Неандерталско свирче

/, Литература, Блесок бр. 09/Неандерталско свирче

Неандерталско свирче

Додека Идеолозите повторно проповедаат дека Историјата заврши, повторниот поглед кон нејзините почетоци би можел да се покаже корисен.
Свирчето што беше пронајдено кај праисторискиот (екскавација) локалитет близу до Идрија не го привлече вниманието што вистински го заслужува. Ако тоа навистина е свирче и ако навистина му припаѓало на Неандeрталец, ова откритие поседува метафизички димензии. Ова се разбира зависи од тоа која Метафизика ќе се одлучиме да ја употребиме. После Диркем стана познато дека преку тотемизмот, религијата и метафизиката ние всушност сакаме да ги уредиме нашите општествени функции, па затоа никој не би требало да бара вистина и лага во метафизичките расправи. Наместо тоа, нашето внимание би требало да се фокусира на нивните практични ефекти. Ако не ги произведеме, другите ќе ги испробаат врз нас.
„Крајот на историјата“ на Фукујама цврсто се заснова на духот на јавноста во неговата сегашна состојба на нео-либерална окупација. Дерида го демаскираше како задоцнет следбеник на Александар Кожев, како последица на тоа што се знае дека Кожев работел на високи позиции во Европската интеграција во својата доцна возраст, додека во младоста се декларирал како конзервативен – десно ориентиран марксист. Во тоа време тој исто така верувал дека Хегел може да се коригира во само една насока: Хегел мислел дека го видел духот на светот (светскиот дух) како јава на коњ во ликот на Наполеон, додека Кожев инсистирал дека тоа всушност бил Јосиф Сталин. Подоцна Фукујама бил убеден дека Крајот на Светот всушност се случил во Јапонија. Ова всушност доста добро соодветствува едно со друго: во денешно време сталинизмот доста добро може да се набљудува на CNN секој ден, додека јапонизацијата се открива себе си како напредната фаза во развојот на капитализмот – се разбира, со забелешката дека расните разлики сè уште успешно ги маскираат маневрите на класната борба. Додека Идеолозите повторно проповедаат дека Историјата заврши, повторниот поглед кон нејзините почетоци би можел да се покаже корисен.
Би можеле да ја превземеме метафизичката основица од Жорж Батај, колега на Кожев и негативен хегелијанец. Него исто така го привлекуваше Неандeрталецот – тој сакаше да открие зошто бил потиснат од Кромањонецот. Така, на дарвинистички начин, тој се запрашал кои биле предностите што ги поседувал Кромањонецот. Неандерталецот го познавал огнот и бил „тоол-макинг анимал“ („животно кое што прави орадија“, прим. прев) како Човекот. Неандeрталците ги закопувале своите мртви и го познавале симболичкиот регистар – повторно никаква предност на Човекот. За Батај, едното оди со другото: секој кој работи доаѓа во допир со смртта, зошто смртта ненадејно ја окончува тегобноста на трудот. И не само за поединците од обата пола – дури уште повеќе за нивните заедници: општеството кое што се темели на работа мора да се осигура дека ништо нема да ја попречи неговата репродукција, дури и кога поединците од двата пола умираат како муви во тој процес. Тогаш општеството е принудено да измислува традиција, образование – севкупниот симболички регистар, зачинети со култот на смртта. Општествената репродукција преку трудот, заедно со репродукцијата на човековиот род преку сексот, ги турка работниците, производителите, да се соочат со прашањто на смртта. Поентата на Батај е следната: ова спротивставување е сосема негативно од страната на трудот. Оној кој само работи неможе да се придвижи понатаму од самиот факт на смртта.
Кромањонците не биле само работници, не ги закопувале само своите мртви, Кромањонците исто така ги сликале внатрешните ѕидови од нивните пештери. Нивната еволуциона надмоќ над Неандeрталците била дека тие биле уметници: можеле да ја победат смртта бидејки знаеле неа да ја замислат и да ја прикажат.
А сега со ова откритие во Идрија, Неандeрталецот, се претпоставува, бил музичар. Тој веројатно ја создавал најсуптилната од сите уметности – онаа што не е миметичка, онаа која според Леви-Строс е монопол на Човекот. Не многу подолго од времето на Дивџе Бабе, митот на Батај мора да биде ревидиран. Можеби, во тој поглед: Неандeрталецот всушност бил нежно и чувствително суштество кое го поминувало својот краток живот напорно работејки, обожувајки ги со почит своите Претци, почитувајки ја Природата и сакајќи го својот Сосед. И кога му било тешко во животот, тој го земал своето свирче, а неговата меланхолична мелодија одѕвонувала преку ридовите над реката Идрија. Тогаш, според Батај, долу во дното на долината, се појавила нова орда: агресивна, егоцентрична, арогантна – дошле луѓето.
Можеме само да претпоставуваме како се одвивале работите после тоа. Знаеме како сето тоа се заврши: неколку скаменети коски и свирче е се што остана од Неандерталецот. Човештвото ја освои планетата и ја забрзува нејзината деконструкција. Лесно може да се замисли Неандeрталецот кој гледа вчудоневиден во својот народ, извлекувајки го очигледниот заклучок: „Јас си одам одовде!“ Тој го зема своето свирче и се губи засекогаш во темнината – заедно со неговата мелодија.
Мелодиите на Неандeрталецот никогаш повеќе нема да бидат слушнати, но неговото свирче јасно говори. Неговата музика тешко може да се чуе од повратниот оган на јавната вулгарност. сè уште е сосема исто како што било таа вечер во долината на реката Идријца, само што ордата е многу побројна и посилна. Сега ордата има нови шамани – сега имаме над-бискупи; таа има нови воини – Заменици Претседатели на Републиката; нови технологии – постојат планови за нови затвори наместо старомодните столбови за мачење; експлоатацијата повеќе не се спроведува со камен во раката – сега електрониката го осакатува телото и умот, сега оружјето се пушките на НАТО а не стапот и камената секира. Ордата е нова, дива и поуспешна. Свирчето останува исто: тивко и безпомошно. Се соочува со истребувањето – исто како пред 400 векови.

Младина, април, 1997

Превод од словенечки: Антоанела Петковска

АвторРастко Мочник
2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 09|