Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

/, Литература, Блесок бр. 128/Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

Мотивот на природата во македонската и кинеската народна поезија

Вовед

Народното творештво и книжевност секогаш претставувале најтраен и најфлексибилен метод за запишување и зачувување на меморијата и животот на колективот. Преку усните преданија, митови, легенди и песни, се пренесувала колективната традиција, но и се впишувале во колективниот наратив трагите на историјата и животот на заедницата низ вековите, сè до моментот на раѓањето на официјалната историја и книжевност. Тоа е несомнено универзален факт, бидејќи ако разгледаме кој било народ или поголема заедница во светот, сите тие ги градат основите на својата историја и идентитет врз народната книжевност и преданија. Самиот тој факт ни дозволува да се обидеме да направиме споредба помеѓу две далечни култури, како географски, така и во однос на ерата во кои се развивале, како што се кинеската и македонската народна книжевност. За да може да го направиме тоа, решивме да земеме еден мотив или тема која е универзална во светската книжевност, а со тоа и заедничка за двете култури – природата.

Народната поезија произлегува и е инспирирана од животот на колективот, при што ги инкорпорира и тематизира сите важни компоненти и елементи на тој живот. Имајќи предвид дека во најголемиот дел од случаите тоа е рурален и земјоделски живот, не изненадува фактот дека односот со и кон природата е доминантна тема во сите национални фолклори. Природата е одлучувачкиот фактор за преживување, но и за развој на заедницата, таа дава заштита, храна, но и во неа има сили што треба да се помират и намират за да не носат опасност, штета и деструкција. Природата е центар на комуналниот живот во сите колективни активности како што се ловот, работата на нивата, одењето в шума, но претставува и центар на ритуалниот и магискиот живот кои се древна форма на комуникација со природата. Поради сето тоа, темите, мотивите, симболите и сликите од природата се присутни во митологијата, фолклорот и поезијата на сите народи, што е овековечено во зборниците и антологиите кои беа собрани и создадени во изминатите два века. Со цел да бидеме фокусирани во нашата анализа, се решивме да се задржиме на мотивот на пејзажот во народната поезија, бидејќи во него се опфатени сите различни функции на природата кои претходно ги наведовме.

Кус осврт на Зборникот на браќата Миладиновци и Книгата на песните

Се разбира, за да имаме една научно издржана анализа и споредба поддржана со факти, не можеме само да земеме кои било две култури и дела од кој било период, бидејќи тогаш укажаните врски би биле тангенцијални и површни. Со цел нашата компарација на македонската и кинеската народна поезија да биде издржана, се решивме да побараме примери во делата што се објавени на моментот на премин од усната на пишаната и кодифицирана книжевност. Поради тоа одбравме две антологии кои во двете култури претставуваат стожерни дела, книги во кои за првпат се собираат и објавуваат народни песни и преданија и со тоа се означува и се дава импулс на почетокот на развојот на писмената книжевност. Во случајот на македонската култура, таа чест несомнено му припаѓа на Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци објавен во 1861 година, додека, пак, во случајот на кинеската култура тоа е Книгата на песните, чија дефинитивна верзија е собрана во една книга во 6 век пр.н.е. Иако навидум овој временски распон помеѓу двете збирки кој опфаќа над два милениума се чини непремостлив, од друга страна, претставува впечатлива илустрација за универзалноста на процесите на развојот и формирањето на националните книжевности, за што сметаме дека ќе даде една дополнителна тежина на нашата анализа.

АвторЕлена Дамјаноска
ПреводМилан Дамјаноски
2019-10-21T10:14:05+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 128|