КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

/, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142/КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

КУЛТОТ КОН МЛАДОСТА И МИТОТ ЗА „СИНГЛ“ ДЕВОЈКИТЕ И МАЈКИТЕ

Женското тело често е во фокус на популарната култура, а четвртиот бран на феминизмот ја гради својата теорија токму врз односот кон женското тело. Позната е фразата: „Личното е политичко!“, слоганот на студентското движење и на вториот бран на феминизмот од крајот на шеесеттите години на минатиот век, што сега се продлабочува со: Женското тело е политичко! Нашиот однос кон телото се формира во рамки на доминантната култура што ја живееме, па оттука овој текст ќе ги отвори прашањата за хегемонијата на телото, култот кон младоста и митот за „сингл“ девојките и мајките. Реферирајќи на терминот хегемонија, да потсетиме дека тој добива широка употреба од Антонио Грамши (Antonio Gramsci), кој смета дека хегемонијата е она што го врзува општеството без употреба на сила. Поставувајќи си го прашањето зошто жените се опседнуваат со телесноста и зошто прифаќањето изгледа така природно и нормално, доаѓаме до одговорот што го дава Грамши во Белешки од затвор, каде што велитокму заради хегемонијата! Хегемонијата, всушност, настанува кога повисоките класи ја заменуваат економската сила со создавање „интелектуално и морално лидерство“. Тоа би значело дека владеачката класа во патријархатот не владее на сила, туку договорно, низ структурата на прифаќање и согласност на оние со кои се владее, а тоа се жените. Борбата за хегемонија најлесно се води на фронтовите на популарната култура која може да биде и арена на која се одвива поинаква артикулација на хегемониската согласност со договорното значење.

Дискриминацијата според возраст позната под терминот „ејџизам“ е една од проблематиките кои се реобмислуваат низ феминистичката критичка теорија и таа може да се разгледува низ неколку пунктови. Една од често третираните теми во филмот, литературата и генерално низ медиумите е неверството со помлада жена, што нè тера да го преиспитаме култот кон младоста низ родова перспектива. Легитимен е стравот на жените дека ќе бидат заменети со помлади жени, без разлика дали станува збор за љубовта, партнерството или, пак, професијата, токму затоа што е општествено конструиран. Еден таков социјален конструкт е и култот кон младоста, кој е континуирано поткрепуван од рекламната индустрија, видео-естетиката, музичката индустрија и речиси целата популарна култура што доминантно се базира на убавината и младоста. Од секој агол на современото урбано живеење демнат билборди со лицата и телата на младите манекенки, убави, фотошопирани, совршени. Младите жени се доминатното лице и на ТВ екраните и на страниците на женските списанија. Темите за родот и „ејџизмот“ се дел од културолошките промислувања на Ана Мартиноска низ збирката текстови Културна фабрика каде под поглавјето Белешки за родот, сексуалноста и слободата на избор во текстот Снагата и меракот пишува за сексуалноста и возраста преку уметничките примери на хрватската стилистка и колумнистка Жужи Јелинек (Žuži Jelinek) и австриската сликарка Марија Ласниг (Maria Lassnig). „Хрватската стилистка и колумнистка Жужи Јелинек, објави дека во својата деветта деценија од животот станува модел во рекламна кампања на козметички производи, со цел да докаже дека секое доба од животот може да биде убаво, а жената негувана и привлечна. На овој начин таа продолжува да се бори против предрасудите за „луѓето во години“, инсистирајќи на нивното право да бидат среќни и исполнети во љубовта и во животот. Потврда за ваквите размислувања најдов и во ликовниот израз на познатата австриска сликарка Марија Ласниг, чија последна изложба, по повод нејзиниот деведесетти роденден, е отворена во Музејот на современа уметност во Виена. Таа веќе шеесеттина години се смета за авангардна предводничка на сликарството од феминистичка гледна точка, чија централна тема, како што самата ја нарекува, е „телесно сознание“ (body awareness). Како што вели критиката: „Нејзините бои стануваат се помлади како што старее“ (Мартиноска, 2018:  60).

АвторАна Јовковска
2022-04-04T09:39:01+00:00 март 30th, 2022|Categories: Есеи, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 142|