Хармонијата на двојноста

/, Литература, Блесок бр. 53/Хармонијата на двојноста

Хармонијата на двојноста

„Собирачи и ловци“, избрани раскази од Томас Шапкот, Блесок, 2006

#1 Како секој добар претставувач на нечие друго дело, би сакала да започнам со себе. Пред извесно време, ме запрашаа дали повеќе сакам (да пишувам), дали повеќе „ми лежи“ поезија или проза?
Ова прашање, навидум стандардно, прозаично, отвора една подлабока дилема која допира до суштината на природата на човекот: дали, кога зборуваме за „двете/двата“ (или пак за повеќето) во нас, зборуваме за двојноста или пак за подвоеноста. Значи, во првиот случај, дали зборуваме за „двете“ во нас како за паралелно, напоредно, дури и хармонично постоење (коегзистирање) на две половини во една целина. Или пак, во вториот случај, зборуваме за поделеност, спротивставеност, па дури и судир, взаемно исклучување на двете.
Тргнувајќи од поводот за овој текст, избраните раскази на Томас Шапкот, дилемата за двојноста и подвоеноста би сакала да ја претставам преку еден класичен, скоро сосировски триаголник карактеристичен за литературното (или поточно, прозното) творештво: оној што го сочинуваат авторот/творецот, приказната што тој ја раскажува, и нарацијата (начинот на кој тој ја раскажува приказната), како третата точка која го затвора овој триаголник.
Да почнам од авторот: Се чини дека Томас Шапкот, сметководителот со лик на австралиски фармер кој станал поет што пишувал и проза, пензионираниот универзитетски професор, верува во првата опција: во хармонијата на двојноста. Таа е неговиот животен и творечки импулс: роден како брат-близнак во 1935 година во Австралија, дури до својата четириесет и трета година напоредно се занимавал и со бројките и со зборовите, пред да добие диплома од Универзитетот во Квинсленд како вонреден студент, а редовен татко на четири деца. Некаде пред својата педесетта година, оженет по вторпат, ќе ја пропатува Европа и Канада, а во Македонија во 1989 година, триесет и три години по објавувањето на својата прва песна, ќе го добие Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.
Денеска, осумнаесетина години подоцна, Блесок ни го претставува Шапкот како прозаист (по вторпат на македонски по објавувањето на неговиот роман Белиот елен на прогонот во 1988 година, во издание на Мисла), со овој авторски избор од десет раскази (преведен на македонски јазик од Игор Исаковски), кој, во истиот тој дух на неговата верба во двојноста, е насловен Собирачи и ловци (а не собирачи или ловци).
Двојноста владее и со приказните кои авторот Шапкот овде ни ги пренесува. Така, расказите Црвената шапка и Што да се стори во мигот¸ кои функционираат на лично и интимно, скоро биографско ниво, зборуваат за растењето, за трансформацијата на момчето во маж. Тоа е она само за пубертетот специфично коегзистирање на детето и човекот во еден збунет ум и некоординирано тело, кога „на петнаесет години е сè уште можно да бидеш повреден од речиси сè“ како што вели Шапкот. Во оној период на животот кога се раѓа неудобната свест за сопственото физичко тело, а способноста тоа да се контролира е сè уште далечна, ликовите во овие раскази преку ноќ стануваат бунтовници уплашени од своите нови инцестуални мисли, или инаетливци кои одеднаш станале самосвесни за својата различност од врсниците.
Расказите Крзнени животни и Сончева плажа зборуваат за една подлабока двојност – онаа на секој крај кој во себе неминовно го носи семето на новиот почеток. Тие се случуваат во еден друг период од животот: кога човек го губи својот животен сопатник. Во првиот ова се случило банално и иронично – со развод, по законски пат, а во вториот – фатално, трагично и конечно, со смртта на сопругата. Товарот на прашањето како да се почне повторно после овој конечен крај неминовно води кон самосожалување, несмасно и на моменти залудно барање на нов почеток, па дури и кон една томасмановска опсесија со убава млада девојка. Во слична потрага по нов почеток после апсурдниот крај се впуштил и Имре – бегалец од Европа разнебитена по Втората светска војна, кој завршил (или почнал) во длабоката провинција на Австралија во расказот Бегалец. Таму, во „земјата онаму долу“ (land down under, како што би рекле Австралијанците) тој брзо ќе сфати дека неговото образование повеќе не му значи ништо, дека неколкуте јазици што ги знае се само луксуз, и дека неговиот живот станал само една низа на безброј нови, мали почетоци.
Двојноста на далечното на Австралија, новиот континент, и блиското/универзалното на современото искуство во глобалниот свет во кој сите живееме е основата на приказните во расказите како Затворање на банката и Чистота. Таму, промените сместени во надворешниот свет се оние кои ги диктираат внатрешните. Во едно, и за нас како Македонци изненадувачки препознатливо милје, општествените промени неосетно, а неуморно ја грицкаат сигурноста на еднаш безбедното и препознатливо живеење. Тие надворешни промени во земја како Австралија ги носат „новите“ доселеници – дојденците подигаат големи огради околу куќите и дворовите, градат џамии, имаат по четиринаесет деца! Заради нив, староседелците (или „постарите доселеници“), оние што таму биле пред нив, се чувствуваат како странци во своите родни градови. Од друга страна, општествениот пејзаж што безмилосно се менува, осиромашувањето на малите гратчиња ги затвора рудниците и банките, а еднаш доблесните, предвреме остарени чиновници ги фосилизираат веќе неупотребливите документи од еден претходен систем.
И токму кога сме се нашле себе си во ова универзално искуство, поистоветувајќи се со проблемите на австралиските староседелци, во расказите Турско кафе и Љубљана ги гледаме разликите (или двојноста) на нашите култури: егзотиката, страста и (донекаде) апсурдната мелодраматичност на Балканот, наспроти студената рационалност и (донекаде) апсурдната наивност на Западот. Во првиот расказ, бучната група Македонци во еден ресторан во очите на подостарената Австралијка (која пак еднаш отишла дури до Истанбул во потрага по љубов) не се ништо поразлични од Италијанци. Во вториот пак, во онаа иста 1989 година, главниот лик (чинам, самиот Шапкот) својата прва средба со мистичниот Балкан ја доживува толку силно што дури (за прв и последен пат во расказиве) флертува и со надреалното – со вампирството. „Видот, како и слухот, сè уште ми беше премногу површен, исполнет со новини и со желба да се сосредоточам на егзотичното.“ – хенриџејмсовски наивно зборува дојденецот од „најмладиот континент“ соочен со (она што му кажуваат дека се) светите места во срцето на „старата Европа“.
Од авторот и приказните, да дојдам и до она што е (барем според мене) носечката точка на секој прозен триаголник: нарацијата, начинот на кој авторот ги раскажал приказните. Во оваа збирка, напишана со проста и строга проза, економична и стегната во кратки и јасни реченици, расказите се сведени скоро на ниво на вежби по креативно пишување (предметот што Шапкот го предавал). Тие се лесно читливи, раслечени и растоварени од секаква зборливост, скоро скици во кои костурот на приказната е исчистен од месото на какви било дополнителни насоки или заклучоци (понекогаш од оние писателско-мудрувачките, но понекогаш дури и од оние кои на читателот му се суштински потребни). Би можело да се рече – расказиве се суво, информативно четиво, скоро сметководствен извештај. Шапкот е „помалку трагач по есенции, повеќе коментатор на односи и состојби“ како што за него вели Гане Тодоровски во венценосната 1989 година. Или пак, тој е собирач на (навидум) безначајни детали од човечките животи, и ловец на длабоките вистини во нив, автор кој самиот ќе каже дека „големите промени во нашиот живот понекогаш можат најдобро да бидат претставени преку дробни детали.“
И тука ова кратко претставување на збирката раскази Собирачи и ловци ќе го завршам како што го почнав – со себе си. Без да размислувам на некое, дури ни најплитко, филозофско рамниште, запрашана што претпочитам меѓу поезијата и прозата, брза на јазик (а јазикот секогаш си поигрува со нас, вели Шапкот), како вистински предавник на стихот, јас се истрчав и реков – се разбира, проза. Дали тоа значи дека верувам во подвоеноста наместо во двојноста? Или, во конкретниов случај, дали Шапкот е (подобар) поет или прозаист? И конечно, дали пишувајќи му останува верен на својот омилен цитат (од Анаис Нин), кој вели: „Улогата на писателот не е да го каже она што сите можеме да го кажеме, туку она што не умееме да го кажеме“. Бидејќи објективното не постои, не постои ни двојност: останува единствено вашиот субјективен суд – прочитајте, соберете, уловете, видете и самите…

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 53|