Што да се стори во мигот

/, Литература, Блесок бр. 60/Што да се стори во мигот

Што да се стори во мигот

Мик е оној со кревања и падови, лудиот, со лоши чувства и бесови. Тој е оној кој ги наследил ирските гени а Џим потекнува од некоја друга, стоичка лоза на семејството, од татковата страна.
Во одреден момент, ушите преземаат сè, пулсот во твоите уши е ехо на другиот, посилен пулс, а целото тело се претвора во единствена целост, тогаш твоите мисли се впиени од она – што и да е тоа – кое управува со тебе. Потоа е готово и ако имаш среќа конечно ќе заспиеш. Телото се ослободува од напнатоста; дури и ноќниот воздух некако нежно ја претвора испотеноста во студенило, барем накусо. Мик дури веќе и не се сеќава за што беше толку вознемирен.
Гарт Расмусен не е дури ни сенка во неговото сеќавање. Џим, онаму, диши рамномерно. Светлечкиот бројник на Миковиот рачен саат нема да го принуди пак да го погледне; влажнотијата на неговата коса врз стутканата перница го ослабнува притисокот; тој знае дека некаде пред утрото ќе мора да ја најде кусата долна пижама, но не сега, не сега. Го повлекува чаршафот врз рамениците и, иако несвесен за тоа, Мик се склопчува во положба на фетус.

* * *

За појадок, Џим е буден прв и веќе ја има натрупано чинијата со четири печени вафли и сега со шеќер ги прелива вдлабнатините пред купот да го полие со свежото млеко кое млекарот го донел пред половина час. Утрово пак се избричил, а под десното уво има бела дамка од пената. Тивко потпевнува додека го сипа млекото, веројатно несвесен дека испушта какви било музички звуци. Џим сака да ја искористи неговата молчеливост. Тој на родителите им рече Добро утро; потпевнувањето беше доволно.
Мик влегува бавно, минувајќи си со дланката низ бушавата коса и проверувајќи го времето на украсниот часовник обесен врз полицата над огништето. Рачниот часовник со светлечките стрелки и бројник му е роденденски подарок, го доби минатата недела, и сè уште има потреба постојано да го проверува. Џим има саат со кожна заштитна обвивка, онаков каков што носат пилотите, вели тој. Тоа значи дека треба да го откопчува секогаш кога ќе сака да види колку е саат. Отпрвин, Мик беше љубоморен на убавиот, професионален изглед на братовиот саат, но брзо ги увиде неговите недостатоци, иако Џим му кажа дека е многу корисен за игри каква што е рагбито. Мик не игра рагби. Неговите светлечки бројки и сказалки се на некој начин производ на радијација, така му рекоа. Радијацијата убива, упадна Џим. Сепак, во темнина, светењето се чинеше речиси магично. Моќно. На Мик баш му беше гајле за таканаречената штета; доколку беше опасно, зарем не ќе го забранеа, или така нешто? Џим на тоа немаше одговор. Татко им продолжува да го чита весникот, и покрај сето тоа кошкање. Навикнат е.
Освен тоа, приказната е минатонеделна. Џим сега го носи својот часовник со кожното ремче и поклопецот како да му е сраснат со зглобот, природно. Миковиот часовник има широк метален каиш; сè уште понекогаш му ги фаќа влакната на раката. Кога ќе ти ги искубе сите влакна од зглобот, нема ни да го забележуваш, му имаше речено Џим. Саатот на Џим нема светлечки.
Мик седнува на масата и мајка му му носи две јајца на тост и го прашува дали сака малку сланина, испржила малку за тато, вели. Мик се двоуми, а потоа вели Не. Кога мајка му седнува крај него, ја прашува дали денеска ќе оди в град со тетка Мег.
Убаво од тебе што си запомнил, вели таа. Брат ти ме викна да го гледам во полу-финалето во тенис, но јас му реков не денеска, денеска е ден за голема прошетка.
Знаев дека е нешто посебно, вели Мик. Не криеш нешто од мене, знаеш. Можам да видам.
Таа му ја бушави и онака бушавата коса и станува од масата. Навистина мораш да се потстрижеш неделава. Обајцата, вели таа, но се знае дека само џунглата на Мик е неуредна. Косата на Џим е права; само малку крем и останува средена цел ден.
Сега треба да вежбаш пијано, му вели таа. Нема да бидам овде да те потсетам.
Божем му треба потсетување.

* * *

Околу ручек е време за неговиот последен тренинг за Шампионатите, за големите, а тој е решен за сто метри.
Мик е во базенот речиси пред сите други и исплива три должини пред следната група да дојде. Меѓу нив е и Гарт Расмусен.
Мик се сосредоточува на задачата која ја има. Секогаш препливува десет должини од базенот, за да се загрее, а потоа се одмора пет минути пред да побара од училишниот тренер, или од некој од помладите ученици, да му го мери времето на сто метри. Четири, пет, шест, седум, осум. Гарт Расмусен, му станува јасно, е во соседната патека и ја форсира трката. Речиси несвесен за себе, Мик го следи. Се натпреварува. Ова загревачко пливање не е наменето за брзина туку за мускулна координација и ефикасност. Расмусен го знае тоа, но тој е еден фраер кој би се натпреварувал и со сопствената сенка а потоа би се жалел дека таа не вежбала доволно. Гарт Расмусен нема ништо поумно да прави.
Мик забавува во последните две должини од загревањето. Го гледа Расмусен како плива уште две должини пред да се префрли во соседната патека и да го плисне Мик. Што му е на Расмусен?
Ти требаат уште шест, му вели Мик, но Расмусен ја слекува гумената капа. Пепелесто русата коса му паѓа врз лицето и тој ја зафрла назад со замав на вратот.
Тоа е твојот проблем, Тарнер, секогаш ги почитуваш правилата. Трката не се добива со правила, туку со вештина. Штета што тоа никогаш не си го научил. Затоа ќе те здробам, ќе видиш.
И ја фрла капата преку работ и се враќа во базенот, иако е забрането да се плива без капа во базенот. Училишни прописи. Расмусеновата руса коса ќе се претвори во зелена, си вели Мик, и посакува тоа навистина да се случи.
Подоцна, наредени за последниот тренинг, Расмусен е три патеки подалеку, но Мик знае дека би било исто и ако е до него, со сето негово испрчено тело. Гарт Расмусен можеби го има тој бронзен тен, и воопшто нема дамки; би можел да биде и многу повисок, и да, граден е како тенк. Но, од друга страна, не е баш сиот од мускули: има малку сало кое се забележува според начинот на кој папокот му се превиткува, а веќе има и видлив подбрадок. Не дека некому му е грижа за тоа: Гарт Расмусен си има своја тајфа компањони и е познат по своето делење бонбони и кекси, украдени од големата продавница на тетка му која се наоѓа на другата страна на градот. Расмусен има голема уста (на неколку начини, си мисли Мик) и многу рамни заби, како на реклама, но зошто тој би имал такви лепенки врз себе самиот?

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 60|