Читање на светлината

/, Литература, Блесок бр. 107/Читање на светлината

Читање на светлината

Читање на светлината


(Исак Роса, Темната соба. Магор, Скопје, 2015)

Добредодје, добредојде
Нека несреќата се облече
Онака
Ко што ѝ прилега на светлината
Даниел Драгоевиќ

По прочитот на романот Темната соба на Исак Роса, стиховите на хрватскиот поет Данијел Драгојевиќ, се наметнуваат како најсуптилна најава на загадочноста на книжевниот стил на Роса. Оттаму и би ја започнала приказната, од книжевниот стил, од начинот на којшто Роса нѐ воведува во апсолутната темница на собата, во нејзиното значење. Би започнала со податокот дека на првите педесет страници на романот не се појавува ниту еден лик, освен што се огласува раскажувачкото „ние“ упатено до едно никако посебно одредено „ти“. Ти – наспроти, ти –еден од нас. Ти – уште едно меѓу нераспознатливите лица во темницата. Раскажувачкото „ние“ воопшто не се брза да понуди одговори, напротив. Rоманот е отворен во повикот: „Не стој таму. Ајде влегувај, веќе сме собрани сите. Зад завесата, вратата отворена е, само треба да ја турнеш, додека ја чувствуваш тежината на ткаенината врз грбот, која се спушта оставајќи ја зад себе полутемнината на ходникот. Врата сама се затвора, и откако ќе направиш неколку чекори чувствуваш дека темницата ти се зацврстила на лицето, тешка, но не, тоа е втората завеса, која виси на полукружна шипка за да не го попречува поминувањето низ вратата. (…) Тоа е премин, поставен само за да ти го отвори патот: можеш да го поминеш само од страните, како кога влегуваш во храм. Штом ќе влезеш внатре, се ориентираш според најблискиот ѕид: ја потпираш раката на пердувестата површина. Оттаму, можеш да продолжиш движејќи се по рабовите на собата, постојано држејќи се за ѕидот; или да направиш неколку чекори кон средината на собата.“

Овој повик, на самиот почеток на романот, всушност му е упатен на читателот. Она што најнапред се случува во романот е иницијацијата на читателот во светот на темницата. Првите страници на романот се доживуваат како густо тесто. Занимливо, загадочно густо тесто во кое читателот ја доживува мачнината на внатрешната борба – ќе му се препушти ли на гласот кој му наметнува превез преку очите и настојува беспоговорно да биде следен сѐ уште неизвесно каде, или во текот на првото иницијациско поглавје (од осумте што ја чинат композицијата на романот), ќе го побара излезот во виделината.

Оние што ќе останат, се всредсруваат во утробната темница на перцепцијата и доживелицата. Читателите на романот, исто како и протагонистите, пред раскажаните собитија се поставени како пред менталниот екран на внатрешниот космос. Се согласуваат да партиципираат во комуникацијата (довиканото сеќавање за улогата на темната соба во текот на 15 години од животот на протагонистите) со посредство на менталната проекција на: допирот, мирисот, слухот. Во отсуство на видот, кожата на другиот е првенствено и единствено кожа на другиот: без лице или друг вид идентитет. Апсолутната темница на замандалената подрумска, тапацирана соба, отвара инаква врата на перцепцијата и го поставува интимниот, анималниот, но и контемплативен план и на нарацијата и на нејзината рецепцијата. Таа допушта во нив да се појави сето она што се отвора пред нас кога ќе ги затвориме очите.

2018-12-17T13:05:47+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 107|