За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

/, Критика, Литература/За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

За значењето на несвесното и за силата на имагинацијата

– во расказниот свет на Витолд Гомбрович и Александар Прокопиев –

Современите проучувања укажуваат на фактот дека во светот на човечките вредности, сè претставува знак; всушност и самиот човек е знак и сиот негов живот се одвива низ транспарентни значења добиени како резултат на некои реални или несвесно потиснати желби. И ако толкувањето на знаковната култура е најважниот предуслов за човековото постоење, тогаш прифаќањето на двослојната природа на значењето – онаа латентната, неструктурираната и свесната, структурираната – не ќе биде ништо друго освен резултат на една интерференција меѓу површинската структура и длабинската „неструктура“. Но, да го кажеме истово на еден поедноставен начин: кога, веќе, станува збор за семиологијата како наука за значењето, не треба да се превиди можноста за постоење на два паралелни света: рационален и ирационален и – истовремено – на две паралелни значења, оти за еден херменевтички тип на анализа секое новооткриено значење може да се употреби како знак за некое друго, уште подлабоко и позависно од првото. Оттаму, во епистемологијата на вербалните уметности како логички однос меѓу делот и целината, се јавува односот литературен знак – референт кој во една метонимиска смисла на зборот, ја отсликува релацијата литературно дело – свет. И токму тие: материјалниот свет од една и фиктивниот универзум на литературното дело од друга страна, ја воведуваат во игра мотивираноста на знаците и ја реализираат врската меѓу множеството ознаки и множеството означени. Во овој процес на пренесување на значењето од пониското денотативно, кон повисокото конотативно рамниште на текстот, амбигвитетната суштина на лингвистичкиот знак – чија моќ да произведе означено кое, во улога на знак, повторно продуцира нови означени – говори за чудесната магија на зборот, а ние се враќаме на почетокот од овој circulus vitiosus: префрлени од рамништето на кодот во многузначното рамниште на херменевтиката, доаѓаме во контакт со семантичките трансформации, па по принципот на замена на семата во архисема, го креираме новото значење на зборот во длабинската структура на уметничкиот дискурс.
Но, бидејќи во едно литературно дело сè, впрочем, е релација – бескрајна игра на елементите – се поставува прашањето дали значењето на она што се одигрува како одраз на процесите од реалниот свет, би можеле да го побараме во некоја „мета-структура“?
Едно е сигурно: без оглед како му приоѓаме на литературниот текст – дали како на некој глобален знак, мотивиран, иконичен и полисемичен, или како на тоталитет со свои семантички трансформации – неговата интерпретација и интерпретацијата на тие семантички трансформации, неизоставно, отсликува значење (во примерите на постмодернизмот дури и отсуство на смисла) но, бездруго – како резултат на играта меѓу експлицитните значења на кодот и имплицитните значења на херменевтиката – неопходна е потребата од еден инваријантен модел, од една матрица со која ќе се обидеме да ја уредиме дисјунктивната логика на литературното дело.
Примерите што во продолжение ќе ги илустрираат овие искажувања се однесуваат на расказите Девственост и На споредните скалила од полскиот писател Витолд Гомбрович1F и на Делфинот и Слово за Змијата од истоимената книга раскази на Александар Прокопиев2F.

1. За формата и суштината и за епистемолошката компонента во поетиката на Гомбрович

Секој автор се движи во рамките на својата епистема, поточно – во една глобална структура од хиерархиски подредени знаковни системи, кои не се ништо друго ами резултат на неговата индивидуалност и на општеството на кое му припаѓа. Таа лична епистема управува со комбинациите – ја образложува автентичноста на нивното појавување – а нејзината општествена и историска составка во улога на заедничка имплицитна сема, се јавува како иманентен дел на актуелната општествена стварност. Затоа, кога станува збор за нечија уметничка продукција, неопходно е да се има предвид односот автор – свет и сите парадигми кои произлегуваат од него.
Сепак – се чини – ќе биде необично тешко да се стави под објектив уметничкото дело на човекот кој не се стеснувал да изјави дека критиката, исто како и пишувањето, не треба да биде псевдонаучна ами уметничка, „напрегната и вибраторна како она за кое зборува – оти во спротивно, таа ќе изгледа само како испуштање на гас од балон3F“. Затоа, секоја тенденција управена кон аналитички пристап на еден прозен дискурс (во кој дури и „инфантилната сексуалност“ на авторот се манифестира како предмет на неговиот сензибилитет) се чини оправдана, оти – за да се проникне во уметничкиот јазик на авторот и во неговиот индивидуален систем од вредности, потребно е тие да се разложат на нивните составни делови. Од овие причини, ќе се обидам да укажам дека постапката на проникнување во „зборот“ и во процесот на означувањето кај полскиот писател Витолд Гомбрович, не ќе изгледа само како“ испуштање на гас од балон“.
Движењето по линијата на асоцијации – постојаната потрага по „вистинската шифра“, по оној возбудлив и таинствен творечки елемент притаен во најдолните слоеви на авторовиот идиолект – ја буди нашата претстава за извесни знаци и симболи, со кои изобилува расказниот свет на Витолд Гомбрович. Но, колку и да изгледа, на прв поглед, спонтано неговото сочинение – „фантастично“ и интуитивно неговото пишување – сепак преовладува чувството за еден строго утврден „систематизам“ кој ја навестува борбата меѓу внатрешната логика на неговото дело и несвесната парадигма на неговата природа; запрашан, дали е делото само претекст за авторовото искажување, или е авторот претекст за сопственото дело, самиот Гомбрович одговара: „од тоа кошкање ќе се роди нешто трето, нешто средно, нешто што изгледа како да не сум го напишал јас, но сепак мое – кое не е ниту чиста форма, ниту мој непосреден исказ, ами деформација родена во сферата помеѓу: помеѓу мене и светот4F“.
Ќе сопрам сега тука, на оваа негова изјава и ќе се обидам да ја редефинирам логиката на неговото искажување; таа ме уверува дека односот „јас“ и „светот околу мене“, лесно може да се транскодира во веќе познатата опозиција природа – култура како јасен показ за спорот меѓу две основни тежнеења: едното настојува да се реализира во форма, а другото се опира на тоа настојување – оти, природата не е нешто што без остаток може да се затвори во форма, а пак оваа – директно зависна од комплексот норми кои варираат од една до друга општествена структура – „не е согласна со суштината на животот“, смета Гомбрович. Аналогно на ова искажување произлегува следново: индивидуалното и спонтаното – она што ѝ припаѓа на Природата, не е во согласност со атрибутите на Културата, оти универзалното и конвенционалното го исполнуваат системот на општествените вредности. Но, дали е навистина толку строга границата меѓу Природата и Културата во уметничката продукција на овој писател?
Одговорот на ова прашање ќе се обидеме да го побараме во неговите раскази, но пред да преминеме на нивните содржини, ќе истакнеме уште нешто: Гомбрович во нив не раскажува никаква приказна ами, на особен уметнички начин, открива еден свет создаден под притисок на Културата кој не само што се свртува против ликовите, ами и ги принудува да ја отфрлат формата и да му се вратат на индивидуалното несвесно. Затоа, со право може да се каже дека антагонизам што се исчитува во двата негови расказа, всушност, произлегува од дисхармонијата меѓу Природата и Културата, меѓу суштината и формата.
Но, не само што го толкува човечкиот универзум и неговите вредности, препуштајќи им ги епистемолошките дилеми на своите ликови, Витолд Гомбрович ѝ го открива на јавноста сопствениот Модернизам. Еве како изгледа тоа.

#b

1. Витолд Гомбрович, Приповетке, Белетра, Београд, 1989.
2. Александар Прокопиев, Слово за змијата, Македонска книга, Скопје, 1992.
3. Витолд Гомбрович, Дневник I, Београд, 1985, стр. 153.
4. Исто, стр. 155.

АвторАнгелина Бановиќ-Марковска
2018-08-21T17:22:16+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 03, Критика, Литература|