Љубомора

Љубомора

* * *

Наскоро по преселбата во Трст, Џојс го запознал трстјанскиот писател Итало Свево, а особено го ценел неговиот роман објавен 1898, Сенилност. Случајно или не, главниот јунак на Свевовиот роман е млад службеник кој за време на една, за него навистина љубовна пригода, е растргнат од љубомора. И тој се прашува дали сретнал продуховено божество или обична лекомисленка. Своите зборови не може да ги земе само како игра; ако биле со своето славење на духовноста испратени на погрешна адреса, тогаш самиот тој е само гротескен чудак. За разлика од Џојсовите, неговите сомнежи биле оправдани. Анџиолина е полна со животна радост и им припаѓа само на своите нагони; светот на зборовите за неа е само нужно зло. Фактот што не му се случува голема романса, Брентани не може да го прифати. Пред сè, веројатно затоа што неговиот живот е проткаен со насловната сенилност, јаловост и затапеност. Настанот во кој единствен пат почувствувал нешто подлабок потрес а своето битие, сепак не може да биде фарса. Љубомората кај него е некаков механизам кој го одржува буден, да не се лизне назад во вечниот сон, во лебдењето без попречувачки влијанија. Од една страна, црвот на љубомората ја нагризува замислената претстава на сферичното суштество кое се капе во небеска енергија, а сè што тој гледа и слуша му сведочи за спротивното. Од друга страна, љубомората е одредена токму со објектот во кој е тврдоглаво вперена. Тоа не е вистинската Анџиолина, туку некаква измечтаена фигура. Така, Брентани ја игра играта самиот со себе, неговиот принцип е пенење на сопствената енергетска површина, а при тоа никогаш да не се обиде или да се посака да се влезе во вистинскиот простор на другиот. Состојбата на возбуденост кај него не е вообичаена; многу подоцна, на случката со Анџиолина ќе се сеќава со благодарност, можеби и тогаш кога во него ќе затрепери и последниот атом желба за некаква активност.
Џојс направил чекор напред. Успеал, или барем се трудел, да се пробие во тесната близина на духот и телото на љубената личност. Љубомората одиграла поинаква улога отколку онаа во романот на неговиот пријател во Трст. Постојано со таква силина нагризувала сè освен од чистиот дух изведените претпоставки за нивниот однос, па браните сепак морале да се урнат. Секако, до тоа не би дошло кога љубомората не би била проследена со и темелена врз немирните потреби на телото. Токму заради волјата на телото духот морал да попушти и да ја смени насоката на својата волја. Поаѓачката основа, вткаена во свадбеното руво на нивната врска, дека нивните души досега мирувале а отсега хармонично ќе се движат само во заедничка насока, била премногу разнишана. Ненадејната одлука да се отворат вентилите на телесната страст, била само чекор во ловот по стварноста, обид за нурнување во повторно здогледаната магма на животот. И секако, рефлексот на надеж дека во налетот на страстта со можното задржување на свеста ќе се отвори нешто непознато, нешто кое е повеќе од вообичаеното, надгледуваното, бедно минливото. Во случајот на Џојс, љубомората одиграла, и покрај својата патолошка природа, животворна улога. Тоа некаква неугодна пружина која низ болка го раствора Џојсовото комуницирање со светот во најинтимната варијанта. Опседнува подрачја каде можеби се крие она спасоносното.
Така, Џојсовите писма на Нора се интересно сведоштво за младиот сомничавец когошто немирот и креативната амбиција постојано го гонат во нови потраги. Писмата се скапоцени и поради темата која делува по малку политички некоректна. Љубомората е некаква нечистотија која што толерантната свест, втемелена врз договорената доверба, не би си ја дозволила во преголема мера. Да се сетиме на Пушкин или Есенин и нивните вдахновени лирски јунаци коишто, измамени и издадени, посегнуваат по студено оружје и го употребуваат против издајникот или против самиот себе. Љубомората може да биде само повод за смрт, конечно одвојување и со тоа сакрализација на мртвата љубов. Џојс ни кажува една инаква приказна. Љубомората може да биде и лост на растреперниот процес, механизам во кој истовремено се огледуваат и двоумењето и волјата за пробој низ цврстите рамки кон една нова, плодна почва. Она што нè уништува може и да нè зајакнува. Остриот меч на крајната разделба постојано виси над главите на учесниците во оваа бурна авантура.

* * *

При доаѓањето во Трст, Џојс со себе го понел и ракописот од кој во следната деценија настанал негобиот прв роман Портрет на уметникот во младоста. Роман за раснењето. Како да сакал со време да ја состави сопствената апологија. Во неа е опишан преминот на духот, од детската доверчивост во сомнеж кон сè што е принесено на подавалник како несомнена даденост. Заклучната визура на Стефан Дедалус е многу сродна со онаа авторефлексија која скитникот ѝ ја пренесува на својата неочекувана избраничка. Стефановиот интелектуален развој ја досегнал точката кога мора да признае дека ништо веќе не го врзува за реликвиите на детството. Ниту конфесионалната религија, ниту љубовта кон татковината, ниту роднинската припадност; баш ниедна од наводно подразбирачките вредности не може да го вкотви неговиот живот во сигурно пристаниште. Судбината на немирниот морепловец од сега е неотповиклива.
Сепак не смееме да го превидиме фактот дека Џојсовиот романескен првенец толку долго го барал соодветниот облик. Џојс тврдоглаво посегнувал во археологијата на сопственото знаење, како да се плашел да не пропушти нешто одлучувачко. Јунаковото раснење завршува со занесна верба во силата на сопствената создателска енергија. Од каде тоа воодушевување среде менталното пепелиште, од каде вербата во силата на духот покрај сите знакови дека токму духот со експлозии од сомнежи го турка настрана од животот и неговата свеченост? Како е можно така тесно, една крај друга, да се најдат крајната сомничавост и еуфоричната верба? Во романот ги следиме доживувањата кои кај малиот Стефан ги раѓаат првите сомнежи во силата на општествените институции и врз нив втемелените односи. Многу важно место во тој синџир зазема телесноста. Потните слики сè повеќе се пикаат во дотогаш чистата детска свест. Наскоро се наоѓа кај проститутка. Имено, следува време на каење, а одлуката за единствено духовна присутност во светот се распаѓа при одбивањето на понудата да му се приклучи на езуитскиот ред. Како соковите од телото потполно да го натопиле духот и му ја отвориле вратата кон ползечкиот живот кој така страшно го исполнува светот од другата страна на мембраната на мозокот. Метаморфозата е завршена, одлуката за уметност потврдена, доаѓа време за големата авантура. Писмата за Нора, кои настанувале напоредно со романот, се чинат како некаква љубовна метафора на книжевната тектоника. Раѓањето на јазикот не е акт на спиритуална чистота; извалкано е од блудноста на телото и од сомничавите прекини. Во Портрет на уметникот во младоста, и покрај острината, сè уште се чувствува езуитското кандило; маглата е распространета врз грешните опсцености, така што низ неа минуваат само насетувачки обриси. Грчевното тражење на идентитетот се прелева во силна ерупција, во несопрена веселба, во џиновскиот Уликс. Џојс гради епопеја на еден обичен, фантастичен ден. Еротиката веќе не е затскриена зад сигурниот превез. Џојс, едноставно, ја разорува прозата на тогашното време, ја претвора во врвен експеримент на имагинацијата. Неговиот ерос се разлева далеку преку љубовта кон жената; сè што пулсира околу него – тела, шумови, метафизички дебати или празни дрдорења – е полигон на неговата незауздана мечта. Материја на евокација во светот на уметноста, во ветувањето за надминливото.
Џојс е она за што се прогласува: верник на уметноста. Уметноста не е само повикување на светот во областа на уметничкото дело: секогаш е и плод на студениот одраз, на раздалечноста која ја сопира течната лава. Уметноста секогаш открива подрачја кои не можат да се најдат ниту со гола спекулација ниту со жесток хедонизам. Тоа е, порано или подоцна, општо место, Џојс овде не е никаков исклучок. Ексцесноста на Уликс е всушност во привидниот несклад помеѓу силната експанзија на имагинацијата и строгите формални елементи, односно напорот на дистанцата. Расчекорот се чини огромен, зашто Џојс сепак не е само новопечен верник на телото, ниту потполно ладнокрвен набљудувач. Тешко е да се зборува за автономијата на уметноста, за нејзината независност од различни општествени занимања. Така, Џојсовата уметност е загреан и истовремено издржлив лонец кој не може да се смести во сферата на дискурсот кој се обидува да го уредува општеството. Нејзината експлозивност е неуловлива. Џојс е лудак кој ја разгласил својата лудост а потоа и ја докажал. Неговата верба во уметноста како единствена татковина за бегалецот, иако проткаена со постојани сомнежи, е изненадувачка. Ова е една од причините зошто – за некој само малку надреалистички ум – љубовната приказна на Џојс и Нора е мала приказна за една голема книжевност. Љубовните приказни му се потсмеваат на времето кое не донесува ништо добро.

Превод: Игор Исаковски

АвторМитја Чандер
2018-08-21T17:21:30+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 44|