ТРАУМАТА КАКО КОРЕН НА СЕНТИМЕНТАЛНИТЕ ЕГЗЕКУЦИИ

/, Литература, Блесок бр. 147/ТРАУМАТА КАКО КОРЕН НА СЕНТИМЕНТАЛНИТЕ ЕГЗЕКУЦИИ

ТРАУМАТА КАКО КОРЕН НА СЕНТИМЕНТАЛНИТЕ ЕГЗЕКУЦИИ

   (Кон Авантурите на лошото девојче од Марио Варгас Љоса, Скопје: Три, 2021)

Болката неретко е извор на женското искуство и катализитор на менталното здравје, и тоа не само физичката болка низ корпусот на родово базираното насилство, туку и емоционалната траума која се вгнездува во личноста и потоа се манифестира во различни фази низ животот. Непосредно по читањето на романот Авантурите на лошото девојче од нобеловецот Марио Варгас Љоса се вљубив во книгата, исто како што главниот протагонист Рикардо се вљубува во малата Чилеанка Лили, која менувајќи ги своите идентитети како чорапи четириесет години му откинува парчиња од срцето секогаш кога ненадејно ќе се појави во неговиот живот. Лошото девојче во скромно фустанче, од сиромашниот дом во Перу, преку револуцијата во Куба, низ монденскиот Париз, хипичкиот Лондон и софистицираното Токио, својот живот ќе го заврши во Мадрид, како болна, преморена и трауматизирана педесетгодишна жена во прегратките на својата љубов.

Авантурите на лошото девојче е роман со многу слоеви. Првиот е оној кој го лупиме за да откриеме дали љубовта којашто е невозвратена и сурова може да има среќен крај, вториот слој е политичкиот, замрсен меѓу идеалите на револуцијата и класната борба против сиромаштијата, додека третиот слој е оној за уметноста и културниот естаблишмент. За хипиците, кои од книгите и идеите, центарот на вниманието го префрлија на музиката, почнувајќи од Битлси, Ролингстоунси, Мик Џегер и другите психоделични раскоши на децата на цвеќето. Преку приказната за девастираните политички идеологии, класната борба и гладните деца, стигнуваме до различните форми на отпор, меѓу кои и оние субверзивни изблици низ кои се родија контракултурата, мини здолништата, долгата коса и ексцентричната облека што ги прославија филмските мјузикли како Коса во шеесеттите години. Во овој комплексен роман на Љоса, низ љубовните перипетии и личните трауми, всушност, се преплетува колективната траума, историската нарација од Движењето на револуционерната левица МИР, активистите на Комунистичката младина во Латинска Америка, па сè до периодите кога во мода влегуваат марихуаната, ЛСД-то и фасцинацијата со индиската духовност и будизмот. Во тој временски распон, додека режими и диктатури паѓаат, демократии се создават и деклинираат, единствената константа е љубовта на Рикардо кон лошото девојче Лили, перуанската авантуристка која понатаму во романот се појавува како жена под различна маска. Лошото девојче својата идентитетска трансформација ја минува еднаш како герилка од Чиле, потоа како манекенка од монденскиот Вог, убава и кокетна жена на француски дипломат, љубовница на англиски бизнисмен и најпосле како сексуална робинка на јапонски мафијаш.

Имено, низ нарацијата на романот Авантурите на лошото девојче, Марио Варгас Љоса критички ги промислува слободната љубов, моногамијата, хомосексуалноста, буржоаскиот естаблишмент, хедонистичкиот живот на богатите класи, анархистичкиот пацифизам на младите луѓе и откажувањето од традиционалниот морал. Во овој роман тој не ја критикува само политичката платформа и историјата како крвава месарска крпа, туку создава и ментални премрежиња на ликовите, длабоко заривајќи ги ноктите во комплексните психолошки состојби на осамениот човек и трауматизираната жена. Низ ликот на главната хероина препознаваме порив да се отфрли потеклото како тетоважа, сеќавањето за родната земја и бројните грди спомени од сиромаштијата, расизмот, дискриминацијата и омаловажувањето. Нејзината трансформација во Отилита (или другарката Арлет, мадам Робер Арну, мисис Ричардсон, Курико…) сонува за тоа што го нема, борејќи се да се ослободи од товарот да се биде ќерка на готвачка и градител на насипи. Нејзиниот живот претставува клаустрофобично бегство од бруталното детство во Перу, поимајќи го домот како стапица, затвор и проклетство. Главната хероина, всушност, поминува низ сито и решето и презема опасни ризици сè додека не се претвори во студена, бездушна и сурова жена. Оставајќи парчиња од својата кожа и длабејќи рани по телото и психата, цената што ја плаќа за нејзиниот нов статус и нов идентитет е премногу висока. На вљубениот Рикардо совршено му е јасно дека нејзините бракови се чиста формалност, стапица за богатство, и иако тој гори од љубомора, сепак ја сожалува додека ги замислува сите кревети и мажи низ кои таа морала да мине. Кога лошото девојче циклично му се враќа, овој пат како триесетгодишна жена со друго име и презиме, тој вели: „Тоа беше вторпат да водиме љубов, сега на полна дневна светлина што во млазови влегуваше низ широкиот прозорец на покривот, од каде што неколку гулаби љубопитно нè набљудуваа, голи и прегрнати на душекот без чаршаф. Нејзиното тело се чинеше санта мраз кога моите раце ја милуваа по половината, рамењата, и запираа на цврстите гради со набабрени пупки. Остана мирна, пасивна и резигнирана пред тие изливи. Во следните десет дена со Арлет имавме нешто што прилегаше на меден месец. Воопшто не беше заинтересирана за политиката, а особено не за револуцијата. Беше очигледно дека успеала да ја добие герилската стипендија само за да излезе од Перу и да патува низ светот, нешто што никогаш не би можела да го направи на поинаков начин, зашто беше девојка од сиромашно потекло“ (Љоса, 2021: 53). Како што поминува времето, Рикардо се убедува дека тајната на среќата и мирот е да умееш да го одделиш сексот од љубовта, телесното од духовното. За жал, не му успева. Агонијата на исчекување да ја види, како и бројните прашања што му се вртат низ главата за тоа дали го задржала оној дрзок став што толку го привлекува, не запираат. На следната нивна средба лошото девојче е веќе возрасна жена, уверена дека животот е џунгла во која успеваат само најлошите.

Имено, низ оваа љубовна приказна, Марио Варгас Љоса прави одлична паралела со автентичното бунтовништво, социјалната неправда, тешкиот живот и болката на сиромашните луѓе, наспроти позерскиот идеализам на хипиците. „Голем дел од хипиците потекнуваа од средната или високата класа и нивното бунтување имаше семејно потекло, насочено против уредниот живот на нивните родители, против тоа што го сметаа за лицемерство, против нивните пуритански обичаи и социјални фасади зад кои ги криеја својот егоизам и недостигот на фантазија. Беа симпатични нивниот пацифизам, натурализам, вегетаријанство, нивното горливо барање духовен живот што би го истакнал отфрлањето на материјалистичкиот свет, истрошен од класни, социјални и сексуални предрасуди. Нивната филозофија не беше заснована врз мислењето и разумот, туку врз чувството, филингот“ (Љоса, 2021: 89). Наспроти презирот на хипиците кон индустрискиот свет и, генерално, овој вид на бунтовништво, надвор од ригидните рамки на културните провривања и движења за слобода, Љоса маестрално го опишува мачниот живот на сиромашните луѓе во Перу. Неправдата станува уште понагласена преку болните последици од садо-мазохистичките релации на ликовите, сексуалните злоупотреби на жената и трауматските искуства кои се провлекуваат низ романот.

Авантурите на лошото девојче е приказна за сите сиромашни девојчиња на светот кои сонуваат за топол дом и убава облека, за сите жени кои сонуваат да бидат повеќе од она што традицијата и патријархатот им го дозволува, за сите госпоѓи кои внатре во себе крварат додека однадвор раскошно кокетираат во високите снобовски кругови на лицемерното општество пред распаѓање. Не е ова приказна за слободните и неверни жени, иако така, на прва, се чита, туку тажна сторија за носталгичните рани по младоста и пропуштените шанси во животот, задлабени во срцата на оние кои си поставиле правила како треба да живеат за да постигнат одреден општествен статус и богатство за кое сонувале – она што во детството им недостигало.

Авантурите на лошото девојче е роман во кој траумата од детството се преоблекува во скапи женски алишта и се трансформира во различни идентитети, не успевајќи да избега од коренот на болката. Секое ново животно поглавје во различен град, носи нова траума. Туморот во вагината на најголемата љубов на Рикардо крвари од емоционалната болка на недостигот. Ужасно тежок. Ужасно прекрасен роман.

АвторАна Јовковска
2022-11-06T12:09:24+00:00 октомври 30th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 147|