ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

/, Литература, Блесок бр. 144/ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

(извадок од збирката раскази)

ПОДАРОК

За шеесет и петтиот роденден на Иван Петров му подарија гроб.
Во почетокот тој мислеше дека тоа е некаква глупава шега. Вистина, го сметаа за голем шегаџија и дури и да го ставеа пред прегладнети човекојадци на пуст остров, пак ќе беше душата на дружината, но таа работа со гробот сепак беше малку претерана.
– Вие што тука… промрмори тој, додека ги креваше очилата на носот, за повнимателно да го прочита документот за користење на гробот на неодредено време, издаден од општинската служба „Гробни паркови“.
Жена му заусти нешто да каже, но синот, Иван Петров Помладиот, ѝ даде знак да молчи. Ќерката седеше на другиот крај од празничната трпеза, пушеше и ја набљудуваше сцената со снисходлива одвратност. Таа беше театарски критичар, пишуваше злобни рецензии по весниците и од неа сите многу се плашеа, или барем така ѝ се чинеше.
– Јас сум професионална публика – сакаше да повторува и се однесуваше токму така.
– Едноставно немаш сексуален живот. А да имаш покрај себе еден здрав маж… – ѝ дофрлуваше Иван Петров, но само во себе, не смееше уста да отвори. Оди после објаснувај дека што и да си рекол, тоа си го направил не за да навредиш, туку поради чиста родителска загриженост.
Мајка ѝ беше многу загрижена за неа.
Погледот на Иван Петров се задржа на огромниот тркалезен печат од општинската служба, украсен со две вкрстени дабови гранчиња и црн крст по средината. Малку погоре го беше забележал напишаното, со нагласен курзив небаре библиска формула за „вечни времиња“.
Тоа му беше сосема доволно.
Иван Петров Помладиот напрегнато следеше дали татко му ќе обрне внимание на сумата со која му се гарантираа „вечните времиња“, за кои стануваше збор, но тој, се чини, ја одмина. Жално, навистина, зашто беше доста значителна, од што пак следуваше дека подготвениот подарок не е само скап туку и луксузен.
Во тој момент продорно пиштење експлодира во потиснатиот молк и во истиот миг беше следен од срцепарателно плачење. Миленичката на фамилијата, малата Никол со златните кадрици, тукушто се беше посрала.
– Зошто бе, мило, зошто не кажа на мама дека имаш каки, кога пред малку те прашав? – ја укори нежно снаата и повторно, за секој случај, ги помириса памперсите на детето, при што изразот на лицето сладострасно се олабави и таа несвесно ги затвори очите.
– Ништо, бабино, ништо чедо – рипна од местото жената на Иван Петров и како лавица се пушти кон внучката. – Еве, сега баба ќе го исчисти, ништо не е тоа.
За дел од секунда изгледаше небаре свекрва и снаа ќе се заџапаат во крвав двобој, дури и Никол замолчи и љубопитно се ококори. Жената на Иван Петров, очигледно со голем напор на волјата, се совлада, зеде длабоко воздух и со рамен џелатски тон рече:
– Стопати сум ти рекла да не ја караш така. Ја трауматизираш. Што сакаш? Да почне да се стиска и да си го повреди стомачето, па да се осакати за цел живот? Всушност, извини што ти се мешам. Ти најдобро си знаеш, нели си ѝ мајка.
Снаата ништо не одговори. Само го притисна девојчето во прегратка и трите се упатија накај бањата.
Ќерката на Иван Петров флегматично стана од местото, широко го отвори прозорецот и надвор го фрли догорчето. Од задниот двор на кооперацијата долетаа гласови на птици, две мачки шумно и кратко се степаа, па се разделија со бесно фучење. Пролетниот ветрец донесе грст проѕирнобели ливчиња од расцутената слива џанка и радосно ги истури на масата.
– Затвори, има провев – рече Иван Петров Помладиот. – Да не настине славеникот.
Иван Петров го погледна едниот, па другиот. Го свитка документот на четири и бидејќи не знаеше каде да го стави, го мушна под салфетката до чинијата.
– Ќе ми објасни ли некој, конечно?
Ќерката запали нова цигара и демонстративно испушти две синкави облачиња од ноздрите. Очигледно немаше намера да објаснува што и да било.
– Ама, тоа ти е еден вид осигурување за иднината – дофрли Иван Петров Помладиот. – Во денешно време разумниот човек едноставно е должен да се погрижи за тие работи. Притоа, што порано, толку подобро. За да си биде спокоен.
– Најмногу за спокојството на неговите блиски – саркастично дофрли ќерката.
– Значи, вие сметате дека јас не сум разумен, така ли? Значи, ако полнам шеесет и пет толку сум стар, што сум збудалел? И брзате да ме закопате. Да се погрижите за тие нешта, подобро да се изразам.
– Јас знаев дека така ќе реагираш! – се разгневи Иван Петров Помладиот. – Ама помисли само: колку души живеат во овој град? Два милиона, може и повеќе. А имаш ли претстава каква криза има со гробни места? Секој ден умираат илјадници. А гробни места нема. Општината не може да наваса, местата се ограничени. Во приватните гробишта пак еден гроб чини колку апартман во центарот.
– Е, секако негде ќе им се најде место – не сосема убедливо приговори Иван Петров.
– Каде на пример?
– Па некаде, од каде да знам каде…
– Ете, за тоа ти зборувам! – веќе не на шега избувна Иван Петров Помладиот. – За вашето изгубено поколение, кое цел живот живеело со идејата дека сигурно некој треба да се погрижи за него! Некој треба да ве обезбеди, да ве образова, да ви даде работа, да ви ги плаќа пензиите, а после и… Извини, ама тоа нема веќе! Заврши! Крај! Сега луѓето се оставени сами на себе и така е праведно. Непријатно е, тешко е, но е праведно. И ако тоа го сфатевте порано, немаше да дојдеме до ова дереџе.
Ќерката го згмечи догорчето во пепелникот со студен гнев, небаре беше лебарка и почна да ракоплеска.
– Не разбирам каква врска има тоа…
Стариот Иван Петров навистина не разбираше. Тој говор го беше слушал десетици пати, и тоа не само од својот син. Всушност, поврзаноста меѓу него и грубата, официјална хартија со воден знак и со печат на документот, со кој практично стануваше законски сопственик на чисто ново место, сосема му се губеше.

АвторЕлена Алексиева
2022-07-12T11:35:04+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 144|