Сопствена соба: субверзија и заведување

/, Блесок бр. 06, Литература/Сопствена соба: субверзија и заведување

Сопствена соба: субверзија и заведување

или: Жена со многу глави

1. Вирџинија

Во октомври 1998 година се навршуваат седум децении од оној октомври во 1928-та кога Вирџинија Вулф тргнала на кратко патување до Кембриџ, за да ги одржи своите две предавања за „жените и романот“ пред женската студентска публика во колеџите Њунам и Гиртон. На првото предавање таа патува во Кембриџ во придружба на нејзината сестра, сликарката Ванеса Бел, внуката Анџелика и Вита Секвил-Вест, нејзина интимна пријателка, и самата автор на неколку романи-бестселери, инаку модел за главниот лик на еден од најуспешните романи на Вулф, Орландо. На вториот настап во женските колеџи, Вирџинија е придружувана од нејзиниот сопруг, Леонард Вулф.Тие две предавања ќе бидат костурот на брилјантниот есеј Сопствена соба, кој Вирџинија ќе го доврши непосредно потоа, со огромна брзина во текот на поголемиот дел од осумте недели поминати во болнички кревет во февруари и март 1929. Ако двете предавања во Гиртон и Њунам по својата суштина и околностите во кои се случиле претставуваат силна и автентична јавна изјава во корист на феминистичката „борба“ во годината кога жените во Англија конечно го добиваат правото на глас, есејот Сопствена соба мора да се гледа не само како феминистички памфлет, туку и како големо класично дело на феминистичката критика кое ја трансформира политичката стратегија во текст што ѝ дава глас на вистинската женска „различност“ – различност која долги години и векови била осудена на тишина.
Во 1928-та Вирџинија Вулф има четириесет и шест години, и по објавувањето на романот Кон светилникот во 1927 е веќе прочуен, иако не многу популарен автор. Објавувањето на Орландо во 1928 го следи голем (и неочекуван) успех: до декември истата година романот е продаден во 7000 копии и го доживува третото издание. Томас Стернз Елиот ја цени Вирџинија Вулф мошне високо во својот есеј за англиската книжевност во влијателната Nouvelle Revue Française се појавуваат првите преводи на француски од Шарл Морон; таа ја добива и единствената награда што воопшто некогаш ја прифатила – Femina-Vie Heureuse за романот Кон светилникот, – награда од чие прифаќање Вулф прави повторно јавна политичка изјава, со оглед на фактот што таа не доаѓа од институција востановена во патријархалниот општествен ред (чии пак признанија, редовно ги одбивала), туку од институција што припаѓа на „маргиналните“, женски облици на општествено организирање.
Фотографиите на Вулф од тој период покажуваат еден лик кој е далеку од оној познат лик на екстремна сензибилност и ранливост фиксиран со најпознатите рани фотографии на Вирџинија Стивн направени од Бересфорд. Во 1927/28 година, Вирџинија ја фотографира големиот Ман Реј, човекот кој се специјализирал во претставување на најважните имиња на модерната култура: Џојс, Елиот, Гертруда Стајн, Хемингвеј, Бретон… Дозволувајќи му на Ман Реј да ја потенцира нејзината социјална „персона“, на тие фотографии Вирџинија Вулф покажува неколку различни лица: лице на професионална жена со јасно нагласен социјален статус чија некогашна „сонлива“ убавина се претвора во комбинација од сензибилност и решителност; или пак лице што потсетува на Обри Бердсли, лице на суптилна сексуална двосмисленост, што, се разбира, го евоцира „симболичкиот“ Орландо на сличен начин како и фото-портретите на Вита Секвил-Вест. Присуството на аристократката која пишувала бестселери (и била позната по сафистичките афери и градинарската виртуозност) во истите фото-сесии на Ман Реј, како и на првото предавање на Вулф во Њунам и Гиртон, во самото средиште на вековната патријархална култура на Кембриџ, е повторно една суптилна „јавна изјава“ на авторот наСопствена соба.
Есејот Сопствена соба веќе седум децении, како што забележува Кетрин Стимпсон, ја „снабдува“ феминистичката критика со материјал за анализа. И самиот обид историски да се контекстуализира текстот од стотина страници распореден во шест глави, (текст кој сепак нужно влегува во редот на најбескомпромисни феминистички пропагандни текстови – од оние на Милисент Герет Фосет во средината на Викторијанското доба па сè до освојувањето на правото на глас во 1928) отвора пат кон толкувањето на неговиот сложен сплет на значења. Тој сплет на значења во есејот јасно констелира околу два центри: едниот е бравурозната и систематска субверзија на машката доминантност во патријархалните јазици на културата, а вториот е проблематизирањето на односот помеѓу полот и писмото и, консеквентно, отворање на патот кон текстуализираната женска
имагинација.

АвторМаја Бојаџиевска
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 06, Литература|