„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

/, Литература, Блесок бр. 116/„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот


Се чини дека Огнен запловува на своето преведувачко патешествие токму од овие последни зборови на Пастернак, кога кажува дека Моби Дик е поезија во проза, роман напишан во голем дел во дактилски или трохејски ритам. Не оправдувањето, туку суштинската потреба за својот слободен, широк и длабок пристап кон македонскиот јазик5F при преведувањето на овој роман тој прво и пред сè ја наоѓа кај самиот автор кого го преведува, укажувајќи дека „Мелвил придонел да се спаси цело богатство зборови, им вдахнувал нови значења и измислувал свои… Мелвил начнал, или презел, па развил и фонетско-семантички и етимолошки дилеми за присутното и отсутното токму во еден деконструкциски дух, а со тоа ја кренал расправата високо над обичното собирачко рамниште“ (Чемерски, 2015: 46). Заради архаичноста и меланжот на јазикот на Мелвил, вели тој, „нужно беше преведувачот да посегне по целото книжевно-јазично наследство на македонскиот јазик – по јазикот на Михаил Д. Петрушевски, Драги Михајловски, Петре М. Андреевски, Марко Цепенков, Григор Прличев, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчоски, дури по Кирил и Методиј и до нивните мајсторства по црковнословенскиот превод на Библијата“ (Чемерски, 2014: 273). Или, да се привика сè она што многу генерации преведувачи од нашата катедра по англиски јазик го заборавија по полагањето на штуриот предмет Македонски јазик во прва година. Тргнувајќи од претпоставката дека непреводливоста е мит,6F т.е. Дека „преводот како можност постои уште при создавањето на текстот“ (Чемерски, 2015: 21), преведувачот тврди дека „македонската лексика и зборообразувањето што се потпира врз сите наречја овозможува да се преведуваат и најсложените филозофски концепти од оригиналот, да се преточи неговата архаичност и таа да прозвучи во македонскиот превод, а со тоа да се ослободи и потенцијалот на македонскиот јазик, кој е исклучително богат“ (Чемерски, 2014: 274-275). На овој свој став тој тврдоглаво и упорно опстојува („Јас не сум помирлив.“ – кажува и самиот) и во самиот превод на Моби Дик (сосе сите фусноти, за кои на едно место вели дека се сведоци на нашиот пораз во обидите да го тотализираме значењето) и во Триста ветрила!.

На витло! – извикува преведувачот кога ја започнува потрагата по соодветни („најнаши“, како што вели) решенија, зборови и изрази во македонскиот јазик и отпловува многу подалеку од „плиткото и круто тло за чија безбедност секојдневниот и неекспериментален јазик си се држи обичајно и според навиките“ (Чемерски, 2015: 37). Следејќи го, како што вели, и примерот на Мелвил и основните специфики на создавањето на поморјанскиoт јазик, во кој „зборот, некогаш на суво, сега на вода добил нови значења“ (Ibid., 51), Огнен повлекува паралела со „нашата терминологија во градбата на црквите, која има сопствена мошне развиена лингва франка. Кај нас истовремено живеат и грчки (византиски), латински и словенски синоними“ (Ibid. 67). Така, во оваа истрајност Мелвиловите детални описи верно да ги пренесе на македонски, тој избраните/изнајдените зборови (а „за сите зборови најдени се пишани траги дека се употребувале или се употребуваат во Македонија“ (Чемерски, 2014: 274)) често ги очудува, пренесувајќи ги од нивното вообичаено живеалиште (копното) на море.7F Сведочејќи го ваквото очудување, читателот на преводот на Моби Дик добива единствена можност во живо да го гледа развојот и збогатувањето на еден (во случајов, македонскиот) јазик и да види дека „имаме ризница зборови и јазик со огромен креативен потенцијал благодарение на кој можеме со мирна душа да ги преселиме на брод и да оживеат, како што вакви селидби имало секаде“ (Чемерски, 2015: 154).

АвторЕлизабета Баковска
2020-05-05T09:28:42+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 116|