Дишење под

Дишење под

Изложбата е конципирана во два дела под заеднички наслов „Дишење под“. Како спој на фотографии на мртва природа поставени во форма на инсталација во првиот и цртежи во вториот дел. Овој проект е надоврзување на претходната работа во кој ја обработувам мртвата природа, но се поигрувам со терминот. Користам иконографски симболи на мртва природа: птици, цвеќе, во овој случај риба. Тука завршува класичниот третман и се отвора ново значење, алегориско поместување од основната иконографија.

Во првиот дел ја земам мртвата риба и ја ставам во амбиент на дом. Рибата е поставена врз огледало. Телото на рибата е извадено од нејзината природна средина и е ставено во сосема поинаков контекст. Според Данто постојат работи коишто можеме да ги видиме без огледало, но без него не можеме да се видиме самите себеси. Во него (огледалото) на дел од фотографиите ја гледаме самата смрт. Фотографиите се поставени врз кади. Кадата ја земам како ready made на човекот, а земјата како ready made на природата. Наместо вода за рибите кадата станува нивно живеалиште, почивалиште. Една од кадите е наполнета со куп земја и добива двојно значење. Од една страна потсеќа на гроб, од друга страна потсеќа на планина. Врз нив се проектира видео на пејзаж. Преку видеото коешто е подвижна слика на планински пејзаж се почнува да трепери. Размислував за моќта на перцепцијата. Овие планини сум ги видела многупати, но дали сум ги запомнила нивните обриси. Нивната реалност изгледа толку многу нереална што ни дава чувство за присуство на друга планета.

Вториот дел се цртежи поставени во форма на инсталација. „Таксидермија“ се цртежи во кои молецот го пресоздавам од коса. Од мртвиот молец создавам нов, од коса, замислувајќи го неговиот лет, движење и оставени траги врз хартијата. Цртежите на череп од овен потсетуваат на матка (утерус). Косата е носител на виталната сила која расте и после човековата смрт, таа е биолошки материјал создаден од човекот. Во делата користам и седа коса која означува друг стадиум од човековиот живот. Коските (черепот) се како земска трага на мртвите затоа што месото одамна се разградило. Со нанесување на коса врз цртежите тие како да стануваат живи. Во целиов проект си поигрувам со животот и смртта, лагата и вистината, со човековиот постојан порив работите да ги создава и повторно да ги пресоздава (препарира) за вечно да се сочуваат.

АвторМоника Мотеска
ПреводМилан Дамјаноски
2018-11-29T08:59:00+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 122|