Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

/, Литература, Блесок бр. 140/Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

(Avant pres 2021)

Колку и да сакаше, со големо задоцнување, во оваа непланирана посета на  Сокобања да ги пронајде местата што биле поврзани со детството на неговата мајка, Јас беше свесен дека и самиот обид за потрага би бил залуден. Немаше ниту еден топографски податок за местото каде што живеело нејзиното семејство или блиските и далечните роднини, ниту каква било хартија или документ што би сведочеле за нешто што имаше врска со нејзиниот живот во младоста на ова место. Само фотографии од неа, сестрите и братот, татко ѝ на прошетка или во кафеана. Но, од тие фотоси не беше можно препознавање на куќата или местото на настаните. Никој од нив веќе не беше жив, ниту постоеше некој надвор од поширокото семејство што би можел да посведочи за нешто. А и ако имаше, тој за такви не знаеше.

Сè на сè, тоа беше суровата последица од нивното меѓусебно непознавање. Физички гледано, тие двајцата до нејзината смрт поминаа заедно незначајно малку време. Кога би се обидел да ги собере моментите, часовите и целото време што беше со неа, не беше сигурен колку десетици денови тој збир би имал. Секако мал. Затоа некако беше разбирливо, па дури и грубо правично што таквата мисија – „потрагата по мајката“ немаше никакви шанси за успех. Иако причината за тоа своевремено, благо речено, беше повисока сила (така одамна, тој како бебе, тогаш дури ни дете!, сигурно не можел да влијае врз разидувањето на своите родители), беше подготвен и на себе да преземе дел до вината за таквото занемарено незнаење за семејството на својата мајка.

Не беше сигурен дали беше само тажно или можеби и трагично што знаеше многу повеќе за повремените престои на Иво Андриќ во Сокобања отколку за животот на својата мајка што тука се родила и ги поминала во континуитет првите седумнаесет години од детството и моминството. А кога веќе го спомена нобеловецот, му падна на памет „спасоносна“ идеја: зошто не би ја претворил случајноста во импровизација, па малку да прошета по трагите на својот омилен писател? Можеби тоа донекаде би ја надоместило немоќта во потрагата по мајката? Можеби формата би ја утешила содржината?

Тоа и го направи.

Прво ја посети сè уште убаво одржаната вила „Бота“, еднокатна куќа за одмор изградена во 1933 година, која Андриќ ја користел при своите засолнувања од Белград во 1942 г. Тоа било откако во 1941 г. по свое барање се вратил во главниот град на Кралството Југославија од своето амбасадорување во Берлин. Бил незадоволен од однесувањето на југословенската влада, односно дипломатија, која иако дури и формално обврзана, не го консултирала околу преговарачките ставови и реакции на политичките постапки на нацистичка Германија. Го заобиколила институцијата во која работел од 1920 година (при што во Министерството за надворешни работи бил поставен за помошник министер уште во 1937) и бил без сомнение многу искусен и почитуван дипломат: дотогаш веќе бил на служба во Ватикан, Трст, Букурешт, Грац, Марсел, Мадрид, Брисел, Париз, Рим, Женева…

Доктор на науки, водечки аналитичар на југословенската дипломатија, писател, од 1926 г. бил еден од најмладите (дописни) членови на Српската кралска академија, а од 1939 г. и нејзин редовен член. По враќањето во Белград повеќе се плашел од домашната квислиншка власт отколку од германските окупациски команди. Посебно откако одбил да го потпише Апелот до српскиот народ, јавен акт со кој се осудувала секоја акција против окупаторот. Многу подоцна лично сведочел дека со себе постојано имал спакуван куфер со најнеопходните работи, сигурен дека во секој момент ќе биде уапсен. Но, тоа негово повлекување од воената јавност му донело и значајно многу добра: седел на својата работна маса, како залепен за неа, тогаш сместен кај семејството на адвокатот Бране Миленковиќ во Призренска улица и го пишувал романот за кој употребил голем дел од материјалот собран за време на службата во Париз во 1928 г. и во Виена десетина години подоцна. Во тогашните архиви и библиотеки трагал по извештаите и кореспонденцијата на травничките  конзули од времето на нивните службени престои во Босна во почетокот на XIX век, па така ги градел идните книжевни ликови. Ова било природно продолжение на неговите интереси што веќе ги елаборирал во 1924 г. во својата докторска теза за духовниот живот на  Босна под турско влијание. Сега таа научна анализа, всушност, прераснувала во заокружено литературно гледање на писателовата татковина под политичко-културните слоеви на блискиот Запад и на Блискиот Исток. Кога во почетокот на јули 1942 г. ставил точка на последниот збор и потпис на ракописот на својот прв роман „Травничка хроника“, излегувајќи од творечкото бунило, (повторно) станал свесен за опасноста што демне. Тоа бил вистински момент за оној веќе една година спакуван куфер за престој во затвор сега да го употреби за заминување во Сокобања, наместо на робија.

АвторВладислав Бајац
2021-11-15T19:03:18+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 140|