Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

/, Блесок бр. 08, Литература/Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Книжевно-историските состави во македонската средновековна литература

Во жанровскиот систем на средновековната литература, историско-летописните текстови се изделуваат како посебен книжевно-историски жанр, со специфична изразна форма, создавани и моделирани во тесна зависност од степенот на историската информација.
Определувајќи ја категоријата книжевен жанр како историска категорија, Д. С. Лихачов истакнува дека за литературата ниеден жанр не е „вечен“, бидејќи низ времињата се менуваат принципите на изделувањето на одделните жанрови, нивните видови, карактери и функции1F. Изделувањата на Лихачов за меѓусебните односи на литературните жанрови претставени врз материјал од старата руска литература, можат да се применат и на старата словенска литература, бидејќи се формулираат типолошките особености на жанровскиот систем карактеристични за целиот старословенски простор. Како главна основа за изделувањето на жанрот во старословенскиот период била темата или предметот на кој му било посветено делото, што од своја страна доведувало до нејасно разликување на одделните жанрови. Книжевните (структурно-композициски) признаци на самиот жанр при неговото разграничување не играле голема улога. Нивното постоење и опстојување во старословенскиот период во голема мера зависело од нивната примена во практичниот живот, што не одговара на современата определба на книжевниот жанр. Поради тоа, жанровите во средновековниот период се определуваат како рефлексии на начинот на живеењето, на секојдневниот живот и навиките2F. Појавата или исчезнувањето на одделните жанрови е процес што се сврзувал со објективните потреби на средновековната феудална држава и општествен поредок, а во врска со тоа се определуваат и функциите што требала да ги исполнува самата литература. Социјалните и политичките услови карактеристични за феудалниот општествен поредок биле важни фактори и во процесот на определувањето на формите, содржините и насоките во развојот на македонската историографија. Темповите и спецификата на овој општествен процес, ја определува и хиерархиската подреденост на одделните литературни жанрови.
Жанровите се разликуваат и според нивната намена во сферите на црковниот и световниот општествен живот. Така, присутна е општата поделба на средновековната книжнина на духовна (црковна) и на световна (профана). Официјалната старословенска книжевност се развила токму од овие два жанровско-тематски правца: во духовно-религиозна, литургиска и световна насока3F. Така на пр., според својата намена, словата се говореле во црква, житијата се читале во различни околности, а биле непосредно сврзани со црковното богослужение и манастирското правило. Формирањето, пак, на световните жанрови било исто така потчинето на практичните, деловните потреби на општеството. Под влијание на официјалната преписка се јавуваат разновидни писмовници, писма и посланија; понатаму се јавуваат разновидни патеписни жанрови („хождение“), разновидни акти на државната управа итн. Но, и самата црква, од своја страна и за свои потреби, ја воведува практиката на пишување хроники и летописи, записи и писма од нерелигиозна природа.
Жанровите не никнувале случајно, според волјата на нивниот автор, туку настанувале според барањата на нивниот нарачател – црквата или официјалните световни власти (владетели, болјари), и биле наменети за определен адресат. Секој жанр имал своја традиционала, разработена физиономија на автор, писател или изведувач. Во средновековниот период жанровите одразувале колективен поглед на свет, колективни чувства. Своја физиономија на интерпретатор имал житијниот жанр, различна од физиономијата на авторите на летописните состави, историските проповеди итн.
Уметничката замисла на делото не тежнеела кон истакнување на авторовата индивидуалност. Традиционалната физиономија на авторот, како и традиционалниот уметнички израз, го насочувале читателот или слушателот во определен правец. Тоа од една страна означувало отсуство на неочекуван лик, на неочекувана стилска постапка, што водело кон стереотипност, но од друга страна читателот или слушателот имал јасна претстава во кој правец ќе се одвива раскажувањето. Поради тоа и се јавувале опширни наслови со кои на читателите им се објаснувал предметот на раскажувањето кој се одвивал во рамките на традицијата, којашто добро им била позната. Ваквите наслови, употребувани во заглавијата на определени творби: житие, слово, канон, служба, повест, сказание, давале извесна ориентација во старословенскиот жанровски систем. Но, во многу случаи тешко е да се определи до каков степен извесното наименување има жанров карактер. Во одредени случаи доаѓало и до спојување на неколку жанровски ознаки во називот на делото: „сказание и беседа“, „житие и дејание и хождение“, „повест и писание“ итн., што укажува не само на колебањето на пишувачот каква ознака да избере при определувањето на делото, туку ваквото спојување понекогаш било резултат и на тоа што во старата литература книжевните дела навистина спојувале во себе неколку жанрови. Врз судбината на многу називи на старословенските жанрови може да се следи процесот како ознаката на предметот на раскажување постепено ги стекнувала сите оние книжевни обележја со кои тој предмет бил сврзан според средновековната книжевна етикеција, па дури тогаш се претварал во жанровска ознака во вистинска смисла на зборот4F. Поради тоа, се определуваат три класификациски принципи применливи врз книжевните состави: структурно-композициски, функционален и тематски5F, кои според својата суштина стојат најблиску до нивната поделба по вид и содржина.
Развојот на жанровскиот ситем во средниот век се развивал и под влијание на развојот на обредот, церемонијалноста на книжевноста, а и во зависност од зголемените интелектуални интереси на средновековниот автор и читател. Претставниците на владејачката феудална класа исто така истапувале со свои барања пред книжевниците, коишто го креирале книжевниот процес, што од своја страна претставувало практичен поттик во процесот на формирањето на нови жанровски форми. Жанрот во старата литература се определува не само како книжевна, туку и како вонкнижевна појава врзана за определена употреба во црковниот и политичкиот живот и поредок. Општествените појави и идеи се рефлектираат во целата книжевност истовремено, но промената на стилот го тангира секој жанр посебно. Книжевните жанрови во старата литература во значително поголема мерка се сврзани за одредени типови стил, за разлика од современите жанрови. Така, постоело единство на стилот на празничните слова, на летописите, хронографите и др., иако во границите на секој жанр можат да бидат забележани индивидуални црти на сопствен книжевен развој. Можно е да се забележи и различен однос во третманот на уметничкото време во раскажувачката литература и во летописот, па дури и различен однос во границите на секој жанр спрема решавањето на некои прашања сврзани со средновековната филозофија и поглед на свет6F. Постојаната поврзаност на книжевните и некнижевните појави го забрзувала развојот на книжевното творење. Овој спој и судир на двете тенденции како карактеристична појава, може да се види во процесот на оформувањето и натамошниот развој на историско-летописниот жанр.
Средновековните историски состави, летописите и хрониките, имаат типична средновековна форма, која произлегува од нивниот литерарен карактер. Затоа нив не ги согледуваме како научни творби. Во основата на средновековните хроники и летописи влегува разновиден материјал: писмени сведоштва со историски и литературен карактер, легендарни раскази, народни преданија, лични впечатоци и сл. Ваквата содржина го потенцира нивниот историски, а воедно и литературен карактер. И покрај тенденцијата за докуметираност во излагањето, хроничарите во крајна линија создаваат дела како некомплетни историски документи, бидејќи самите се наоѓаат под влијание на одредени верски и политички убедувања, па настаните ги проследуваат со субјективно проценување и сопствен коментар. Авторите на книжевно-историските творби во средновековниот период не прават научни анализи на причинско-последичните врски, што би ја условиле дејствителната стварност и текот на настаните. Тие, од своја страна се служат со познати постапки од раскажувачката литература – описи, дијалози, компарации, потпаѓаат под силни емотивни изблици, со што се намалува објективната оценка на дејствијата. Затоа и велиме дека во средновековниот период всушност се создаваат историски раскази со литературна вредност, а не вистински научни творби, бидејќи периодот не бележи оформено научно-историографско мислење. Оформеноста на историско-летописните состави и хрониките, како средновековен жанр, се менува во согласност развојот на историографијата како општествено сознание и уметничката литература, воопшто.

#b
1. D.S.Lihachov, Poetika stare ruske knjizhevnosti (preveo D.Bogdanovikj), Beograd 1972, str.51.
2. D.S.Lihachov, Poetika…, str. 60.
3. Катица Ќулавкова, Континуитетот на македонската книжевна историја– (некои книжевно-историски и теориско-методолошки соочувања), Книжевен контекст, 1, Скопје 1995, стр.36
4. D.S.Lihachov, Poetika… , str. 55-56.
5. Красимир Станчев, Стилистика и жанрове на староблгарската литература, Софиа 1985, стр. 58.
6. D.S. Lihachov, Poetika… , str.69-70.

АвторМаја Ј. Тошиќ
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 08, Литература|