Францускиот математичар

/, Литература, Блесок бр. 52/Францускиот математичар

Францускиот математичар

Три момчиња се појавуваат од кај клозетите, фрлаат поглед кон зградата на наставниците, и брзаат преку дворот. Двајца од нив се во трета година, третиот е во втора. Тој делува исплашено, другите двајца речиси го носат. Уште една иницијација! Еден од третаците се обиде ме подложи на иницијација кога стигнав. Ми зборуваше за некој таен извор на задоволство, начин да се поминат бессоните ноќи, рече дека тоа е единствениот начин да се стане маж. Го следев до смрдливите клозети. Смешкајќи се, колнејќи се дека задоволството е неописливо, ги откопча панталоните и си ја стави раката во нив. Истрчав надвор и повратив во еден агол од дворот. Таму и тогаш се заколнав дека никогаш нема да се понижам низ тој срамен чин. Не затоа што Црквата го осудуваше, туку затоа што сфатив дека оние кои од него се одрекуваат се некако посупериорни од оние кои му се предаваат. Одрекувањето значеше владеење на разумот над инстинктот, живот според повисока моралност, издигнување на себеси на ниво на херој. Неколку денови подоцна, мозолчавиот третак ме сопре во дворот и ми врекна в лице дека никогаш нема да пораснам и да станам маж. Му одговорив дека попрво би се убил отколку да го следам неговиот пример. Ми се исклешти со позеленетите заби и истрча кон клозетите.
Ѕвоното страшно одекна за следниот час. Математика. Порано ја немав учено. мајка едвај ме научи на основните аритметички операции. Бев во класот на Верние две недели, на курсот за почетници. Сè уште повреден од уназадување, не можев да се натерам да работам, па дури ни да се заинтересирам за предметот. Првите неколку часа ги минав во задниот дел од училницата, смуртен, скицирајќи го профилот на Наполеон наместо да ги работам вежбите. Проклето уназадување! Ќе видат они! Наставниците се здружиле против мене. Ме наклеветеле кај татко, кој ги читаше нивните извештаи кога бев дома за Божик, пред два месеци.
Повикан во неговата работна соба попладнето кога стигнав, бев вџашен од тоа колку остарел од моето последно доаѓање дома. Неговата темна коса беше пепелава, а тој делуваше некако невообичаено мрачно. Дали премногу работел? Тој беше градоначалник на Бур-ле-Рејн, положба која ја доби за време на Стоте дни1F, а која ја задржа дури и по поразот на Наполеон. Откако монархијата беше вратена, тој му се заколна на Луј XVIII, без да ги одрекува своите силни либерални сфаќања и жестоките републикански ставови. татко не е ниту хипокрит ниту опортунист: заклетвата ја даде за да не им дозволи на монархистите да ја заземат таа положба. Освен тоа што беше градоначалник, татко го водеше и градскиот интернат, кој го наследил од својот дедо, кој пак го добил за време на Револуцијата. Школото носи пари, и јас знам дека татко ме подготвува да го наследам.
– Ме разочара, синко, рече со шуплив глас, штипкајќи си го подбрадокот. Одбив да те уназадат минатиот август зашто верував во твоите способности. Се надевав дека ќе покажеш дека сум во право. Се чини дека сум грешел.
Не го кренав погледот од мастилницата на неговата маса. Дали моите слаби оценки беа причината за неговата остареност?
– Твоите извештаи не покажуваат напредок. Напротив. Што велиш за ова? „Освен тоа што последните неколку недели малку нешто сработи, а и тогаш само поради стравот од казна, овој ученик потполно ја запоставува наставата. Неговиот чуден карактер го одделува од соучениците“.
– И ова: „Иако се однесува прилично чудно, ученикот е многу нежен и исполнет со невиност и добри особини. Лекциите никогаш не ги знае половично – или воопшто не ги учи, или ги учи добро“.
– Што да мислам после ова, синко? Затоа ли те пратив во Париз?
Почувствував длабоко каење. Го сакав татко повеќе од кого било друг, сакав да го задоволам, да имам добри оценки, но не можев да ја надминам омразата која ја чувствував кон сите во школото.
– Епа, овој пат нема мрдање. Не можам пак да се мешам. Едноставно ќе мораш да издржиш уште шест месеци во втора година. Можеби ова уназадување за нешто и ќе ти користи. Направи нешто поинакво, можеби часови по математика.
Ми ја стави раката на рамото и нежно ме погледна. Сакав да се извинам, да ветам дека ќе се поправам, но го потиснав нагонот да го прегрнам и да му се расплачам во прегратка. Забележувајќи како чувствата ми навираат в очи, тој отиде крај прозорецот кој гледаше на градскиот плоштад, ја тргна завесата и се загледа во оддалечената црква.
– Живееме во несигурно време, рече. Човек не може да знае што ќе се случи следната година. Не можеш да се потпреш на ништо освен на својата интелигенција, Еварист. Доброто образование ќе ти користи додека си жив.
Сакав пак да го видам весел, а ако поради тоа би требало да одам на часови по математика, ќе одам.

Ѕвонарот им се заканува на оние кои заостануваат и на оние кои не сакаат да ги прекинат игрите. Држејќи го татко во едната дланка, со другата си поигрувам со еден зрак светлина.
Дали да се потрудам? Да престанам ли да изигрувам будала, барем на математика, поради татко?
Сега сум сам во дворот, неколку разиграни врапци ми ја колваат поплочената сенка. Божем потпишувам указ, врвот од пердувот си го впишувам името и датумот на опачината од помодрената од студ дланка: Еварист Галоа, 14 февруари 1827.

#b
1. Стоте дни или походот на Ватерло се однесува на периодот помеѓу 20 март 1815, датумот кога Наполеон Бонапарта пристигнал во Париз по враќањето од Елба, и 8 јули 1815, датумот на враќањето на кралот Луј XVIII на престолот на Франција. (з.п.)

АвторТом Петсинис
2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 52|