Што да се стори во мигот

/, Литература, Блесок бр. 60/Што да се стори во мигот

Што да се стори во мигот

На петнаесет години е сè уште можно да бидеш повреден од речиси сè. Заштитната кожа сè уште не е порасната а брзата реакција сè уште чека до полноќ за да се појави. Предоцна, непријателот веќе вмарширал, триумфално и навремено. На полноќ, или во два по полноќ, и самата перница, сега натопена од пот, е повеќе подбивна отколку утешна; не само што има џумки и длапки, туку го обвива лицето и се обидува да те задуши. И таа е дел од заверата.
Во другиот кревет, наспроти ѕидот од спалната, Џим лесно ’рчи. Тој никому не мисли зло. Невозможен е. Се чини дека Џим ништо не чувствува: Џим е врвна фрустрација.
Мик се превртува на левата страна и ја превиткува перницата за да си ја поткрене главата; можеби така ќе му биде подобро. Иако знае дека и тоа е попусто. Се има обидено и порано. Низ капаците на прозорецот се чини дека се насетува можен ветрец, толку слаб што дури и не ги помрднува лисјата на дрвото пред нивната куќа. Сепак, Мик мисли дека може да го осети ветрецот. Ги отфрла влажните чаршафи за воздухот да мине врз него, иако летните пижами се залепени врз неговото тело. Речиси сеќава студ во неговата пот, барем за минута или две. И Џим и Мик деноноќно носат поткошули; повеќе за да ја впијат потта отколку за некаква заштита. Мајка им вели дека така белите училишни кошули остануваат посуви и почисти. Кога навечер ја слекува поткошулата во бањата, Мик често чувствува дека е двапати потешка од наутро. Понекогаш, со вакво време, мора да ја менува поткошулата и наутро.
Ноќва знае дека ќе се превртува и прпелка низ креветот и дека конечно ќе ја соблече, и покрај предупредувањата дека може да настине или дека градите ќе му останат незаштитени. Џим е оној, таму во креветот, кој настинува и кој е подложен на астма, не Мик. И покрај сиот негов стоицизам, Џим е оној за кој мајка им се потресува, Мик тоа лесно може да го види, иако таа се обидува да не покаже. Не е чудо што Мик понекогаш збеснува; кој не би збеснал? Секој, освен Џим. Мик веќе ја откопча горната пижама. И таа беше влажна. Најлоши се летните ноќи во кои влажноста не се намалува а ветрето не пружа ниту привид за освежување. Ја слече горната пижама и ја пикна под чаршафите, наместо да ја фрли на масата. Сега може да се куртули од поткошулата. Ја чувствува нејзината влажнотија, но со неа си ги трие градите божем ќе ја впие потта од него. Неа ја префрли преку креветот.
Мик остава ноќниот воздух да му лизга по горниот дел од телото. Ова е речиси пркос, тајно непочитување на мајчините наредби. Денеска на школо – вчера, поточно – не само што не успеа да победи на сто метри слободно, туку потоа го остави Гарт Расмусен да му се перчи во соблекувалната, задевајќи го со мокар пешкир и правејќи шеги за Миковата бела кожа на местата кои сонцето не ги дофатило. Расмусен беше сиот кафеав и секогаш се фалеше како оди да се сонча со братучетките на браната зад нивната куќа.
Тоа го чепна Мик, не поради бледиот стомак и белиот газ, туку затоа што Расмусен постојано го нарекуваше беличка, беличка. Џим отсекогаш го предупредуваше брата си за неговата „ирска нарав“, со години веќе. Но, Мик беше речиси потполно решен да му се спротивстави на Расмусен во соблекувалната, иако овој беше цела стапка повисок и граден како тенк. Му требаше многу сила да се воздржи. Деновиве Мик добро се воздржуваше. Со години се немаше степано, а и тогаш беше само дете. Целото тоа попладне беше заклучен во бањата. Добро се сеќаваше на тоа. Секако дека се сеќаваше, зашто не беше тој виновен.
Но Расмусен беше нешто друго. Тој намерно се обидуваше да го налути Мик. Затоа Мик реши да го игнорира. Добро, речиси.
Некои од другите момци се вмешаа; но, тоа немаше врска. И не затоа што Џим го беше предупредил, со оној никогаш-ли-не-ќе-сфатиш поглед. Вистинската причина беше што Мик не можеше да смисли да каже што било со што би го навредил Гарт Расмусен.
Ја имаше надминато фазата во која слепо збеснуваше. Во срцето знаеше дека зборовите се поубиствени отколку дланките и рацете и збеснувањето. Мораш да внимаваш на тој твој остар јазик, рече мама. Дали таа забележа дека несакајќи го направи горд што може да се бори со зборови? Џим беше неговиот прв експеримент. Добро, не баш експеримент, но Џим секогаш беше крај него а неговото молчење секогаш беше предизвикувачко. Мик станал вербален насилник, рече тато. И тој самиот беше свесен за тоа, но тоа не му помогна денеска во соблекувалната. Убиствените зборови не му дојдоа. Каде му беше неговиот „остар јазик“?
Она што навистина го сакаше е да му надене прекар на својот противник, таков што ќе го носи сиот живот, како пајажина, како сенка, кој ќе го следи насекаде, долго после завршувањето училиште, име кое ќе биде толку прецизно и толку навредливо што Расмусен никогаш нема да го заборави, ниту ќе го надживее. Некое име кое името Гарт ќе го замени со некое име како Гад, но некое поостроумно и побезобѕирно. Не ќе биде важно што никој нема да се сеќава кој прв го смислил зборот, самиот збор ќе си ја продолжи работата. Мора да има таков збор.
Кое беше името на кое помисли пред десетина минути? Веќе исчезнато, го боцкаше Мик, како прст врз неговите голи гради додека одново не се преврте во креветот, и офна така што Џим во другиот кревет ја крена главата како да е разбуден, но потоа пак легна и се покри со чаршафите преку глава. Пак почна тивко да ’рчи, како и секогаш. Тоа има некаква врска со носните шуплини, рече мама. Мик остана здрвен неколку минути. Знаеше дека веќе нема надеж; зборот беше исчезнал.
Се чинеше дека на Џим секогаш му требаат неговите чаршафи, дури и ќебиња во лето. Имаа различни метаболизми.
Мик, иако можеби беше блед, имаше некоја внатрешна телесна топлина која го грееше, додека Џим не можеше ни да сонува да ја соблече поткошулата, дури ни во жешка ноќ каква што беше оваа. Градите на Мик, иако голи, се чинеа натопени од околната влага а испотеноста како да ќе го задушеше.
Пак ги стутка чаршафите. Се поткрена и ги соблече кусите пижами. Погледна кон местото каде што спие Џим; Џим беше завртен кон ѕидот и тивко ромореше; речиси задоволно ромори, си помисли Мик, и го сети вообичаениот удар на зависта.
Да се лежи гол на топлиот кревет значи да се поттикнат други чувства; Мик знае дека во оваа фаза е безгрижен. Знае и дека подоцна ќе се чувствува виновен, но посилниот процес веќе започна, а еднаш започнат веќе беше несопирлив. Зарем Џим никогаш ги нема овие чувства? Мик никогаш немаше забележано никаков знак. Но, можеби Џим е поитар отколку што нешто во неговиот карактер може да навести? Можеби Џим е посуптилен? Мик не може да го сфати брата си, иако можеби поради тоа што е секогаш тука и нема што да се сфаќа. Џим си е Џим: тивок, практичен, прилично нечувствителен.

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 60|