Циркус

Моето внимание – без некоја посебна причина – го привлече едно слабодушно човече со права коса и нервозни движења: над безбојните усни, на капларската маска имаше мустачиња што личеа на две муви забодени со игли. Човек би рекол: ова се мустачиња кои ќе го надживеат сопственикот. Човечето беше во униформа со украси што потсетуваа на пајак, пајакова мрежа и пајакова жртва одеднаш. Беше во друштво на еден помал и подебел човек со маска на Освојувач; на себе имаше униформа со еполети и трирог шешир. Разговараа, сувиот и дебелиот. Живо мавтајќи со рацете, како да се препираа кој е поголем јунак. Нивниот разговор го слушаше едно момче со прекрасно тело, во платнена кошула, со маска на Девица на лицето.
Тука имаше и ќоси Хуни, Татари, во одеждите и со идолите нивни, имаше винари Словени, Нормани, Саксонци, Готи, имаше Маи со лице на полна месечина, имаше императори римски и главатари црковни, патријарси, папи, имаше фарисеи и литерати, имаше поглавари на изумрени племиња, предводници кинески, јапонски, индиски, египетски, македонски, имаше диктатори грчки, шпански, хавајски, имаше Николевци и Александровци, Филиповци и Луевци, Марии и Елизабети, со имиња што свршуваат на ов, ва, во, ски, чки, ич, иќ, ах, ор, ти, ви, со перја украсени; тука беа бесните и умните од овој, оној, и нивни, заложниците нивни и љубовниците на заложниците нивни, шутови и дами дворски, државници и законоклепачи, банкари и трговци, фабриканти и забавувачи, филозофи и уметници, научници и алхемичари, сметкаџии и занесени, млади и стари, убави и грди, големи и мали, нечисти и чисти.
И сиот тој булук беше како грозд, како букет каранфили во чија средина стоеја човечето со мустачињата и пајаковиот крст, и дебелиот; по сè изгледа тие сè уште се расправаа околу тоа кој од нив двајцата направил поголеми дела. Само убавото момче стоеше некако отстрана, и сè набљудуваше молкум, но не незаинтересирано.
Бината беше силно осветлена. На неа немаше никој, ништо: освен неподносливата белина.
Со времето, блескавата светлина слабееше, бледнееше, добивајќи виолетови тонови. Во гледалиштето стануваше сè потивко и потивко.
Кога вревата престана, знаев, претставата само што не почнала. И сигурно ќе видев, во тој миг, како работниците (зар?) ги вршат последните подготовки, да не ми го сврти нешто вниманието.
Публиката почна да ги вади маските. Гледав во таа незаборавна глетка и не им верував на своите очи: под маската на прасе, чакал или пума во раскошна облека, се појавуваше лицето на личноста на која одеждата, во некогашниот живот, навистина ѝ припаѓала. Под маската на личностите од поновите времиња, пак, се појавуваа други маски, исти како пред малку извадените, само многу посовршени, направени од фин кожен епител, дамкосан или бел како слонова коска, влакнест или ангелски чист. Сообразноста помеѓу облеката и лицето, маската и маската, лицето и лицето, не оставаше место за какво и да е сомнение: циркуската публика беше составена од вистинските и единствени сопственици на одеждите и маските.
… Кога се свртев кон бината, сè беше подготвено за почеток на претставата.
Всушност, на сцената ни сега немаше ништо. Беа наместени само гимнастички алки што слободно висеа во просторот. Со чудна форма, личеа на обични, иако големи, ножици: дршките од ножиците беа алки, двете остри сечила вкрстени јажиња.
Ножиците беа полуотворени, така што сечилата со оската правеа агол од дваесет и два, дваесет и пет степени. Во тој простор, меѓу остриот челик, висеше, треперејќи во празнината, голо женско тело. Девојката однекаде ми беше позната, но не можев јасно да ѝ го видам лицето: беше во полумрак. Телото, младо и свежо, раскошно трепереше во воздухот, како риба во аквариум.
На сцената се појави – капејќи се во зелена светлина – жена со кофа за вода. Беше облечена речиси како селанка. Ниеднаш не се сврте кон публиката. Ја спушти кофата скраја од мрачниот подиум, близу мене, и застана покрај неа, нема, неподвижна. Во лажната селанка ја препознав жената на чуварот.
Наскоро дојде и чуварот (зошто го очекував во себе?). Облечен како гимнастичар, осветлен со црвена светлина, застана среде сцената и ѝ се поклони на публиката. Дојде под справата и скокна. Силните раце ги зграбија алките; сечилата засветкаа во полумракот.
Кога чуварот се одрази од земјата, мислев дека девојката веднаш ќе биде преполовена: под притисокот на телото, сечилата ќе полетаат во прегратка и ќе ја пресечат девојката. Но тој, очигледно, беше мајстор на својот занает. Со несфатлива брзина правејќи безброј ситни полудвижења, грчејќи го, како уловена риба, треперливото тело, свиткувајќи се и напрегајќи ги и ножните прсти, успеваше да ги оневозможи сечилата да се приближат едно до друго. Дури постепено, острите краци се оддалечуваа, оставајќи ѝ на девојката сè повеќе слободен простор.
Фискултурникот се капеше во пот. Со лице на епилептичар, дури успеа да ги отвори сечилата од ножиците толку колку што можеше да ги рашири рацете. И стоеше така, триумфално, еден краток миг. Тогаш, ненадејно, телото почна да пропаѓа: сечилата полетаа едно кон друго. Движењето на гимнастичарот и начинот на кој одненадеж го олабави телото беа толку неочекувани, што замаен, ја раширив завесата. Сè се случи бргу. Сечилата штракнаа и ја отсекоа главата на девојката. Гимнастичарот паѓајќи го фати обезглавеното тело и, кога ја допре почвата, застана како закопан, држејќи го топлото, безживотно месо во прегратката. Главата со развиорена коса, сјаен метеор во темната ноќ, пролета низ воздухот и – плус! – падна во кофата со вода.
Нешто ме прсна по лицето. Се избришав со раката. Крв!
Во почетокот мислев дека ме открија, затоа што бев излегол пред завесата. Но очигледно, секој беше зафатен со своја работа, и мојата ништожност не предизвика никакво внимание. Бргу се вратив на поранешното место.
Претставата, очигледно, беше завршена, зашто гледачите станаа од своите места. Ги ставија маските со кои дојдоа и, не свртувајќи се кон сцената, тргнаа.
Седев неподвижно, додека не излезе и последниот посетител. Мислам дека притоа малку задремав. Кога повторно ѕирнав низ завесата, ги видов чуварот, неговата жена и ќерката. Жената чистеше, чуварот ги местеше столовите. Девојката седеше, замислена, малку отстрана, и пушеше.
Иако порано имав намера да му се јавам на чуварот по завршувањето на претставата, и да му ставам на знаење дека го изиграв, сега мислев дека е поумно многу да не се фалам. Зашто нему, можеби, не би му било тешко пак да ги намести ѓаволските ножици и за миг да ме стави меѓу острите сечила. За човек кој располага со онолку опасна вештина, изгледа, ништо не е невозможно.
Долго чуварот, неговата жена и ќерката останаа под шаторот: долго се подготвуваа за утрешната претстава. Кога си отидоа, ми олесна.
Така. Сега бев сам. Можев на мир да испушам една цигара и да размислам за сè што видов и – за тоа како ќе се извлечам одовде, дали ќе се враќам низ подземниот тунел за кој никој (освен кучето?) не знае, или ќе смислам нешто друго.
Додека размислував за претставата, ме вознемируваше сè: но најмногу ме копкаше прашањето: Која е девојката? Сега ми се чинеше – а додека ја гледав како пуши, бев сигурен во тоа – дека девојката на која онака грозно ѝ летна главата не е никоја друга ами токму ќерката на чуварот. Поразителна беше сличноста меѓу неа и загинатата девојка: иста коса, иста насмевка, исти раце, исти движења.
Ама неа ја гилотинираа! Како сега, одненадеж, воскресна? Не видов каде ги однесоа главата и мртвото тело, но знаев дека не е баш просто да ги залепиш и повторно да им вдахнеш живот.
Или жртвите за претставите ги довлекуваа од подземниот свет, секој ден по една (главата и телото од загинатата чуварот ги крие, така што новодојдената не знае што ја чека)? Та, без сомнение е дека долу, под земјата – таму од каде што поминав – живеат луѓе: зар не го чув нивниот шепот? Ама, како таа девојка да е толку слична на ќерката на чуварот? Да не живеат во земјината прегратка илјадници негови ќерки, од кои една загинала денес за утре да ја замени друга.
Решив што побргу да се чистам, по истиот пат по кој и дојдов. Така ми се укажуваше можност и да го испитам подземјето, и да ја одгатнам тајната на мртвата девојка и да се вратам дома. Дојдов до местото каде што беше сунѓерестиот отвор. Но кога сакав со рака да се нурнам во каменот за малку што не си ги скршив сите коски на прстите. Дупката беше затворена, зацементирана.
Очигледно, таа стануваше кашеста и проодна само тогаш кога требаше некој да влезе низ неа, човек воден од куче, можеби, или суштество од подземниот свет, предизвикувачка убавица со бела кожа, која толку личи на ќерката од чуварот што никогаш не би рекол дека не е таа. Сето тоа трае кратко. Потоа отворот се затвора (замрзнува, подобро речено) сам од себе.
Се сетив прв пат откако дојдов, дека чуварот, порано, додека безуспешно се мачев да влезам во циркусот, често ми велеше: Попусто се трудиш. Никој, освен мене и мојата жена, не може да влезе под шаторот. А кој влезе – не ќе излезе!
Тогаш шега ги сметав тие зборови, ама сега, откако ги видов чудните марифети што ги изведува чуварот, и сфаќајќи дека циркусот е, всушност, само голема, блескава стапица (за ќерки? или и наивните љубопитливци?) се наежив.
Зар е можно дека, барајќи раскош, го најдов својот сопствен гроб?
Потрчав!
Попусто. Попусто викав, попусто ги туркав столовите. Бев во стаклено ѕвоно на дното од океанот. На платното немаше ни најмала пукнатина. А тоа само по името (во мојата заматена свест) и бојата беше платно. Всушност, стапицата беше направена од цврста, мазна, за мене непозната и секако непробојна материја Кога ќе го допрев ѕидот од стапицата чувствував дека зад него нема ништо, ништо, а најмалку поле обраснато со див афион.
Бев, значи, заѕидан, жив закопан.
Сеедно. Утревечер, кога ќе дојдат маскираните, кога чуварот ќе ја постави необичната направа, кога жената ќе застане покрај кофата со вода и волшебното моминско тело – без сомнение, на истата, вечно иста девојка – ќе блесне во полумракот, нишајќи се како лаѓа на море, како трошка прав треперејќи слободно, тогаш кога зажарените очи на владетелите, нимфоманките и мршојадците ќе се свртат кон румената светлина на рефлекторите, во тој кус, страшен и бескрајно скапоцен момент – кога челикот ќе стане тесто, и ќе се отворат тајните порти на слободата, за оние што ја љубат – провидението ќе ми даде мала, скоро безначајна – но зошто неостварлива? – шанса.

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 33|