, влегуваме во некој
скратен препис на исконите и веќе го наслушуваме откликот на гулабицата на Сен-Џон Перс (Saint-John Perse):

… Тие, птиците само,
ни чуваат нешто од песната на создавањето…

#3 Во ова ателје нема да откликне ниедна од тие птици, но, наместо тоа, низ нас ќе продолжи да пустоши некој атавистички страв од нешто кое самите не можеме да си го протолкуваме: можеби тоа е, макар, и најдалечната сличност, помеѓу легендите за хаосот пред создавањето и хаосот на нашето пресоздавање во ова ателје? Неговата светост Создателот, како своја праобјава на создавањето, го осмислил Зборот. Од овие две хипостази, Создателот и Зборот, во облик на дух, полетала и – гулабицата. Птицата го облетала хаосот и со светлина го порабила бескрајот и мракот.
Така започнал чинот на создавањето, но тој чин никогаш веќе нема да престане! Бесконечно умен, создавајќи го Адама и, од него – Ева, а со својата фантазија и имагинација осветлувајќи го мракот и сè друго наоколу, Создателот копнеел песната на создавањето да ја пеат сите потомства Адамови и низ сите времиња. Создавајќи го светот, на потомствата Адамови, Тој им ја остави и материјата, со нејзината иманентна енергија, која бесконечно да се пресоздава од облик во облик, а човекот го облагороди со творечка дарба за тој да го продолжи Божјото дело – низ пресоздавање, зашто вечноста а приори е непостоечка и конзервативна: „Севкупната уметност е игра со хаосот; таа сè поопасно му се приближува и од него отима сè пошироки сфери од душата. Доколку во историјата на уметноста постои некаков напредок, тој се состои во постојаниот пораст на тие од хаосот одземени нешта… “ – ќе рече Арнолд Хаузер.

Камениката е мој цвет
зашто го разурнува и каменот…

#4 Томе Серафимовски тргнува од интуитивното осознавање како имплицитна составка на метафизиката на творечкиот чин, но и на скриените својства на материјата. Тоа е негово темелно естетско стојалиште преку кое онтологијата на создавањето е антиципирана во онтологија на пресоздавање, како траен творечки чин кој постојано ја буди материјата и го возобновува нејзиниот флуид таа да се пресоздава во сè поинакви форми.
Во поднебјето во кое се остварува Серафимовски – човекот е негов творечки архетип. Не човекот „сенка на сенките“, туку оној вдахнат и предодреден да им се предава на духовните пориви; човекот, преку чија судбина поинаку тече светлината низ времето. Тој и таков човек е и заробеник, но и соговорник во творечкиот импулс на Томе Серафимовски, полн со достоинства и непомирливост; со беспомошност, грижи и страв; но и со големи надежи во – пресоздавањето! Тој и таков континуитет на постојана возобнова, антиципира став кон нешто поново и, во исто време, нешто – поинакво. Тоа е облик на историско паметење, заробено во пластичните слоеви на неговата бронза или на мермерот. Кај Серафимовски, човековата душа и тело се метафора над сите метафори. Тоа како да доаѓа да го потврди ставот на Вилијам Карлос Вилијамс (William Carlos Williams) според кој:

Луѓето и каменот
единствено ќе ги помири
метафизиката. И ќе ги состави.
(И не во мислите
туку во нештата). Таа открива!
Камениката е мој цвет
зашто го разурнува и каменот…

Метафората-знаме на интуитивното осознавање: камениката го разурнува и каменот!

Предел на достоинствени и строги,
обезнадежени и меланхолични луѓе…

#6 Две околности се од суштинско значење во формирањето на скулпторот Томе Серафимовски: неговото ликовно образование и ликовната традиција во Македонија. Ликовното образование го започнува во Сплит за да го продолжи на ликовната академија во Загреб, авторитетен центар на европската скулпторска класика и, во исто време, репрезентативен центар на монументалниот стил. Иван Мештровиќ а, потоа, и Антун Аугустинчиќ, имаат свое високо место во историјата на монументалната пластика. Уште во процесот на своето формирање, Серафимовски беше упатен во естетскиот лајтмотив на својот професор Аугустинчиќ: „Делото на скулпторот има единствено појаснување во архитектониката на скулпторската маса од која е создадено; над тој принцип не постои никаков повисок принцип за уметноста на скулптурата!
Во тоа прецизно и строго естетско стојалиште нема место за сентиментални симулации, за метафизички и мистички лавирања. Тоа е принцип подеднакво оддалечен и од симболичките и од архаичките стилизации. Безмалку – катехизам!
#7 Таму, во Загреб, Серафимовски можеше, со своја рака, да ги допре и лицето и рацете на библиските пророци и на евангелистите, да ги допре и Оплакувањето и Благовести и Христовото распетие на Иван Мештровиќ. Допирот со циклусот библиски теми на Мештровиќ, моделиран со подеднаква и лирска и драмска експресивност, не можел да остане без логичкиот мимезис во кој иманентно е содржана и Платоновата „сенка на сенката“, но содржана е и потенцијална можност за една помодерна инструментација и поосовременета порака. Тоа подоцна јасно ќе се согледа во творештвото на Серафимовски. Библискиот круг на Мештровиќ, не е можно да се заобиколи, барем како мотивска иницијација, во развојот на Томе Серафимовски.

АвторАнте Поповски
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 13|