Ѕвезди

Има една црна, тешка, леплива топка, застаната некаде кај грлото. Како мала си купив обетки во облик на ѕвезди и никогаш не ги ставив, можеби затоа што не бев толку мала и мислев дека не ми одговараат на возраста. Сакам да ја протнам лепливата топка од грлото низ тие обетки и да исчезне како кога се дува во купче прашина. Обетките никогаш не ги ставив. Така ѕвездите останаа во еден мал излитен несесер и никогаш не го видоа небото. Никогаш не им ја дадов шансата да засветат во мојата темница. Топката е леплива и не може да се дувне како прашина. Никогаш не им ја дадов шансата да светат, затоа што никогаш не го признав својот мрак. Топката е тешка, бавна материја која која го спречува дотокот на воздух и го засилува истекот на солена вода. Никогаш нема да светат, затоа што несесерот не може да се отвори. Затоа што не одговараат на возраста. Затоа што се само обични мали детски обетки од метал што `рѓосува. Затоа што не се ѕвезди. На топката може да се заборави, но таа во секој случај не може да се исплука. Недостатокот на воздух може да предизвика само мала вртоглавица која поминува кога ќе се отспие. На тврдоглавиот патент може да му се спротистави само моќна ножица. Внатре има само една ѕвезда, а ушите немаат веќе отвори низ кои може да се протне металот што лесно `рѓосува. Додека грлото полека се ослободува, а лепливата топка, неисплукана, се враќа назад, на раката што ја смачка обетката ѕвезда е јасно видлива една свежа изгореница.

2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 69|