Истанбул: Сеќавањата и градот

/, Литература, Блесок бр. 144/Истанбул: Сеќавањата и градот

Истанбул: Сеќавањата и градот

   „Градовите не се интересни доколку во себе немаат натписи, кои ќе ги презентираат и ќе нè поучуваат како да гледаме на нив.“[1]

 

Оваа изјава за градовите на Орхан Памук најдобро се отсликува во неговата книга под наслов „Истанбул: Сеќавањата и градот “, која всушност претставува автобиографска- мемоарска проза, каде што градот речиси се пресоздава преку историјата, книжевноста, значајните личности од минатото преку фотографиите и маалскиот живот, како и преку уште многу работи значајни за секојдневниот живот. Значајно е да се спомене дека Истанбул, според својата географска положба, се наоѓа на една посебна локација. Самата локација го прави Истанбул да биде ,,граничен град“, бидејќи претставува порта која ги поврзува континентите Европа и Азија. Згора на тоа, градот бил под власт на различни народи во текот на историјата и со самото тоа содржи разновидни културни обележја. Истанбул е мултикултурен град, кој во одредено време се сметал за центар на светот.

Постојат голем број пишани дела за градовите и нивното постоење, но многу мал број се градска биографија која има книжевни обележја. ,,Истанбул: Сеќавањата и градот“ е токму тоа, исклучително мемоарско дело, во кое се изнесуваат сеќавањата на авторот за голем број настани и појави кои индиректно претставуваат документаристичко-историографско четиво во кое градот не е прикажан само како мост што спојува или раздвојува два различни континенти и две страни на светот (Истокот и Западот), туку во него се испреплетуваат и различните културни традиции, сфаќања, навики и погледи, при што растејќи заедно со градот го нагласува и неговото значење во формирањето на неговиот идентитет, така што заправо го става градот во центарот на нашите животи. Како што е наведено во текстот:

„Дали тајната на Истанбул е во тоа што неговата сиромаштија тече напоредно со славното минато? Во тоа што градот и покрај отвореноста на надворешни влијанија, и понатаму живее како заедница затворена за себе и во тоа што зад неговите убавини и споменици, свртени кон надворешниот свет секојдневниот живот се одвива во една кревка напукната мрежа? Но овде имаме еден вид полн круг бидејќи сè што кажуваме за срцевината (сржта) на градот говори повеќе за нашите животи и за нашите душевни состојби. Затоа што градот нема друга срцевина освен нас“[2]. (Памук, 383)

 Неговото творештво, особено романите, имаат значаен придонес за развојот на постмодернистичката турска книжевност. Турските книжевни теоретичари, именувајќи го како авангарден романсиер и постмодернист, напоменувaат и дека Памук е еден од бројните писатели кои имаат тенденција да се помират со проблематиката Исток-Запад, при што истакнуваат дека тој ја пренесува оваа проблематика во своите дела на едно естетско ниво и заедно со културно-филозофските импликации изложува важна и повеќеслојна структура во контекст на оваа тема. Тој користи специфична и неконвенционална наративна техника така што секое негово дело има различен стил на изразување, една од карактеристиките, која се забележува уште од самиот почеток на неговото творење е пишувањето во постмодернистички стил каде што се испреплетуваат реалноста и фикцијата. Познатата турска книжевна теоретичарка Жале Парла, говорејќи за стилот на Памук, забележува: „Колку што е неговиот пристап кон темите поладен и подалечен, толку повеќе е потопло и повозбудливо неговото акцентирање на формите. Ова мора да е едно од објаснувањата што го поткрепува пиететот на еден светски писател и потврдува дека, всушност, се работи за еден светски писател. А авторот е подложен на епитимија, тој плаќа данок. Памук е писател кој има за цел со своите романи да ги искупи личната вина и општественото злосторство“.[3] Постмодерната естетика, која внесува поинакво гледиште во книжевните текови, настаните и фактите, повеќе ги изложува според нивното сопствено значење, а дури потоа според нивниот историски континуитет, додека, пак, естетиката во „Истанбул: Сеќавањата и градот“ на Орхан Памук не е естетика на романтизмот изразена со дефиницијата за убавото, каде што природната убавина се меша со мистицизмот, тоа е естетика што се храни со грдото и хаосот и е извлечена од темните и безнадежни места на градот:

„Да се видат кипарисите, темните шуми во долините, празните и запуштени вили и трошните за’рѓани бродови со мистериозен товар, да се види поезијата на босфорските бродови и вили онака како што ја имаат видено само оние што некогаш жиееле на овој брег…[4]


[1] Интервју на Ханс-Улрих Обрист со Орхан Памук за списанието за архитектура и дизајн „Домус“, Розано, Милано, Италија, декември, 2006г.

[2]  „Истанбул – Сеќавањата и градот“, Орхан Памук, Арс либрис Скопје 2021 383 стр.

[3] „Orhan Pamuk’ta Yazıyla Kefaret“ Jale Parla,Yapı Kredi Yayınları İstanbul, 2018 стр. 8

[4] „Истанбул – Сеќавањата и градот“, Орхан Памук, Арс либрис Скопје 2021, стр. 66

АвторСанберк Јусуф
2022-07-12T12:40:54+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 144|