„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

/, Литература, Блесок бр. 116/„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот


Триста ветрила! Јасно укажува и дека преведувачот не се посветил само на лексичка археологија, ископувајќи и реставрирајќи ги зборовите од пишаните македонски изворници. Напротив, тој збороловел и вон пишаниот збор, во оние простори во Македонија каде поморјанството е составен дел од секојдневниот живот, и меѓу луѓето кои тоа поморјанство го живееле. „Можеби некој ќе се запраша дали имаме говорители што ги знаат овие зборови и што ги користеле,“ (Чемерски, 2015: 133) вели тој и додава: „На тоа би одговориле дека тоа биле оние многубројни граѓани на Македонија што служеле во југословенската морнарица: некои три години, некои две години, а некои година и пол“ (Ibidеm). Некои три, некои две, а татко ми цели петнаесет години, зашто токму на ова место во книгата на Огнен влегува и мојата приказна, онаа поради која, како што кажав некаде на почетокот, ми требаше цела година и пол за да го напишам ова.

Во тие петнаесет години татко ми, како морнар на школскиот брод Галеб, го градел својот поморјански јазик, таа посебна мешавина од дебарскиот дијалект на неговите родители, од неговиот роден битолски дијалект, од свежо испилениот македонски литературен јазик кој му го предавале првите повоени генерации учители, од далматинскиот говор на хрватскиот јазик од Пула и нејзината околина, од официјалниот српско-хрватски или хрватско-српски јазик на југословенската морнарица, од многуте странски зборови присобрани по источните, егзотични пристаништа на Неврзаните земји. За него тогаш, како што вели Огнен, јас сум била можност, но со своето враќање дома, на копно, таа можност и јас еден ден да бидам, како ветување, станала поблиска и пореална. На четириесетгодишна возраст, во истите оние години кога Огнен ја пишува Триста ветрила!, јас го загубив татковиот јазик. Не ми остана ниту еден пишан или устен запис од неговите пловидби, а везден ме јаде јанѕата дека имав обврска, некој речиси свет долг и кон него и кон јазикот, некако да го забележам неговото глаголење, на неговиот јазик да му дадам некаков поживот, зашто ме плаши дека вака, полека но сигурно, умира од терминален заборав. Притоа, често помислувам на Мисирков кој вели дека „го забораваме своето, изучувајќи го туѓoто“ (Мисирков, 143). Отуството на тој татков јазик, како што тоа толку точно го кажува Снежана Букал, е причината за мојата вечна несоница.

Но, кога ја прочитав Триста ветрила!, повторно го почувствував присуството на тој, за мене еднаш загубен јазик. Со јазикот на татко ми патував по морињата како што ликовите во расказот Бродот наречен Скопје на Влада Урошевиќ преку портите во скопските маала, низ густата есенска магла, влегуваат во далечниот, чудесно присутен брод. А потоа, исто како што тие во големото пристаниште на море преку бродот наречен Скопје пак влегуваат во своите копнени домови, преку Триста ветрила! И јас, преку неочекуваниот преведувачки портал, влегов во јазикот на татко ми. „Благо оному што понизно и благородно ќе ги прими словата завештани од своите стари и што ќе ги крене да завиорат врв јарбола како пламени знамиња!“ (Чемерски, 2015: 180), вели Огнен на крајот од својата книга. Со неа, ете, „пристигнавме на место блиско до она на кое две човечки суштества воопшто можат да се надеваат дека ќе стигнат“ (Дебељак, 13). И за тоа тој ја има мојата вечна благодарност.

 


Библиографија

Boyd, Martin. “Two Opposing Views of Literary Translation: Nabokov vs. Borges” (пристапено на 11.1.2017)
Букал, Снежана. 2015. Без збогум на сето тоа. Скопје: Блесок.
Бундалевска, Александра М. 2014. „Ми недостига збор“. Република бр. 85 (18.4.2104).(пристапено на 11.1.2017)

Дебељак, Ерика Џонсон. 2005. „Придобивски во преводот“. Блесок бр. 42 (јуни-јули 2005).(пристапено на 11.1.2017)
Ѓурчинова, Анастасија. „Улогата на преводот во новиот концепт на светската книжевност“. (пристапено на 11.1.2017)
Јаконов, Небојша. 2009. „Има ли македонскиот јазик 250.000 збора?“. Глобус бр. 93 (27.1.2009) (пристапено на 11.1.2017)
Маџунков, Митко. „Конечна белешка за том бр. 153-54. Херман Мелвил: Моби Дик“. Скопје (30.7.2013). Необјавена рецензија на стручната редакцијата на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Мисирковъ, К.П. 1903. За македонцките работи. София: Печатница на „Либералний Клуб“.
Мисирков, К.П. 1946. За македонцките работи. Државно книгоиздателство на Македонија.
Мисирков, К.П. 1948. Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик. Скопје: Државно книгоиздателство на Македонија.
Михајловски, Драги. 2008. Под Вавилон: Задачата на пρеведувачот. Второ издание. Скопје: Каприкорнус.
Набоков, Владимир. 2014. Есеи: избор. Скопје: Конгресен сервисен центар: Макавеј.
Sokolskaya, Eugenia. 2014. “Pasternak: A Great Translator Reflects on Translation”. Russian life, 3 September 2014. (пристапено на 11.1.2017)
Spivak, Chakravorty Gayatri. 1993. “The Politics of Translation”. In: Outside in the Teaching Machine. New York: Routledge, pp. 179-200.
Урошевиќ, Влада. 1988. Скопски раскази. Скопје: Мисла.
Chattopadhyay, Arka. “Jacques Derrida and the Paradox of Translation: ‘You must go on. I can’t go on. I will go on.’ (пристапено на 22.5.2017)
Чемерски, Огнен. 2014. „Белешка на преведувачот“. Во: Мелвил, Херман. Моби Дик или Китот. Скопје: Конгресен сервисен центар; Битола: Микена; Скопје: Макавеј, стр. 271-278.
Чемерски, Огнен. 2015. Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето. Скопје: Блесок.
#b
1. Самиот автор вели дека од 2000 година ја истражува поморјанската терминологија, а преводот на Моби Дик е објавен во 2014 година.
2. Ова е втор превод на Моби Дик на македонски јазик – првиот го направил Свето Серафимов (Мисла, 1982). Ако се остави настрана едно од клишеата на преведувачкиот занает кое гласи „дека секое големо дело треба да се преведе барем еднаш во секоја генерација“ (Дебељак 7), Триста ветрила! Не е само своевидна долга и елаборирана фуснота кон новогенерацискиот превод на Огнен, туку и детална, трансгенерациска, Блумовска, синовско-татковска полемика. Оваа полемика не само што новиот превод (интертекстуално) го позиционира наспроти неговиот претходник, туку и овој вториов темелно го деконструира наспроти изворникот кој се преведува, но и наспроти сите текстови кои скришно и посреднички се мушнале меѓу Мелвил и македонскиот јазик. Притоа, синот-преведувач е строг кон таткото-преведувач, тој е темелен и критичен, воден не од слепата почит кон својот претходник, туку од верноста кон задачата која и едниот и другиот ја презеле врз себе: „Лабавоста и слободата што си ја зел преведувачот во 1982 година… прават забуни во мизансцената на драмата“ (Чемески, 2015: 143)
3. Самиот Огнен повеќепати преку примери и полемики го потенцира ова. На пример, за својата потрага по зборови наспроти немањето етимолошки речник на македонскиот јазик вели: „бидејќи немаме речник составен врз историски начела, морав тоа да го правам пеш, нуркајќи во многу книжевни дела“ (Чемерски, 2014: 275). Полемизирајќи со лекторскиот пуританизам, присутен во насоките за преводите кои се дел од скорешниот голем проект на македонската влада за превод за книжевните класици на наш јазик, пак, вели: „морам да го искажам своето несогласување со упатството на составувачот на поимникот на Редакцијата, во кој со право се наведени одредени некоректности, да се исфрлат и некои сосема легитимни зборови. Поборник сум на ставот дека лексиката треба да се збогатува кога за тоа има основа, а не смислено да се исфрлаат зборови поради нивниот происход или поради нивната сличност со зборовите од некои сродни или соседни јазици. Синонимите и хомонимите се јазично богатство. Овој став силно го застапувам во својот превод, кој е мое авторско дело“ (Ibidem).
4. Или, како што кај нас пишува Драги Михајловски: „Буквалното пренесување на синтаксата сосема ја уништува теоријата за репродукција на смислата и е непосредна закана за разбирливоста. Слободата при преведувањето (не разуздената слобода на лошите преведувачи), наоѓа смисла во самото ослободување од обврската да се пренесува смисла“ (Михајловски, 51).
5. Во својата белешка кон романот, а во врска со своите лексички истражувања и решенија, Огнен вели дека „без комплекс и зазор се користени зборовите од сите дијалекти на македонскиот јазик“ (Чемерски, 2014: 273), а „црпени се зборови и од другите словенски јазици, како што Мелвил и морнарите црпеле од многуте сродни и несродни јазици од кои настанала богатата лингва франка на морепловците“ (Ibidem). Овие негови ставови во суштина се идентични на оние на Мисирков, кој вели дека „историјата, како на нашиот, така и на другите јазици, ни покажува дека секој дијалект, поддијалект, говор и подговор, може да се употребува во литературните производи“ (Мисирков, 1946: 138).
6. Или, како што би рекол Дерида, „веќе на оригиналот секогаш му недостасува преводот“ (според Chattopadhyay).
7. Впрочем, и „задачата на преведувачот е да се нурне, да забуричка во самиот процес на зреење на јазикот на оригиналот, да чепка по очудувањата што јазичките творби на тој јазик ги прават големи книжевни дела жедни да превод, да го открива начинот на намисленото…“ (Михајловски, 81).

АвторЕлизабета Баковска
2020-05-05T09:28:42+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 116|