Шептејќи крај Мртвото Море

/, Литература, Блесок бр. 43/Шептејќи крај Мртвото Море

Шептејќи крај Мртвото Море

Тие внимателни и вешти професори будно внимаваа на талентираните студенти. Тоа беа мали луѓе и не можеа да ги поднесат студентите кои ги надминуваа. Како можеа тие професорчиња да поднесат некои студенти да им висат над главата? Затоа започнаа со нивните валкани трикчиња против нашиот Шах. Но нашиот Шах ги надмина и со неговите генијални и чисти мисли.
Кога се претставуваа како мудри, со нивните бедни поговорки и подгреани вистини, Шах се возбудуваше како мало дете и не можеше а да не каже: „Кралот е гол!“.
Тие плиткоумни луѓе ја имаат истата природа насекаде низ светот, наликуваат на диви волци. Кога се гладни, се напаѓаат меѓусебно, се раскинуваат на парчиња. Но кога се соочувата со закана однадвор, се здружуваат против заедничкиот непријател. Видовме како дивите професори седат заедно, и со нивните празни глави и отворените усти коваат планови против Шах. Како можеше едноставноста на нашиот гениј да се спореди со нивната разноликост? Тие добро знаеја како да се борат против знаењето, бидејќи знаењето беше најголемата закана за нивниот опстанок.
Како што обично се случува, нивните пакосни планови успеаја и Шах беше истеран од универзитетот.
Подоцна чувме за Шах преку весниците. Да, тој имаше преземено уште еден голем чекор! Ѝ се имаше придружено на револуционерната политичка партија во нашата земја и стана голем поборник на борбата против воената влада. Наскоро беше уапсен, како што очекувавме, и беше ставен зад решетки.
Во тие денови, посебни настани за народот во Пакистан беа камшикувањата на „политичките злосторници“.
Еден ден, најавија камшикување на некој бунтовник. Отидовме да ја видиме таа жива слика на праведноста на нашата влада.
Човекот во синџири беше нашиот Шах. Беше станал тенок и блед, а сепак не откривме ниеден показ на пораз на неговото лице. Еден дебел црн маж го камшикуваше. Ги слушавме ударите на камшикот врз неговото голо тело, но немаше крикови или вресоци. Избегав.
Дури и во мирот на мојата соба, не можев да го сопрам сјаењето на неговиот лик низ прозорецот – сјаеше и ми намигнуваше, закован во бледата светлина во таа црна ноќ над мојата земја. Видов како вика: „Гледај! Кралот е гол“.
На полноќ, гласно се испокарав со него: „Да, кралот е гол! Во право си, но јас имам многу стари и сиромашни родители. Ги сакам и сакам да се однесувам како нормален жив син. Мојот живот и животот на моите родители се поскапоцени отколку мојата земја. Ако сум овде, и земјата е овде. Ако изгнијам, што тогаш со земјата или со државата? Остави ме, Шах, оди си. Остави ми ја совеста да спие. Животот е поважен од совеста“.
Потоа, долго не чувме ништо за него. Бевме сигурни дека го биле убиле во некој ќош од некој валкан затвор.
Но, на мое изненадување, беше овде, шеташе по пустите приморски патеки додека јас го пишував писмото, без да смета дека нешто е загубено во неговото внатрешно море.
„Значи, уживаш во сеќавањата на минатото?“ прозборе со вечната детсколика насмевка.
„Да, Шахнаваз, но како ти се ослободи од заточеништво и каде отиде во тој грозен период?“
Погледна кон осаменото парче облак, фрли камен во растанцуваните бранови, и рече: „Една ноќ нè исфрлија од затворот, веќе немаше место за новите злосторници. Нè исфрлија кај северната границата. Ни рекоа да ја минеме границата за десет минути“.
„’Ќе ве убиеме ако не ја минете границата’, свика еден од нив. Знаевме дека ќе го сторат тоа. За миг бев збунет. Но, знаеш, на чекор до смртта храброста го губи значењето. Така, и јас избегав, како шакал да ми го бркаше опашот“.
Можев да го почувствувам мачењето на неговото лице. На кратко престана да зборува, палејќи ја цигарата. Потоа почна одново. „А потоа почна нова одисеја од беда, скитања и борби со судбината. Од никаде помош, дури ни од небото! Бев потполно одделен од семејството. Останав во Русија шест месеци. Единственото прибежиште за социјалист како мене“.
„Таму се соочив со уште едно разочарување. Луѓето сакаа да се откачат од нивниот таканаречен социјализам. Врескаа по правда, и наскоро видовме како споменикот на Ленин паѓа во прашината под нозете на толпата. Парталите ми беа премногу изабени за каква било пригода. Си ја ранев душата со глад“.
„Потоа ми се укажа прилика и стигнав во САД. Некое време имав покрив над главата и парче леб. Што беше мојата грешка? Само тоа што сонував за слободна земја? Па, сè уште сонувам за тоа. Но, сонот ми е речиси на смртна постела. Во тоа време бев затруен со романтичен сон. Сега срцето ми е мртво; дивиот оган на сиромаштијата му ги изгоре крилјата. Внимавај, вистината беше мојот злостор! Ја зборував вистината и казната беше неизбежна“.
На придушената светлина на месечината можев да му ги видам празните влажни очи. „Но, како дојде овде?“ бев нетрпелив да дознаам повеќе.
„Поради стомаков; поради немање пари. По многу години откако диктатурата беше завршена а човекот кој се беше прогласил за Бог на земјава беше повикан кај вистинскиот Бог, се вратив во земјата. Но, ништо не беше останало. Мајка ми беше умрена а татко ми беше станал инвалид“.
„Се вратив со надеж, зашто имаше нови избори, но тоа беше нов шок, последното разочарување во мојот живот. Не можев да се вработам во мојата сопствена земја; мојата сопствена земја одби да ми пружи живеачка“.
„Истите луѓе со други ликови одново се појавија и почнаа да си ги полнат алчните стомаци, гледав како ждерат и блујат; па пак ждереа и пак блуеја!“
„Сега не бев сам, ги имав жена ми и малиот син Вали со мене. Не можев да гледам како синот ми гладува, и дојдов овде за нешто да заработам. Ете, тоа е мојот живот. Поради неколку парички сум одделен од жена ми и од синот“.
„Пред две години, кога заминав, син ми почна да зборува. Кога влегував на аеродромот, видов како со дланката невино мафта; беше научил да прави па-па. Му погледнав во дланките и му реков: ’Да, сине, родени сме за да си велиме па-па!’“
„Сега веќе оди и зборува, а кога ќе види авион почнува да вика: ’Баба – Татко – па-па’“.
Повторно тишина. Немав зборови да го утешам. Станав, му реков збогум, го искинав писмото на парчиња, го фрлив во немоќните бранови на Мртвото Море и им реков на парчињата што тонеа: ’па-па’, и си го фатив патот за да соочам со уште еден валкан ден.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторМухамед Насрула Кан
2018-08-21T17:21:31+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 43|