Етела Фаркашова – Сценарио

/, Литература, Блесок бр. 145 - 146/Етела Фаркашова – Сценарио

Етела Фаркашова – Сценарио

(извадок од романот)

Влезе во собата понасилно отколку што си замислуваше, раката ѝ се лизна на кваката што се противеше, вратата пригушено зачкрипе, посака да го повлече грубото движење назад, да го укине, не го поднесуваше крцкањето на вратните шарки, сите тие години, децении, ситниците што би можеле да се отстранат, ама кои и наспроти тоа беа сè уште тука, тврдоглаво, ситниците што го правеа животот понепријатен, злонамерните детали, како што вели Војто, кои како само да чекаат да го затекнат човека, да му ги загорчат деновите, злонамерните детали.

Движењето не можеше да се врати, како ни звукот што го предизвика, мажот во фотелјата се сепна, ја подзаврте главата кон вратата, книгата му падна од колената на патосот, а по неа се спушти долу и ќебето што му беше префрлено преку нозете.

Одиш како ветер, промрморе со поспан тон, вистински виор, што толку битно се случува да не може човек ни попладне…

Ништо посебно, се насмевна зајадливо, баш ништо, само ова… му ги втурна в раце отворениот Братиславски весник, овде, добро погледни…

Изненадено се сврте кон неа, одамна го немаше држено тој весник в раце, дали пишува за некој познајник?

Енергично го забоде прстот среде отворената страница, нам на двајцата ни е и тоа како познат, поточно, пишува за непознатите познајници, ајде веќе конечно прочитај, описот го погодиле, сосема прецизно, дури и гардеробата, до најмалиот детаљ.

Мажот се задлабочува во читањето, со очите повторно прелетува низ редовите кои му ги покажа жена му со прстот, молчи.

Некако долго читаш…

Хм, се слуша малку подоцна, значи, овде е сè црно на бело… ако подобро размислам, беше очекувано…

Очекувано, повтори подеднакво зајадливо, сега кажуваш очекувано, го подига тонот, ти се молам, јас го знаев тоа, од првиот момент, веднаш ги проценив, бев сигурна само што ти беше небаре глув и слеп.

Повторно тивко мрморење, а што да се прави, рече, сега е готово, повторно беше во право.

Па, не се работи за тоа дали јас бев во право или не, дофрли, мене најмногу ме лути тоа што ти го игнорираше моето мислење, ти воопшто не ме слушаше мене и одма почна да се договараш со нив, иако јас се противев… толку нешта од самиот почеток беа мошне сомнителни… штом тој најстариот почна да набројува кои сè услуги ги нудат, ѕидање, длетување, вадење на старите дрва, прекопување, поправка на оградите, практично сè.

Мажот замислено ќе кимне со главата и понатаму загледан во весникот.

Што да правиме, праша со повишен глас, би требало да пријавиме во полиција, еве ги повикуваат оштетените… макар што јас не мислам оти тоа ќе ја реши работата, ние самите ги пуштивме нив внатре, не влегоа тие кај нас насилно, се договаравме со нив што треба да направат, доброволно им дадовме капар за материјалот, и тоа не мал… самите подеднакво ја сносиме кривицата… очигледно има повеќемина такви што ги примиле кога веќе пишуваат за тоа и во весниците… штета што дури сега…

Конечно го оттргна погледот од весникот, ја погледна, помирливо како еден од виновниците, можеби дури и полошо, потоа повторно ја наведна главата, знаеш, како заѕвонија и ги дадоа сите тие понуди, помислив каква случајност, зашто јас токму тогаш размислував како да го направам сето она што треба… ти споменав дека со месеци давав огласи ама никој не ми се јави, само една фирма ми одговори на мејл дека ако станува збор за поголем обем работа, со задоволство би дошле, за ситници не е никој заинтересиран, такви се нашите претприемачи, нив ги привлекува само голема заработувачка, да се збогатат што побрзо, а со малите нешта тоа е неможно… а кај нас впрочем токму тие се насобраа… е, да, а јас се израдував кога дојдоа со понудата, јас будала… јас веќе не се осудувам да се качам на кровот, да ги променам испуканите црепови, а нема кој да ни го стори тоа, па знаеш…

АвторЕтела Фаркашова
2022-09-02T06:11:59+00:00 август 29th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 145 - 146|