Францускиот математичар

/, Литература, Блесок бр. 52/Францускиот математичар

Францускиот математичар

2

– Геометрија, објавува Верние.
Во трите недели аритметика, неговиот глас ниеднаш не се крена над здодевното мрморење, а сега најавува нов предмет божем тоа е наслов на некој еп кој сега ќе ни го рецитира напамет. За првпат после уназадувањето, седнувам и забележувам. Геометрија. Зборот има одредена звучност. Или тоа е само поради ентузијазмот на Верние? Неговите зборови во мене допираат струна, ме поткреваат, ме потресуваат и чудат. Понекогаш, и тоа по цели минути, додека тој мери и гестикулира, заборавам дека сенката од рамката на прозорецот дијагонално паѓа врз моите празни дланки, заборавам на немирот и фрустрацијата кои ме потресуваат во изминатава година, заборавам на уназадувањето. Во тие мигови, ниту љубам ниту мразам, ниту се плашам ниту се надевам. Оттргнат од емотивниот хаос на изминатите месеци, чувствувам олеснување од редот и одреденоста на геометријата.
Елементи од Евклид, продолжува Верние.
Има триесетина години, црна коса залижана преку челото и очила направени од кругови, линии и лакови. Носи сиви ракавици за да не го дразни дерматитисот со правот од кредата. Додека ја крева книгата високо над главата, неговиот лик е искривен во конкавниот рефлектор на ламбата.
– Книга на Книгите, господа. Највлијателниот текст кој кога било е напишан, повлијателен и од Библијата. Прескокнал векови, нации, јазици, религии. Неговото значење е вонвременско; неговата националност, универзална; неговиот јазик, логика. Вистина, господа! Апсолутна, трансцендентна вистина. Ги поминавте аритметичките вежби: собиравте, одземавте, множевте, делевте, вадевте корени. Тоа е добро и убаво, сето тоа е многу полезно. Јас сум последниот кој би ја одрекол полезноста на аритметиката. Таа оди рака под рака со парите, а, како што знаеме, парите го вртат светот. Таа е од животна важност за истражувачите, за банкарите, и за генералите. Таа одредува што успева а што не, ја мери добивката и загубата, брои животи и смрти.
– Но, господа, наспроти нејзината честа присутност во светските случувања, аритметиката нема врска со духот на математика. Тој дух го наоѓа својот прв израз во геометријата. Духот, господа! Помислете на тоа. Дух не различен од Светиот дух, а исто како што Светиот дух не може да биде осознаен просто со редовно одење в црква в недела, ставање паричка на тацната за прилози, кажување на сто Свети Марии и двесте Оченаши, така и духот на математиката не може да се дофати со повторливи вежби по аритметика. Многумина се повикани, господа. Некои се избрани да служат во училишта, а други во повисоки институции, каква што е нашата Политехника, но неколкумина, можеби грст од секоја генерација, се избрани да станат посветеници, да учествуваат во мистериите, да му служат на духот во внатрешното светилиште.
Маѓепсан сум од кафеавата книга со изабена подврска, со избледени златни букви. А кога, гледајќи директно во мене, Верние прашува кој од нас ќе биде меѓу неколкуте избрани, срцето ми потскокнува. Сакам да знам повеќе за Евклид.
Дали е апсолутната вистина можна во ова немирно време, кога безбројни групи тврдат дека ја поседуваат вистината, а светот се чини дека е на работ од хаосот? Ројалисти, републиканци, социјалисти, сен-симонисти, анархисти, засилените језуити – сите тие се активни меѓу учениците, сите бараат конвертити кон своите одредени вистини. Се чини дека на тоа му нема крај, особено кога комбинациите од некои групи создаваат нови вистини. Можеби Евклид, кој го издржал испитот на времето, би можел да го истера хаосот кој врие во мене и да ми помогне да го сфатам светот. Вниманието ми го привлекува дланката на Верние во ракавица – вистината во книгата е пречиста за да се држи со голо месо.
– Од 1482, испечатени се повеќе од илјада изданија, продолжува Верние, додека со одмерени чекори шета меѓу нашите клупи. Знаеме дека Евклид ги собрал своите дела во тринаесет книги кои опфаќаат геометрија на триаголниците, круговите и разни четириаголници; теоријата на пропорцијата; теоријата на броевите; ирационални броеви; кубна геометрија. Што се однесува до геометријата, која ќе биде наша главна задача, знаеме дека Евклид сè засновал врз дваесет и три дефиниции и десет аксиоми, од кои пет се наречени прифатени идеи, а другите пет постулати. Од сево ова, го знаеме умот на Евклид, но што станува со човекот?
– Ве прашувам, господа: Дали е човекот важен во зашеметувачката светлина на неговата креација? Освен фактот дека Евклид подучувал во Александрија околу 300 п.н.е., веројатно на покана на Птоломеј, за него малку се знае. Не знаеме каде и кога е роден. Не ја знаеме неговата националност. Некои тврдат дека воопшто не бил Грк, туку Египќанец. Не знаеме што мислел за боговите на тоа време; дали бил пријатен или груб; дали сакал вино; или дали имал деца. Личноста не е важна, господа. За повеќето од нас таа исчезнува без трага после четири генерации, а камо ли после четириесет. Она што е важно е идејата, идеалот, вистината. Но вистините во оваа книга не се лесно дофатливи. Не постои лесен пат до геометријата. Потребен е голем труд и сосредоточеност. Некои од вас бргу ќе останат крај патот, но оние кои ќе издржат ќе видат свет поблескав од освојувањата на Александар, таков свет кој е помоќен од Римската Империја и кој ја надживеал сенката на Мрачното доба. Свет кому нашите француски математичари многу му придонеле од времето на Декарт.
– Повикот е упатен, господа. Кој ќе го чуе? Кој ќе му служи на духот? Кој ќе се одрече од себеси за сметка на вистината?
Мојата рака неволно се крева. Училницата прснува во смеа, што уште еднаш ја докажува нивната глупост. Нечувствителни се кон духот на математиката, неспособни да ја сфатат деликатноста на зборовите на Верние. Нека се смеат. Тоа потврдува дека сум попаметен од нив.
Како Верние може да ги поднесе? Би требало да им се закани со казна. Зошто бледо се смешка, додека ги брише стаклата од своите очила, додека подмижува држејќи ги спроти светлото? Кога смеата конечно стивнува, тој позема друга книга и ја крева пред класот.
– Евклид е одлично протолкуван и претставен од Адриен-Мари Лежендр во неговиот Елемент на геометријата; текст напишан за да послужи при современите предавања, а кој ние многу ќе го користиме. Отворете ги вашите книги, господа, и да започнеме.
Цврсто стегната во дланката со ракавица, кредата брзо потскокнува врз таблата, удирајќи при запирките, чкрипејќи при подвлекувањата, понекогаш пиштејќи во својата залетаност. Од задниот дел на училницата, исправајќи се за да ја прочитам таблата (видот секогаш ми бил слаб, но ми се чини дека се расипал во последните неколку месеци), со сета сила се трудам да го стигнам Верние и во мојата книга да ги препишам дефинициите, постулатите, аксиомите и теоремите. Една идеа води кон друга, природно, лесно, како ноти кои се спојуваат за да оформат пријатна мелодија. Додека Верние ја брише ограничената табла (ниту ноќното небо не е доволно широко за да ги вдоми можностите на геометријата), јас размислувам за првата дефиниција: Точка е она кое нема дел. Се чини дека точката е и не е. Ако ја претставам на страница, веќе не е точка. Ако се обидам да ја уловам во мислите, исчезнува. Замислувам точка која се движи со голема брзина; во тој миг е и точка и линија, честичка и процес. Ако се фатам за линијата, точката ја губам од вид. Ако се сосредоточам врз точката, линијата станува илузија. Вчудовидувачки како нешто толку недофатно треба да е основата на сета геометрија! Во блесок, ја гледам неделивата точка како семе на создавањето. Можеби семирот експлодирал од една врвна точка. Можеби Бог е врвната точка. Можеби душата не е ништо друго освен една точка.

АвторТом Петсинис
2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 52|