Турнеја (Бегемот, 2020)

/, Литература, Блесок бр. 137/Турнеја (Бегемот, 2020)

Турнеја (Бегемот, 2020)

извадок од романот

 

 

ГЛАВА IV УКРАДЕНАТА БАЛАЛАЈКА

 

Наталија Николаевич Волкова тресна со месестата рака по изрезбарената маса од махагониј и се закани широко распостелувајќи го својот доминантен алт.

„Таа балалајка ќе биде најдена. Овде сум најтенка, а таму и ќе заврши мојата казна кај тој што се дрзнал на таков чин. Доста беше страдањето на моето семејство. И слепа при очи дозволив таа балалајка која била во сопственост на мојот прадедо да биде попишана како реквизит на театарот. И сега уште на тоа згора некој ја украл. Не, нема ова да помине така неказнето. Фјодор Севастополович Крајницки, погледни ме в очи.“ Фјодор подголтна и со голем страв ја погледна народната актерка на Русија и сегашна прва актерка на театарот „Нов Комсомол“ во Санкт-Петерсбург која кога ја зела балалајката на пробата од трилогијата „Брегот на Утопија“ од Том Стопард констатирала дека тоа е сосема друга балалајка купена од продавница, а онаа од нејзиното славно семејство Романови некаде исчезнала. „Кога можат Англичани да пишуваат за славниот Бакунин, тогаш вистинските Руси ќе треба да си ги зачуваат барем оние нешта што се значајни за нивната историја. Што е бре ова? Сè се извитопери! Репликите што ги изговорувам звучат како секој момент да ќе извадам хот дог од корпичката за јадење. Аман, молим те. Веднаш да се повика Матрјона Александрова за да го објасни овој репертоарски потег. Јас, Фјодор Севастополович имав трпение и не го отфикарив овој посран проект од репертоарот на театарот, но американецот кој мириса на ментол и после секоја проба вели „прекрасно“, а ние со прст не сме мрднале, нема да нѝ донесе светска слава. Прстот на умот и да се свестиме каде одиме.“

„Добро, еве, што предлагате вие? Претставата е веќе започната, нема што да се прави. Потрошени се пари и …“ подголтна Фјодор, а Наталија се исправи и го погледна презриво.

„Прво да ја најдеме балалајката, а потоа ќе зборуваме. Имам јас план, но еве, попуштам и тоа ме чини респект и традиција. И отвори го прозорецот. Смрди на евтин тутун“, излезе треснувајќи ја вратата, а Фјодор Севастополович помириса околу него за да провери колку околината е затруена кога чукајќи рутински на вратата се појави Ањутка, секретарката која го извести дека Македонскиот театар треба вечерва да пристигне во Санкт-Петербург. Фјодор се чукна по челото и веднаш се испаничи.

„Дали е сè спремно? Всушност ништо не е спремно. А кога пристигнуваат?“, праша надигнувајќи го гневот кон своите соработници. „Пааааа … Ја мислам дека вечерва … да, вечерва околу полноќ“, изусти несигурно секретарката, а Фјодор само се спушти на широката директорска фотелја обилно препотувајќи се. „Може еден чај?“, додатно се изглупира не многу паметната, но убава секретарка на што Фјодор одговори со зафрлување на „Идиот“ од Достоевски, писателот чие име го носеше, а позамашниот роман стоеше од неговата десна страна подготвен за преговори како за следен проект. Ањутка изверзирано го избегна тешкиот роман на Фјодор Михаилович и ја снема низ вратата. Фјодор ја спушти главата на бирото и по неколку минути се раздра: „Серјожаааааа, Никољкааааа, Иваааан!!!“ За неполна минута пред него се нацртаа Серјожа Никитин, Николај Намусов и Иван Краткиј кој беше највисок од нив. „Македонската група доаѓа заааа …“ пресметувањето на часовите загледан во рачниот часовник уште повеќе му го накреваше гневот и очајот: „заааа  десет часа. Сакам да бидат убаво сместени и да се подготви театарот за нивната претстава утре.“

„Мислите задутре“, го поправи Серјожа горчливо насмевнувајќи се. „Од хотел „Севастопол“ нè одбија заради неплатените сметки од минатата есен кога доаѓаше театарската група од Танзанија, па ќе морам да се обратам во хотел „Виј“. Знам дека таму не сакаме, но тоа е единствената можност.“ Не сакаа во хотелот „Виј“ затоа што управникот на тој хотел беше политички опонент на Фјодор и тој со него делеше афера за која не сакаше да зборува, а камоли да ги користи нивните услуги. „Добро, останува една варијанта, а тоа е да ги сместиме во малку подалечен хотел – „Прјамухино“, но ќе мораат да користат метро итн. „Може таму“, кратко одговори Фјодор. „Нека прошетаат малку со подземната железница. Друго?“ Иван одговори дека денес ќе ги извести сите медиуми и дека прес конференцијата ќе се одржи ден после претставата, но тоа … „Тоа се денес, така? А што правевме досега?“ Сите тројца гледаа во таванот, а Фјодор само замавна со двете дланки процедувајќи низ забите: „Сакам до десет часот вечерва се да биде цакум-пакум инаку не се враќајте на работа.“ Тројцата организатори кои фингираа дека сè што кажаа направиле ја здувнаа низ врата и веднаш се зафатија за работа. Фјодор го заклопи лицето со двете раце и очајно воздивна. Потоа извади шише водка од најдолната фиока и си тури во една малечка, широка чаша. Ја испи ка екс и гневно фркна.

АвторСашо Огненовски
2021-06-02T19:51:41+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 137|