Францускиот математичар

/, Литература, Блесок бр. 52/Францускиот математичар

Францускиот математичар

– извадок од романот –

1

Сигурно ѝ личев на патетична фигура на личноста која што гледаше надолу од прозорецот на четвртиот кат зад ѕидот од училишниот двор. Ми личи на уметничко ателје. Којзнае, можеби ме скицира со парче јаглен токму во овој миг – слабникав младич со несредена црна коса, силни веѓи, со уста како на врабец. Стојам во ќошот на училишниот двор од почетокот на утринскиот одмор, стуткан под брестот, фатен во острата сенка на неговите гранки. Мирисот на запалена хартија го исполнува дворот. Чадот кој се крева од блиската печка се шири во искосени писанија преку чистото зимско небо. Рацете прекрстени, тупаниците стегнати, ноктите ми се забиваат в дланки, ми паѓа жал за мојата куса, тенка сенка која едвај да е променета откако дојдов во Луј-ле-Гранд пред три години. Наполнив петнаесет минатиот октомври, би можеле да ме помешаат со дванаесет годишник. Две момчиња кои започнаа со мене, значително пораснаа минатата година: Мозолчињата им цутат на лицата, долниот дел од образите им се затемни, колковите и гласовите им се здебелија. Крцкам со забите. Моето неодамнешно уназадување повеќе се должи на недоволниот физички развој отколку на слабите оценки по неколку предмети.
Нека им ја сегашноста – иднината ми припаѓа мене. Кога нивните идиотски игри ќе престанат а нивната смеа ќе исчезне во ветрот, моите мисли ќе продолжат да живеат, не само на овој јазик, туку и на оние кои денес сè уште немаат ни своја азбука. Уште од времето кога научив да читам под охрабрувачкиот поглед на мајка ми, ме копка магијата на мастилото и чувствувам дека моето име ќе биде сочувано во печат. Затоа ли мојот внатрешен глас е толку силно изразен? Се проектирам ли себеси во иднината со помош на овој внатрешен глас? Порака ставена в шише и фрлена в океан. Доколку сум предодреден за мене да пишуваат, мојот свесен напор тука и сега може да влијае на начинот на кој мојот живот ќе биде претставен.
– Галоа девојчето! Галоа девојчето!
Млаз од топол здив ми удира во увото. Пред да можам да му вратам, навредувачот трча преку дворот, диво смеејќи се, крцкајќи со чевлите преку малите барички покриени со мраз. Сите нив ги мразам – учениците, наставниците, директорот. Школово е како затвор. Зошто татко инсистираше да учам во Париз? Бев среќен дома, во Бур-ла-Рејн. мајка можеше да се погрижи за моето образование. На крајот на краиштата, таа ме научи да читам и да пишувам, ме воведе во грчкиот и латинскиот, а подоцна ме натера да ја читам Библијата. Да, таа очекуваше многу од мене, понекогаш беше строга, особено кога дојдовме до Библијата, но друштвото на татко секогаш сето ова го надоместуваше. Моите највесели сеќавања се поврзани со него: миговите кога пеевме заедно, ги рецитиравме неговите песни, ги забавуваме гостите со куси драми базирани на Илијада, Расин, дури и Шекспир, кој на татко му беше толку омилен што тврдеше дека името е искривоколчување на француското Жак-Пјер. Често ја изведувавме сцената со духот од Хамлет: тој беше мртвиот крал, а јас бев принцот. Толку се внесував во сцената што треперев и солзи ми го заматуваа погледот додека го слушав татко. Гостите избувнуваа во весела смеа и аплауз. Тоа беа сјајни денови, свет сосем поинаков од ова мрачно место.
Четири момчиња играат игра со покажување прсти, додавајќи го бројот кој секој го кажал, и бројат наназад. Играчот на кој броењето ќе сопре добива удари по грбот. Ако броеја во другата насока, дали истиот играч ќе изгубеше? Веднаш видов, со чувство на сигурност, дека ако збирот е парен и ако броењето започне со истиот играч во обата случаи, тогаш насоката влијае на исходот; ако, пак, збирот е непарен, нема да има разлика.
Гласот на мајка ми доаѓа одеднаш, строг и повишен. Се сеќавам како жилите на вратот ѝ набрекнуваа кога ми читаше од Илијада. Најомилена ми беше приказната за Ајакс. Колку сочувствував со трагичниот херој! Ја разбирав неговата потиштеност и оној последен очајнички чин. Често, кога нешто ми одбиваа, или кога не беше по мое, ќе го земев мојот дрвен меч и ќе истрчав зад куќата, каде се преправав дека сум Ајакс. Во една прилика, затрупан под црвените јаворови лисја, се замислував како лебдам над врз своето спружено тело, гледајќи тажно надолу кон жртвата на суровата судбина, вкусувајќи необично задоволство од чувството на сожалување на себеси. Во затворов нема време за такви игри, нема можности за преправање, нема место за самотија. Спијам со уште четириесетмина други во ученичкиот дом, чекам на ред за да се измијам секое утро, јадам во мензата и одам на часови од шест сабајле до девет навечер. Постојано опкружен со оние кои ги презирам, мојот единствен одмор е ослободувачката темнина откако ќе згаснат ламбите во ученичкиот дом; тогаш можам да ги следам сеќавањата и мечтите без да ме вознемируваат.
А сега, по едно полугодие во третата и последна година, ова уназадување во втора! Казната во затворов ми е продолжена за уште шест месеци!
Реторика! Лесно можев да го положам тој непотребен предмет. Ме викаат креле. Ќе видат они! Изигрував будала во класот за да направам будали од нив. Бев слаб по Реторика за инат на наставникот, чија надменост не можев да ја поднесам. Ефективна употреба на јазикот! Одбив да ги следам правилата на граматиката и синтаксата. За да му се спротивставам, често му носев домашни напишани по правилата на мојата сопствена граматика, конструирани реченици кои го изразуваа движењето на мојата сопствена мисла, не на другите. Уживав во тие игри чие значење мене ми беше совршено јасно, но него го збунуваше.
Понекогаш мечтаев за сопствен јазик: магични звуци и симболи кои ме пренесуваа во друг свет. Но викотот на наставникот ме откорнуваше од мечтите, а тој им ги читаше моите глупости на другите. Учениците се смееја, наставникот се клештеше. Јас ќе си ја поткасав долната усна, чувствувајќи се надмоќен над сите нив, зашто бев средил да се смеат, да изгледаат будалесто. Колку повеќе се смееја, толку посилно чукаше моето срце со сознанието на мојата надмоќ. Само будалестите и приглупите така се виличат. А потоа ќе го замислев прогонетиот Наполеон, со скрстени раце, надвиснат врз камениот брег, во очекување на својот миг, додека Ројалистите ги минуваат своите вечери во развратна смеа.
Перчејќи се на крстот од капелата, една врана силно грачи, потоа прелетува на една гранка над мојата глава, каде што ги свива крилјата. Еден голем пердув вители низ гранките и ми паѓа пред нозе. Му се восхитувам на обликот и врвот. Тоа би било убаво перо. Старите Грци ја прорекувале иднината според птиците. Што би прорекле за овој пердув?
Во изминатата година во мене се вителат мрачни расположби; не само омраза кон оние кои ме опкружуваат, туку и фрустрирана желба за нешто кое не можам да го одредам, амбиција без цел, осет дека го напуштам детството и дека се движам кон некој далечен и едвај чуен повик, кој понекогаш не звучи поинаку од бледото ехо на мојот сопствен глас, а другпат е глас кој порано не сум го чул, убедливо ме повикува на јазик кој не го разбирам потполно. Знам дека сум за нешто предодреден, но знам за што точно.

АвторТом Петсинис
2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 52|