Боро Митриќески – скулптор на културата на душата

/, Галерија, Блесок бр. 123/Боро Митриќески – скулптор на културата на душата

Боро Митриќески – скулптор на културата на душата

Блаже Коневски, 1987, дрво
Коњаник, 1971, дрво
Коњаник, 1971, дрво
Коњаник, 1959, бронза
Крсте Петков Мисирков, 2007, бронза, Плоштад Пела, Скопје
Мачор, 1960, дрво
Св. Кирил и Методиј, 1990, бронза, Универзитет „Св. Кирил и Методиј„ Скопје
Танас Луловски-Тане, 1982, дрво

Боро Митриќески (1927 – 2018) е типичен пример на уметник кој во својата уметничка кариера, уште од своите почетоци во средината на 1950-тите години, не се раководел од етаблираните примери на западната модерна уметност од првата половина на 20 век, ниту, пак, во натамошното творештво од брзо менливите уметнички трендови како нови визуелни парадигми во втората половина на векот.

Човечкиот и скулпторскиот идентитет на Митриќески е вкоренет во културата на душата, културата на пагански сензитивната интимност со светот, со настанувањата и појавувањата на неговите форми, изрази и можни трасформации. На тоа остана доследен во секој миг на неговиот творечки пат, иако живееше во времето означено од културата на интелектот и разумот, културата на цивилизацијата, на технички направеното и стварното кое, како што вели Херман Хесе, секогаш е наспроти природата, како нејзин ривал.

Но и во двата случаи важна константа е дека секое уметничко дело има своја парадигма во стварниот свет – како конкретна или асоцијативна форма и облик, како електрохемиски импулси од светот или од човечкото битие, како човечки ментални или материјализирани мемории итн., на што алудира токму Хесе во завршните поенти од неговиот роман „Нарцис и Златоуст“. Или како што запишал средновековниот мислител Алан Лилски, сите творби на светот/природата за нас се како книга, слика и огледало.

Парадигмите за скулптурите на Митриќески, како непосредно, материјално присутни примери и модели во стварноста, се во самите природни облици на дрвото. Во некој негов фрагмент во кој Мириќески почувствувал антропоиден или зоморфен облик што се крие во внатрешноста на дрвото и со својата особена скулпторска постапка, својствена и за мајсторите на резбата, го престорил во антологиско дело на својата и на модерната македонска скулптура (Коњска глава, 1960, дрво, Лежечки акт, 1969, дрво). Или, пак, во некоја негова необична композиција во чија внатрешност видел коњаник (Коњаник, 1971, дрво).

Тоа Митриќески не го стекнал, не го открил во текот на својот скулпторски развој, туку на тоа бил подготвен уште во самиот почеток бидејќи, очигледно, така бил формиран неговиот човечки сензибилитет. За оваа констатација силно ни говори невообичаено раното остварување на антологиско скулпторско дело Коњаник од 1959, кое уметникот го извел во бронза но според сите формални и изразни својства на неговите скулптури во дрво.

Тоа се другиот вид на парадигми кои Митриќески ги носел во себеси како формиран човечки сензибилитет, и тие биле засновани на естетиката на битовото и архаичното, во што родниот град Прилеп, со својата природа и култура, својата етно-фолклорна, преродбеничка и уметничка традиција, има битно значење во неговото формирање.

Најдоброто во сето тоа е што Митриќески во скулптурата остварил синтеза и соодветен баланс на модерната, спонтано, меко и елегантно изведена стилизација, со нагласената или некаде пренагласената волуминозност или издолженост на архаично-примитивистичката робустност. Човечките и животинските облици се поедноставени, статични или во замрзната динамична поза. Нема нивни гестикулации ниту пак уметникот прави драматични експресионистички длабења во формите на нивните анатомии. Текстурата на нивните форми има дискретна и означувачка игра меѓу редуцираните мазни и меки површини и подоминантните благо растреперени или растопени партии (сугерираат брзина на движењето што се одвивало или, пак екстатичност), додека партиите во кои уметникот прави плитки длабења со длетото се точно онаму каде што се појавуваат наборите на кожата/ткивото поради положбата на телото. Сето тоа е така стилизирано што сугерира внатрешна сила и монументалност иако скулптурите претежно се во мали димензии.

Митриќески мотивски доминантно се насочил кон човекот, а теми му се портрети на современици и историски личности (Марко Цепенков, Григор Прличев, Крсте Петков Мисирков, Св. Кирил и Методиј, Св, Климент, Самоил, Танас Луловски, Родољуб Анастасов, Лазар Личеноски и др.), како и мноштво женски и машки фигури и торза.

Боро Митриќески е роден во Прилеп во 1927 година, каде завршил основно образование. Средно уметничко училиште завршил во Скопје, во 1948/49 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1954 година, а својата прва самостојна изложба ја имал во 1965 година во Музејот на современата уметност во Скопје за која ја добил највисоката Октомвриска награда на СР Македонија. Имал петнаесетина самостојни и голем број групни изложби, и извел десетина споменични скулптури, меѓу кои маркантното остварување на Св. Кирил и Методиј. Бил директор на Уметничката галерија „Скопје“ – Скопје, и член на МАНУ. Почина на 24 ноември 2018 година.

АвторЉубен Пауновски
2019-01-15T10:19:31+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 123|