И ЗВУК И ВИЗИЈА

И ЗВУК И ВИЗИЈА

Василиј Кандински 1866 – 1944

Последен пат се сретнав со сликите на Кандински пред три години во Берлин,
на една фасцинантна мултимодална изложба. Сѐ уште ми одѕвонува во глава неговата убава за очи неразбирливост и непробојност

 

Мешколење, треперење, клатење, тресење, извивање. Налет на црвено, наплив на плаво, напад на жолто. Интензивно зелено крешендо и резеда пијано, (с)нежно бело алегро, дискретно виолетово престо и безбојно алегрисимо, кафено форте и црно фортисимо. Апокалиптички визии и заштрашувачки поплави, кањони и кули, агли и хоризонти, конуси и трапези, калиграфски прави и искривувања, темнини и светлини, дождови и виножита, светци и демони, Ленин и Хитлер.

Прво доаѓа мрежа од координати, потоа шилесто парче, па, следува нешто магличаво и нејасно, и завршува со некакви концентрични, обоени кружници. Сето ова заедно и наеднаш се случува во сликите на Кандински; премногу тајни, премногу осцилации, премногу ноти, премногу форми, премногу активности, премногу емоции кои претекуваат, се претопуваат и се прелеваат едни во други во просторот веќе преполнет со аури, облаци од етерични супстанци, теозофски окултизми и звучни материи.

Во овој естетски калабалак, не се ни обидувајте да трагате по некаква логика, ниту да го барате субјектот, бидејќи тоа е и онака доволно тешко и ирелевантно и за самиот автор. Она што овде се вреднува се спиритуалните вибрации, внатрешните звуци и интимните чувства на сликарот, па, следствено и на набљудувачот. И овие се само неколку од „појавите“ кои го маѓепсаа младиот московски уметник и го претворија во еден од најголемите апстракционисти на сите времиња.

Василиј Кандински – школска асоцијација за основач на апстрактното сликарство, на почетокот имал студирано правни науки (и додека го истражувал селското и етнографско право на паганските племиња во Сибир, ја открил живописната, руска фолк уметност). Откако докторирал и ја одбил улогата на универзитетски предавач, целосно ѝ се посветил на уметноста, заминал за Минхен и станал член на Bauhaus движењето и на Der Blaue Reiter групата.

Набрзо, под влијание на една изложба на Моне, една опера од Вагнер и еден разговор со германски психијатар, целосно ќе биде обземен од синаестезијата (на грчки јазик: син – заедно, аестезија – сензација) – научно име за безопасна, хиперсензитивна состојба, која дозволува едновремено мешање на сетилата едни со други, феномен на доживување на музиката како бои, форми и линии, кои молскавично брзо се исцртувале пред него. Музиката и идејата за неа силно провејува низ целото сликарство на Кандински. Тој длабоко верувал дека нијансите се во взаемна резонантност, која продуцира визуелни акорди што силно влијаат на душата. Можеби баш затоа концертите на платнатата на Кандински се толку тешко читливи за очите, колку и нотите што му одѕвонувале во ушите додека творел, но, сигурно баш и затоа тие се именувани од сликарот со типично музички терминологии и метафори: Композиции, Импровизации и Импресии.

Кокетирањето со границите помеѓу звучното и визуелното е стара и проверена игра. Уште Питагорејците мошне прецизно се изјасниле дека „очите се создадени за астрономија, ушите за хармонија, а, овие две науки се сестри близначки“. Оваа релативно едноставна сентенца се разви(ва)ла низ вековите во огромен број интелектуални и спирални теории со една и единствена констатација и поента: музиката и математичките пропозиции на креацијата се всушност, иста работа. Тенденцијата (кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век) да се замаглуваат рабовите на музиката и на другите уметности и сосема новото синтетичко искуство каде материјалните дистинкции меѓу зборот, сликата и тонот се слеваат во совршена екстатичка хармонија, станува опсесија во тогашните елитни артистички кругови.

Се чини, за Кандински овие нешта биле многу повеќе од моментална поврзаност, де факто, тие биле во есенцијална релација: „Боите се клавијатурите, очите се хармониите, душата е пијаното со многу жици. Уметникот е раката што свири, која допирајќи ги клавишите ѝ предизвикува вибрации на душата.“ Амбицијата му одела до таму да евоцира звук преку глетката и да создаде сликарски еквивалент на симфонија, кој ќе ги стимулира во исто време и аудио и визуелните сетила. И покрај недостигот од медицински доказ за неговата корелација помеѓу бојата и звукот, таа станала животна преокупација на сликарот, кој тврдел дека уште како дете слушал чудно бруење додека ги мешал боите на својата палета, а, слична хаотична бучава, но, овојпат од бои, му се случувала и додека свирел чело (Да, Кандински бил и одличен и страстен челист!).

Синаестесијата (реална или фиктивна, сеедно) на Кандински наместо да ги симплифицира нештата околу читањето на неговото творештво, како уште повеќе да го комплицира приодот до нивната недостапност и неброивост. И тоа не само за хипнотизираните аматери (како јас и Вие, на пример), туку и за специјалистите и теоретичарите, кои со децении се бават со анализирање на апстракционизмот на Кандински. Тие велат дека и после 70 години од неговата смрт, тој сеуште останува непробиен: „Гледајќи во сликите на Кандински, симултано гледаме во тоа што е сокриено.“

Ако е навистина така, ако неговата уметност крие нешто, тогаш, таа мора со сигурност да содржи тајна, која вреди да остане неоткриена и која повикува на диви претпоставки и(ли) алармантни проекции. За некого ова би можело да изгледа аветинско, за друг – смешно, но, тоа е веќе влегување во бескрајната територија на субјективното искуство. А, таму, во личното доживување веројатно и треба да се прнајде скриеното значење на симболите, неврамнотежените хроматски парчиња, соничните дискепанци, еманципираната дисонантност, дисхармоничните тоналитети и оптичката кондензираност на Кандински.

Денес, благодарение на неговиот екстремен амбигвитет и радикалниот вокабулар кој тој го измисли и разви, нашата перцепција е толку навикната на апстракција, што и воопшто не се прашуваме што таа форма претставува и од какво значење е оваа или онаа колизија на бои.

АвторИрена Поповска
2021-04-03T19:09:14+00:00 март 31st, 2021|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 136|