BLACKTHORN: Вториот живот во колибата

/, Звук, Блесок бр. 145 - 146/BLACKTHORN: Вториот живот во колибата

BLACKTHORN: Вториот живот во колибата

Пишува: Мехмед Бегиќ

 

 Денови како диви коњи

Годините се немилосрдни речиси кон сè, тешко дека нешто може да ги преживее тупаниците на времето. Па сепак, можам да се обложам во моите најдобри сеќавања дека би те препознал и во најтемната ноќ. Се помирив со тој факт и го гледам како што ја гледам најомилената река, среќен – како кога диви коњи ќе се појават пред нас на ридот. И сè што треба е човек да се препушти и да посматра, да го чува на дланка тој момент, без оглед на тоа колку ќе трае. Галопот е неминовен, сите знаат дека доаѓа и за тоа не одбивам однапред да размислувам.

„Пријателството е она најбитното што човек може да го има. Вреди повеќе од пари, земја, коњи или добиток. Веројатно, пријателството е единственото нешто кое никогаш не го забораваш.“

Историјата има покажано и нема дилема: кога работите не се онакви какви што се чинат, само е прашање на време кога ќе паднат маските за да се појави вистинското лице. Заштитната мрежа на искуството само донекаде го ублажува падот. Цената на таа мрежа е посебна приказна. Поради неа дишеме плитко и нездраво. Имајќи недоверба, секогаш сме подготвени за исход кој можеби некогаш ќе се случи, тогаш кога нештата не се онакви какви што ни се чинат. Можноста за предавство како секојдневие – тоа е бавна болест со смртни последици.

 

Паѓаат капки дожд и ништо не ме загрижува

Во ред е да се заборави сè што сме биле. Има многу комбинации и тие се реални како мисли за нов почеток. Таа мисла се појавува секој пат кога ќе се најдеме пред ѕид, толку висок што не може да се долови бескрајната шума од другата страна. И толку масивен ѕид што низ него не се пробива жуборот на потокот.

Во првите години од дваесеттиот век, Буч Кесиди беше еден од најбараните бандити во Северна Америка. Познат како водач на легендарните банди (Дива орда и Синдикат на ограбувачите на возови), беше баран и од законот и од платениците на големите компании. Пребегна во Јужна Америка, заедно со најдобриот пријател, кого сите го знаеја под името Санденс Кид. Наводно, обајцата се убиени во пресметка со Армијата на Боливија, во 1908 година, во близина на местото Сан Винкенте, во Боливија. Неодамна, истражувачите со модерна опрема ги анализираа останките од телата пронајдени на локацијата каде што, како што тврдеа сведоци, се погребани Буч и Санденс. Не ги најдоа таму.

Потокот сè уште е онаму каде што го замислуваме. Непроменет е, ист каков што го чуваат во спомените од детството. И шумата е таква. Проѕирната вода и високите стебла, рибите и јагулите, птиците и лисиците, сè е токму онаму каде што треба да биде, на возвишението, на патот кон планината. Зад ѕидот преку кој треба да се премине. Таму е црвеникавиот самрак кој нè води во едно ново утро.

 

Поважни од минатото

Сум поминал многу земји. Сум подзапирал онаму каде што ми се чинело дека луѓето се тивки и си ја гледаат својата работа. Онаму каде што се во мир со војните од своите мината. На такви места е лесно да се изгради живот. Тоа се места кои не ги напушташ, ако баш и не мораш. И секаде наидував на чуда на природата. Дури и во пустелиите кои си бараа борење и плускавци. Географијата никогаш ме нема изневерено и многу домови носам со себе на последното патување. Изгори ги моите писма, немој да ги заборавиш научените лекции.

„Понекогаш ми се чини дека во животот на човека постојат само два битни момента: првиот е кога ќе си замине од дома, а вториот е кога ќе се врати дома. Сè друго е само она помеѓу.“

Извесни утра носат промена. Не се случуваат често, на многумина никогаш не им се случуваат. На патот до жуборот на реката под прозорецот на колибата не смее да има препреки. Ниедно прашање не смее да остане без одговор. Да се преврти секој камен, додека се повлекуваш потаму од неонската светлина која ја најавува иднината. Толку добро сме преправени што самите себеси не се препознаваме. Треба да се продолжи животот во многуте. Да се напишат писма, да се довршат збогувањата. Да се одбере животот, постепеното умирање да им се остави на другите. Лесно, како што си го оставил светлото на градовите. Наскоро заедно ќе појдеме во прегратката на ноќта.

 

АвторМехмед Бегиќ
2022-08-31T20:04:54+00:00 август 29th, 2022|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 145 - 146|