Димитар Кондовски

/, Галерија, Блесок бр. 144/Димитар Кондовски

Димитар Кондовски

Димитар Кондовски (Прилеп, 1927 – Скопје, 1993) е, несомнено, еден од најзначајните македонски ликовни уметници. Контроверзен и харизматичен како личност и како творец, Кондовски зад себе остави творечки опус чии димензии се сеуште несогледливи. Неговите дела ја одбележуваат блескотната трага на еден творечки дух кој пробиваше нови и дотогаш непознати патичта во уметноста, патишта кои и денес, на мапата на современата македонска ликовна уметност, ги покажуваат актуелните насоки на движење.

Димитар Кондоски, уште на самиот почеток од својот ликовен развиток, забрзано го мина патот по кој повеќе од еден век се движи современата уметност. Во текот на педесеттите години од минатиот век тој мина преку постакадемскиот реализам со варијации на стилови (Мартиноски, Модилјани, Пикасо од синиот период, и, одделно, Гоја и Мане), преку постапна геометризација и стилозација на формите (преку посткубистичкиот опит), згаснување на колоритот, разбивање на сликата во строго одделени геометриски површини, до конструктивно градење на формите. Аналитичкото истражување бргу премина во синтетичко согледување.

По еден долг процес на прочистување на својот ликовен израз кој може да се разбере како период на преиспитување на сопствените можности, во кој, преку стилизација на формите и нивна постапна редукција до нивото на знак, во стремежот да им даде видлива форма на непроменливите структури на стварноста, на она вонвремено и вечно, на праисконската убавина која е надвор од сите одделни форми, Димитар Кондовски го отпочна своето истражување на апстрактната уметност и апсолутното обликување.

Автопортрет, 1987 масло на платно, 180х100 см
Бел цвет на месечина, 1955 масло на платно, 70 х 49,5 см.
Големиот цвет на јужниот крај, 1972 темпера и злато на панел, 183,5 х 90 см.

Димитар Кондовски создаде серија слики во кои постапно започнува да доминираат сложените состави од знаци и симболи превземени од средновековната уметност и народното творештво. Употребувајќи темпера и злато тој го засили материјалниот план на сликата работена на дрвен, грундиран панел, со примена на сложена технолошка постапка при нанесувањето на пигментот, златна фолија и филигрански врежаните знаци, така што делата добија формално-стилски  карактеристики на икони. До 1972 година овој процес заврши со дефинитивно усвојување на утврден регистер знаци и симболи кои ќе станат трајно обележје на неговото творештво.

Својата творечка дејност Кондовски ја надоврза на две динамични линии на развиток на ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција која има своја сложена генеза и која ја следи питагорејско-платонската традиција и ја изразува концепцијата на универзумот уреден според прецизни нумерички односи на која ѝ одговара аналогната пропорционалност на уметничкото дело. Оваа детерминанта свој особен израз ќе најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, употребата на златниот пресек (sectio aurea), фибоначиевата низа, геометриските модули и канони за одредување на пропорциите, сé до освојувањето на апсолутната симетрија која ја изразува универзалната хармонија.

Втората детерминанта која го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во делата на Кондовски знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој не само што упатува кон внатрешниот свет на авторот, туку открива и нови видици кон универзалното, преку колективното искуство повикано од бездните на времето.

Арлекин, 1956 масло на платно, 148 х 98,5 см.
Автопортрет, 1991 масло на платно, 58 х 47 см.
Есенско пладне, 1988 масло на платно, 100 х 80 см.

Веќе од крајот на педесеттите години Кондовски ја развива концепцијата на фигуративното сликарство со нагласена геометриска стилизација на формите (под влијание на народното творештво и иконописот). Тој се движи кон една автентична синтеза меѓу реализмот и апстракцијата поврзувајќи ги спротивставените компоненти: фигуративното и апстрактното, дескриптивното и орнаменталното, реалното и фантастичното. Оваа синтеза е изразена преку геометриски прецизно поставената композиција, дводимензионално решените форми најчесто разбиени во геометриски сегменти, пластично моделирани лица и раце обработувани со нагласена концентрација и спротивставени на плошно и орнаментално решената облека и заднина; поставување зони, најчесто два основни плана кои ги поврзува со проширување на орнаменталната декорација на целиот простор на сликата. Во орнаментот често се вткаени симболични елементи. Симболите и амблемите, како и орнаменалниот преплет се во функција на атрибуирање или потенцирање на некои карактеристични психолошки аспекти на ликовите. Понекогаш, облеката е стилизирана и богато декорирана така што потсетува на визаниските и ориенталните церемонијални одежди. Заднината е презаситена со мултиплицираниот орнамент, а лицата и рацете се единствени елементи кои самостојно се издвојуваат во преден план.

Кондовски го развива концептот на авторски портрет и автопортрет, паралелно со истражувањата и опитите со геометриската апстрација. Од почетокот на шеесетите години од минатиот век тој работи салонски портрети во академски стил и портрети работени со конструктивистичка постапка која обединува апстракцијата и фигурацијата, преку орнаментот кој ги поврзува, каде припаѓаат и портретите на светители. Напоредо со овој глевен тек во неговото творештво се појавуваат и рагранови кои водат кон класичниот ликовен израз, во еден широк спектар од академски реализам до фигуративен симболизам. Сите овие текови и разграноци водат кон една крајна цел – оригинална синтеза на ликовната традиција и на современото сликарство.

Крсте Петков Мисирков, 1987масло на платно, 110,5 х 90,5 см.
Мртва природа – Велигденска I, 1989 масло на платно, 100 х 70 см.
Никола Јонков Вапцаров 1977 масло на платно, 110 х 90 см.

Од почетокот на 60-тите години година Кондовски започнува да слика врз траен материјал применувајќи една сложена технолошка постапка на препарирање на основата, употребувајќи темпера и злато и користејќи апликации од скапоцени метали. Сликите кои ги создава во овој период  постапно за него добиваат значење на свети предмети.  Нивната конструкцијата потсетува на иконите оковани во сребро, на архаичните триптихони кои се затвараат во себе чувајќи ја тајната од непосветените, на позлатените царски двери од иконостасите зад кои се случува светата драма, на богато украсените портали кои водат во светиот простор на храмот. Врз златната или темноцрвената основа на овие слики Кондовски впишува знаци и симболи, при што секој детал е обработен со емајлна перфектност доведена до совршенство со вештина на старите мајстори (Полиптих, 1972-1978).

Со еден широк зафат во фолклорната ризница на Македонија, Кондовски ќе се обиде да го дофати и задржи она што е дојдено до нас од непресушните извори на традицијата во крајно прочистена форма – она што како скапоценост блеска меѓу седиментните наслојки на историјата кристализирано под притисокот на времето. Овие флуоресцентни траги ќе го одведат до примордијалните духовни слоеви каде се создаваат симболи кои го обединуваат светот.[i] Обидувајќи се да ја пренесе на своите слики формата во која светото се појавува – неговиот отисок или печат – создава сложени  динамични структури: мнестички енграми длабоко врежани во колективната свест. Суптилно нарушената рамнотежа и светлината разбиена на безброј одблесоци, ги става во движење елементите на овие структури.

Филигранскиот орнамент и замрсениот линијски сплет, езотеричната калиграфија и таинствените симболи го усмеруваат погледот на гледачот кон длабочината на сликата, кон тајните во неа. Она што блеска со така силен сјај скриено во сплетовите од линии и во раскошниот орнамент е ЗЛАТНАТА РОЗА НА АЛХЕМИЈАТА.

Димитар Кондовски ги презема главните теми од естетичката проекција на историската авангарда и модернистичкото движење, надоврзувајќи се на една долга традиција, која преку средновековната уметност, своите основи ги има во античката уметност и филозофија, давајќи, воедно, сопствен творечки придонес во опстојувањето на овие идеи и на почвата на Македонија.

Перуники, 1992 масло на платно, 72 х 50 см.
Портрет на артистот Петре Прличко, 1956 масло на платно, 98 х 78,5
Полиптих , 1964 темпера и злато на панел, 122 х 90 см.

Димитар Кондовски во своите дела користи универзални симболи кои своето потекло го имаат во длабочините на потсвеста и таинствените простори на имагинарното. Имагинарното, митското и ониричкото припаѓаат на едно неодредено подрачје, со неодредливи граници, каде се создаваат структурите на сета креативност – оттаму и изворната сила на делата кои ги создава Димитар Кондовски. Тој користи и симболи преземени од езотеријата, од алхемијата и од кабалата. Чести се и симболите, амблемите, калиграмите и иницијалите непосредно преземени од средновековната уметност, како и орнаменталните и декоративните елементи од народното творештво.

Портрет на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, 1974 масло и темпера на панел, 221 х 92 см.
Црвениот полиптих, 1976 темпера и злато на панел, 75 х 60 см.
Св. Климент, 1976 масло на платно, 100 х 80 см.

Една од карактеристиките на творечкота дејност на Димитар Кондовски е настојувањето неговите дела да бидат во постојана комуникација со публиката за да ја остварат сопствената профетска функција во општествената заедница. Упорното инсистирање на поврзувањето со најшироките народни слоеви и вкличувањето во популарната култура несомнено кореспондира со идеите од тоа време, или поточно се јавува како реакција на евидентниот расчекор меѓу политичката теорија и пракса, меѓу идеалите и реалноста, кој кај Кондовски создава критичка свест за местото и улога на уметник во општествената заедница. Смета дека неговите дела се наменети за јавни објекти каде ќе бидат достапни за најширокиот круг посетители. Со задоволство им се обраќа на неуките и на децата. Тој својата дејност не ја сваќа само како контеплативен чин, туку како дејствување (акција) во рамките на реалните општествени прилики и конкретната општествена средина.

АвторЕмил Алексиев
2022-07-12T07:20:53+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 144|