Честит роденден

Честит роденден

Ледено студените моркови и јаболка ми го натиснаа стомакот; рацете ми беа толку студени што го имав загубено секој осет. Ако тргнев да го напуштам селото, ќе се смрзнев, така што морав да останам, а копнеев, со секоја клетка на моето тело, да се пикнам под ќебе. Без многу одолговлечување, тргнав назад кон куќата на старецот.
Беше чудно колку се чувствувам како дома на тоа непознато место. Влегов внатре, ја истурив робата од јакната во кујната а потоа погледнав во старо-арото; лежеше таму како и пред тоа, но кога му се доближив ме удри силна реа. Се имаше усрано и го имаше намокрено креветот. Едно време се двоумев: ова беше неподносливо, дефинитивно ми го уништи апетитот. Уште еднаш размислив за целата ситуација; главата веќе ми се разбистри.
Насеков малку огрев во дворот, запалив оган во кујната, ставив вода да се згрее. По неколку минути, топлиот воздух се лелееше низ кујната, па ја отворив вратата кон другата соба. Откако се измив со топла вода, се почувствував многу подобро. Го превртив старецот на мојата страна на креветот, му го избришав газот, му го исцедив чаршафот и го пикнав во лонец зовриена вода полна сапун, го наместив мојот чаршаф под старо-арото, и потоа ја проветрив собата. Дури тогаш застанав за момент: како тоа креветот да е наместен за двајца? Не е важно, можеби бил наместен за лекарот, си помислив.
Набргу, ѕидовите се загреаја и го извадив лонецот со чаршафот во дворот. Си ги погледнав дланките и ме вџаши, без особена причина, што сè веќе мина низ нив. Ги измив морковите и јаболката, ги излупив и ги изрендав во чинија, за старецот.
Го седнав во креветот; не ги отвори очите, иако од време на време му проблеснуваа белките од очните јаболкца, но успеав да му дадам само неколку залчиња, и три голтки вода. Голташе механички; морав да му ја држам главата за да не се задави, и гласно да му кажувам што да прави: Голтај! Џвакај! Сркај!
Се вратив во кујната и се срушив на столот; бев преморен. Полека ги изедов морковите и јаболката, го спотнав огнот, ја соблеков јакната, потоа се обидов да си ги средам мислите за да смислам како да се вратам дома. Не заминував тој ден – во тоа бев убеден. А, си помислив и дека лекарот секако ќе дојде следното утро, можеби можам да му верувам, да му кажам сè, да се изгребам за малку пари и да фатам магла.
Старецот мирно спиеше во креветот; беше доволно загреан за да ја тргне постелината од себеси. Се вгнездив на едната страна од креветот, и сè што ми паѓаше на ум беше дека времето треба да се забрза и лекарот да дојде што е можно побрзо. Очите ми се склопуваа, и си помислив дека можам да дремнам малку, па внимателно се стуткав крај старецот.
Мора да беше после пладне кога се разбудив, но веќе не бев вознемирен; бев делумно помирен со мојата позиција дека успеав да имам некаква контрола врз нештата и дека имав план за спас.
Самракот се спушташе; огнот догоре до жарче, па излегов да насечам дрва. Тапата острица на секирата имаше проблеми со расцепувањето на дебелите трупци и во мигот кога се наведнував да побарам нешто за да ја наострам раката ми сопре. Осетив дека некој ме гледа. Ја кренав главата. Една сенчеста фигура стоеше зад влезната порта. Се обидов да ја распознаам во самракот. Заеби, си помислив, одмавнав со раката и продолжив. Фрлајќи ја секирата на земја, отидов кон портата. По неколку чекори, можев да видам дека е жена, нејзиното обло лице сјаеше на светлината која се пробиваше низ прозорецот од кујната. Добровечер, реков. Добравечер, одговори таа. Може ли да влезам, ме праша. Секако, и ја отворив портата.
Во кујната ѝ понудив да седне а потоа отидов по стол во другата соба. Нејзините очи беа жар-црвени од плачење. Прво помислив дека сигурно му е ќерка на стариот, но бидејќи не изрази желба да го види, па дури и не праша за него, брзо ја отфрлив таа идеја и верував дека ќе можам ладнокрвно да продолжам да ја играм улогата на синот – барем до утрото.
Жената едвај да имаше повеќе од четириесет, и ако не се обрнеше внимание на потечените од плачење очи и усни, би одел дотаму то би рекол дека е убава. Почна со тоа што рече дека не знае ни од каде да започне. Ја слушав околу еден саат, во меѓувреме многу се стемни.
Таа беше во голема неволја: сите во селото ја гледаа како градска курва, бидејќи е убава, а овде ги мразат дојденците; сите требало да се земат со некого од селото или, во најлош случај, од соседното село. Маж ѝ пиел како смок; имал многу пари, земја од неколку стотици хектари и свои работници, но сега едвај нешто друго да прави освен што го стега шишето. Таа не може да го напушти, зашто тој би тргнал по неа и би ја убил, така ѝ ветил; или тоа или браќа му ќе ја убијат, сеедно. Не ѝ стиска самата да се убие, а бидејќи и јас сум странец, можеби ќе ја сфатам.
Си ја потпрев главата со дланките. Некако не можев да брбнам дека ако само ми даде малку пари, ќе фатам џаде. Тоа сигурно немаше да го реши нејзиниот проблем.
Дојди со мене: земи малку пари од дома и ќе збришеме, реков. Тоа е неможно, зашто тие ќе ме бркаат, ми одговори, а од начинот на којшто го кажа тоа и јас самиот осетив дека тоа би била превисока цена за мојата слобода, цена со која не би сакал да се задолжам. Замолчевме; таа престана да плаче. Се обидов да ѝ помогнам како знам и умеам: што ќе биде ако ти го убиеш, реков. Тоа е неможно, веќе мислев на тоа, ќе ми биде последното нешто. Но, можеби ако ти го сториш тоа. Изразот на моето лице се смрзна, потполно. О, не, одговорив, не тоа. Ќе ти платам; чува куп пари дома, милион или така. Едно време не реков ништо. Не можам да сторам такво нешто…, реков. Тој е клапнат дома, напиен е додека овде зборуваме. Дојди со мене, те преколнувам, помогни ми. Таа стана, широко ја отвори вратата и ме чекаше да тргнам со неа.
Немав срце да ја оставам расплаканата жена со нејзините маки; си помислив, ако отидам таму и погледнам од далеку, можеби ќе се смири, барем до утре. Ја грабнав јакната и тргнавме.
Нејзиниот сопруг беше клапнат во предната соба, рацете му се клатеа од рабовите на фтоелјата, устата му беше ширум отворена. Жената заинтересирано ме испитуваше, за да види што ќе сторам. Од мене, погледот щ се лизна кон дебелата, мртва-пијана свиња на која щ се имаше заколнато на верност…
А, што ако се изведе така да личи на самоубиство, прошепотив. Не знам; не знам ништо за такви работи, целата сум збркана, ми рече. Некој може да ја запали куќата, на пример, и почнав да истурам идеи, секоја подобра од претходната, но со бесчуствителност која дури и мене ме изненади, како да бев на некоја brain-storming сесија. Запали го сосе куќата, реков. Или закопај го во градината. Тоа не е самоубиство, рече жената. Вистина, реков. Или стави го во неговата кола и турни ја во езерото. Овде има едно езеро, рече жената, на околу два километри од селото. Па што чекаш, щ реков. Помогни ми, ме молеше.
Отидовме во гаражата, ја разгледавме колата, щ покажав како да го намести гасот, брзината и менувачот. Но, ти мора да го сториш тоа, щ реков.
Колата не беше користена со години, гумите беа издишани. Ја симнав пумпата од ѕидот, и иако во главата ми се вртеше од сето тоа, не губев ни час. Кога завршив со првото тркало, жената нежно ми го стегна вратот и ми го погали лицето. Не, реков, ти кажав дека ти мораш да го сториш тоа. Таа исчезна додека ја пумпав следната гума, и одеднаш сè ми се разјасни: ете ме мене, ги пумпам гумите на колата на некој потполно непознат, во потполно непознато место за кое што немам поим како сум се нашол во него, со старо-арото кое ’рчи во другана куќа, додека помагам еден кретен да се сретне со својот создател. Ќе збришам пред да се врати жената, си реков. Освен што немаше каде да киднам; надвор беше кочан-ладно и маглата се спушташе, а таа би ме следела до куќата на старецот.
Додека жената се врати, ги имав напумпано сите гуми. Во раката имаше сноп пари, кои ми ги напика во џебот од јакната. Осум стотки, рече таа. Да му се плукнам, се развикав, нека ти влезе в глава: Не! Жената потполно ја затвори вратата од гаражата. Стивни малку, може да те чујат. После можеш да ми правиш што сакаш, рече таа. О, не, не тоа, реков со потивок глас, но бесот не ми беше стивнал, и осетив дека бесот некако ми го зголемува мамурлакот. Ако со тебе го направам она што го сакам, тогаш ќе те оставам да бидеш онаму каде што почна, щ реков. И тој смрдеж ти правел што сака. Жената се сепна, моментно остана без зборови, потоа некако успеа да се поврати: Но ти си поинаков.
Не одговорив. Ја фатив за рака и се вративме во предната соба, го грабнавме нејзиниот сопруг, го натоваривме во колата и го легнавме на задното седиште. Од овде натаму сè зависи од тебе, щ реков, и со тоа ја оставив.
Стариот сè уште мирно лежеше на креветот, благо ’рчејќи. Шетав горе-долу. Одеднаш ми светна: парите. Ете ми ги, во џебот. Осумстотини илјади, ги пребројав.
Веќе беше длабока ноќ; надвор сè беше мирно, небото беше расчистено, а температурата се спушти под мрзнење. Фрлив уште неколку цепаници во огнот, ги извадив парите, ставив седумстотини илјади до старецот, на столот кој лекарот го користеше. Ги напикав останатите сто илјади во џебот, и го фатив патот.
На излезот од селото, почнав да трчам за да се загреам. Од време на време се вртев наназад, за ако наиде некој автомобил да застанам и да го кренам палецот. Никој не помина, но по отприлика еден километар се изморив, иако се загреав. Потоа, одеднаш, ете ти блесок од фарови на патот пред мене, а мојата сенка беше фрлена на стотина метри од мене.
Колата застана крај патото и вратата се отвори. Жената беше зад воланот, со маж щ на задното седиште, онака како што го оставивме. Ајде, помогни ми; не знам што да му правам сама, со гест покажа кон него. Остај ме на раат, реков, па навистина не знам како, само неколку секунди подоцна, се најдов седнат во колата.
Скршнавме по патот кон езерото; небото беше светкаво темно врз неговата површина. Колата застана во пошумениот дел на резервоарот, каде што една долга кривина водеше кон брегот. Со голема тешкотија, го наместивме човекот на возачкото седиште и го заврзавме со појасот. Жената го запали моторот и ја намести брзината, додека јас ја подесував педалата за гас на нешто малку повеќе од лер и го фиксирав квачилото за седиштето со стап кој можеше да се извади преку отворениот прозорец со една врвца.
Сè е в ред, ја прашав жената. Сè е во ред, ми одговори. Во дланката щ ја ставив врвцата и таа повлече без момент двоумење. Колата полека се спушти кон езерото. Тогаш, одеднаш жената почна да трча по неа. Да го ебам, почна да вика, го оставив клучот од куќата внатре. Ширум ја отвори вратата и се качи внатре: во темнината, не можев да видам што прави точно. Колата сеедно забрзуваше, и додека стигна до брегот на езерото сигурно достигна околу триесет. Излегувај, викнав по неа. Токму пред да влезе во водата, колата удри во некој трупец од десната страна и вратата се затвори со тресок; се стрчав натаму. Дури и во водата, моторот продолжи да работи, додека не потона. Трчав горе-долу по брегот; водата беше ледена. Ајде де, ајде, ја храбрев жената. Врвот на колата потполно потона, воздухот полека излегуваше од неа, и езерото се смири, само мали бранчиња што одеа кон оддалечениот брег малку го мрешкаа. Мина една минута, потоа две. Не можев да се натерам да одам по неа. Напротив, се оддалечував чекор по чекор. Откако се вратив на патот и се најдов во темнина, ги напикав рацете во џебовите и некако имав чувство дека ништо не се случило. И колку подалеку одев, сè повеќе си го повторував тоа: ништо, воопшто ништо. Дури не знам ни кои се.
Сè уште беше ноќ кога стигнав до следното село, или можеби беше град. Две таксија беа паркирани во центарот. Влегов во првото; младичот слушаше радио. Викаат дека мразот утре ќе попушти, рече. Тоа е добро, одговорив, главава ми се расцепи од студ. До каде, ме праша. Ова ќе биде добра тура, и потоа го именував градот, стискајќи му педесет илјади во дланката. Баш добра, рече тој, и мене ми олесна.
Не ми рече ништо додека не стигнавме до следното село. Дури тогаш ме праша: Мажот се врати дома? И прсна да се смее. Погоди, реков, а згора на сè средив двајца а на трет му го спасив животот. Изразот на лицето на младичот не се смени: такви нешта се случуваат во овој крај, ова е имашливо подрачје, а богатствата лесно минуваат од рака в рака. Но, ако ми дадеш уште една стотка, никогаш не сум те видел. Имам само уште педесет, реков, и ги извадив. Добро, одговори тој, тогаш ќе речам дека сум те видел само половина, од зад грб, да речеме. И почна да се корне од смеење: баш пристоен момчак, сепак. А мислев дека ќе чекам уште една недела, рече тој. Иако таа е ептен сигурна. Нели? Ќе се наљоскам со ортаците. Таков ќе ми биде роденденот. Честит роденден, му реков, и го засилив радиото.

Од англискиот превод на Тим Вилкинсон, превел Игор Исаковски

АвторСилард Подмазницки
2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 40|