Шептејќи крај Мртвото Море

/, Литература, Блесок бр. 43/Шептејќи крај Мртвото Море

Шептејќи крај Мртвото Море

Беше прекрасна мартовска вечер; тенки пластови облаци го прекриваа небото. Крваво-црвените сончеви зраци излегоа од тој тенок превез како крв која прокапува од ковчегот на некој невин човек. Седев сам на камениот стол на тажната плажа во Персискиот Залив. Веќе со денови не можев да заспијам. Единствено што можев да сторам е да останам буден.
Го гледав морето и морето ме гледаше мене.
Почнав да пишувам писмо кое никогаш нема да го пратам. Ѝ беше наменето на мојата неверна љубена:
„Драга Шехла,
Мислам на тебе со мојот испразнет ум и со бездушните очи. Гледај, мртвите бранови во овој мртов залив ѝ се потсмеваат на мојата беспомошност. Далеку одовде, жолтата месечина доаѓа за да ми ја зголеми бескрајната тага. Таа ќе ми биде пријателка ноќва; обајцата ќе си ги бришеме солзите за да отвориме место за нови. Се чини дека и месечината е засрамена од своето постоење, изгревајќи без природен изблик, молејќи го Господа да ѝ ја намали обврската.
Ова е вториот месец на мојот живот во прогонство. Знаеш дека не бев протеран од некој авторитет или диктатор, туку од гладот. Земјата ми стана пуста и сега мршојади ја владеат. Кога ги видов нивните движења над мене, додека ја душкаа смрдеата на моето полу-мртво тело, исползив надвор од нивниот досег. Но морав да бегам со голема брзина, додека ја носев тежината на моето мртво тело, а моите испрекинати и задишани воздишки ќе се пренесат врз многу следни генерации, ако сум плоден. Сега сум во најбогатото место на светот. Ова е земјата на Пророците и се верува дека Бог штедро ја благословува оваа земја. Не знам откаде потекнала измамата на нашите претци дека Господ засекогаш ги одвратил очите од нас. Сум видел расплакани мајки како молат за помош, но неговиот гнев не беше смекнат. Очигледно, гревовите на нашите претци биле многу големи.
Гледаш? Сега месечината се орасположи и мртвите бранови почнаа да покажуваат некакви движења за да ја докажат својата сила. Далеку одовде, искривата светлина станува сè поблиска. Сигурен сум дека тоа е некој брод натоварен со овошје од некоја сиромашна земја, платено со спуштање на неколку парички во правливите раце на сиромашните земјоделци. Смешно, тешкиот труд под силното сонце не им дава ништо освен неколку парички и прашина.
Се сеќаваш ли како ме опчинуваа овие природни појави? Можев да минам цели ноќи сонувајќи за такви сцени, но што се случи со мене? Дали чувството на изгубеност е она кое ги има вцицано сите мои чувства, или тоа е чувството на неуспех?
Дури и не сум способен да ја оценам соптсвената состојба. Нештата се чинат празни; сега сè е минато. Толку многу сум заглавен во минатото што не можам да мрднам нанапред. Заглавен сум во минатото но времето ме влече кон празната иднина. Знам дека времето е посилно од моето ништожно противење.
Затоа, дозволи ми да го ставам минатото на хартија, бидејќи имам слушнато дека зборовите се надвор од досегот на ова проклето време. Дозволи ми да си ги изблујам чувствата на хартија. Да си ги предадам надежите еднаш и засекогаш. Да ја сместам убиственава болка во мртвово море. Ветувам, веќе нема да се сеќавам на тебе. Верувај ми, сакам да се ослободам од овие крвави лузни на љубовта; да ја испеам крвавава песна за последен пат; да го извадам светиов отров. Инаку ќе ми ја убие душата. Верувај ми. Сакам да живеам во длабокото темно море на заборавот. Смачено ми?! Сакам обичен живот. Смачено ми е од сите болки и од глупавите маки.
Се сеќаваш ли, беше пролетен месец кога те сретнав во силната пладневна светлина? Како започна оваа фатална врска? Ете, ќе те обвинам тебе. Но, тоа не е вистина. Некако, тоа се чинеше помалку реално од остатокот на светот. Знам дека бев писател без скршена пара, кој се бори; да пишувам за кутрите ползечки суштества во мојата земја ми беше сон. Сепак, имаше нешто на тие валкани улици и свенати лица што ми даде чувство на поседување. Но, како ти би можела да ги сфатиш задоволствата од седењата во калливите колиби? Како би можела…“
Некој ме викна и престанав да пишувам. Чув машки глас: „Здраво братче, имаш запалка?“
Погледнав во човекот и видов нешто многу познато. „Сум го видел некаде“, помислив.
Одеднаш, сликата на еден мој дамнешен пријател ми се појави во умот. Да, тоа беше Шахнаваз – човекот кој беше изгонет од нашата земја пред многу години, кога бевме студенти.
„Ќе седнеш ли со мене? Се чувствувам осамен“, го замолив.
„Зошто да не, пријателе. Но, сигурен сум дека пишуваш нешто многу лично, ако не грешам, писмо до некого драг“.
„Некогаш драг“, реков.
„Ех, тажно е тоа. Но, пријателе, никогаш не заборавај дека никој не може да биде вечно искрен“.
Од неговата загадочна насмевка, се уверив дека тоа е Шахнаваз. Никој друг не можеше така да се насмевне. Беше заминал од Пакистан пред многу години. Беа тоа долги и страдалнички денови за нашата земја. Нашата Армија повторно ја имаше освоено нашата земја, полна со наталожени зла.
Секој на светов се сеќава на некого, но нашиот Шахнаваз беше еден и единствен. Бевме млади и патриоти, со амбиции да умреме за нашата земја. Иако бевме многу сиромашни, сепак бевме многу богати со искреност и љубов. Шахнаваз беше човек со широко срце во студената и пресушена толпа. Беше висок и силен маж, со прекрасна мудрост и ум, но невино отворен и чесен. Можеше да ги види личните маани кои обично се кријат.
Наспроти неговата ретка мудрост, не беше затскриен зад умни зборови и измислени доблести. Се чинеше дека е дете израснато во маж без да научи што било за светските манири, или да созрее во лицемер. Често ме потсетуваше на приказната од детството во која еден лекомислен крал им се обраќал на своите министри без притоа да носи облека. Тој бил философски крал и заборавил да се облече. Но никој не се осмелувал да му каже дека е гол. Многумина од министрите ја фалеле неговата прекрасна облека.
Одеднаш, едно дете влегло во дворецот и почнало да се смее велејќи: „Оф, погледнете, кралот е гол“. Шах беше тоа невино дете. Понекогаш, ми личеше на Идиот од Достоевски.
Еден ден, ја сопре најубавата но и најнаперчената девојка во кампусот, среде широката патека за прошетка и рече: „Извинете?“.
Дамата го прострела со лутите очи и му одговори: „Да, извинето“.
„Многу Ви благодарам“, рече Шах со својата бескрајна невиност.
„За што?“, праша дамата со уште полут тон.
„Што сте толку прекрасна“.
Таа му кимна со мирна насмевка, како да се знаеја којзнае од кога. Сакаше да му каже уште нешто, но Шах продолжи понатаму како ништо да не се случило. Немаше поим дека таа е прогласена за Кралица на универзитетот, и дека момците ја бркаа за една единствена насмевка.
Но, Шах беше незаинтересиран за сите тие безначајни копнежи и страствени средби. Таа една реченица на Шах ја збудале девојката и често ја гледавме како скита околу нашата катедра како кога кучињата ќе намирисаат кучка.
Како и на сите пакистански универзитети, каде професорите ги бираат со непотизам, и нашите професори беа шупливи тапани. Нивната глупава и безритамска бука зависеше од прирачниците кои обично ги криеја во катедрите. Еднаш фрливме една од нив во каналот покрај кампусот. Ниеден професор не се осмели да влезе во предавалната сè додека не донесоа нова катедра.

АвторМухамед Насрула Кан
2018-08-21T17:21:31+00:00 јули 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 43|