Фикција и реалност

/, Критика, Литература/Фикција и реалност

Фикција и реалност

1. Кога се разгледуваат односите помеѓу литературата и јазикот, речиси редовно ја допираме и темата за нивната референцијална функција, т.е. нивниот однос кон објективноста, појавноста и интерсубјективниот контекст. Ако се повикаме на неколку позабележани и прифатени дефиниции од науката за јазикот, литературата и знаците ќе се доведеме во навидум контрадикторна ситуација. Имено, ако ако истражувач или научник ги прифаќате придобивките на модерната лингвистика и нејзиниот основач Сосир тогаш тоа го подразбира и прифаќањето на неговата, тогаш футуристичка, наука за знаците во чиишто рамки тој ја сместува лингвистиката. Велам подразбира, бидејќи ова е едно од неговите клучни тврдења, врз коешто се потпира целокупната негова теорија за јазикот. Во таа смисла особено е значаен фактот што Сосировите концепти послужија како основа за зацврстување и оформување на науката за литературата, почнувајќи од руските формалисти преку европскиот структурализам сè до денес, како и на современите културолошки студии. Оттаму ќе заклучиме дека јазикот е само одделна пројава од поопштиот феномен знакот.
За разлика до Сосир еден друг угледен научник тврди дека семиотиката е во принцип дисциплина која го изучува сето она што може да биде употребено за „лажење“ (U. Eco, Theory of semiotics.1976. стр.7).
Во таа смисла, ако јазичниот знак се однесува во согласност со општите особености на сите останати видови знаци, што е сосема природно и да се очекува, во тој случај основите за дефинирањето и функционирањето на неговата референцијална функција стануваат мошне кревки. Кон што упатуваат сите видови знаци и од каква природа е феноменот референт се одговорите што ни се потребни за во конкретниов случај да ги разделиме бабите од жабите. До нив ќе дојдеме по индиректен пат, односно преку книжевни илустрации, коишто можат да бидат инструктивни во една пристојна мера. При тоа ќе се обидам да ги допрам појавите опфатени со адјективните термини фиктивно и реално.

2. Терминот фикција е изведен од латинското fictio, со значење ,,измислица“. Тој се дефинира како прикажување на нешто што не е реално и стварносно, но на начин што нереалното го сугерира како реално. Наспроти ова, реализмот, како постапка, подразбира прикажување на нештата онакви какви што се (Речник књижевних термина. Т. Фикција, Реализам) Но разјаснувањето на нештата се отежнува на теренот на литературата, каде што субјективноста е, би рекол, дистинктивна. Во културолошкиот радиус во којшто припаѓаме субјективната реалност се смета за помалку реална од објективната. Па начините на коишто се констриура и конвенционализира оваа објективна реалност ќе бидат мошне проблематични и дискутабилни. Но, бидејќи немам намера текстот да го одведам во философско-онтолошки води, ќе преминам на конкретни разгледувања на некои книжевни текстови, кои ја актуализираат токму оваа проблематика.

3. Општопознат во историјата на медиумите е настанот што се случи на 30-ти октомври 1938 (Haloween’s Day). Имено, милиони Американци преку програмата на американското радио беа во можност да ја чујат радио-драмата под наслов ,,Инвазијата од Марс“, инаку адаптација на новелата на Х. Г. Велс под наслов ,,Војната на световите“. О. Велс земаше активно учество во изведбите на своите драми. Таа вечер во текот и по изведбата меѓу слушателите завладеа хаос што се движеше од масовна паника до хистерија. Биле забележани случаи во кои луѓето панично си ги пакувале работите, се криеле во подрумите, го подготвувале домашното оружје па дури и си ги обвиткувале главите со влажни пешкири како заштита од евентуалните отровни гасови од марсовците. Овој пример е мошне интересен поради тоа што илустрира трансформација, поточно премин на една репрезентативна фикција во сосем реална случка. Оттаму се поставува прашањето во колкава мера наративниот текст бил причина за ваквата реакција.
Авторот и екипата актери направиле неколку конкретни чекори во правец на зголемување на ефектот на драматичноста и уверливоста на нејзината изведба. Пред сè, текстот бил изведен во вид на вести, т.е. Како новинарски извештај од местото на случувањето. Пред започнувањето на изведбата, преку радиото намерно била пуштана музика за танц, која од своја страна го зголемила шокот при ненадејниот прекин на програмата. Сето ова било збогатено со звучни ефекти, кои значително ја засилиле напнатоста кај слушателите, благодарение на драматичниот тон на актерите– репортери и нивните ,,креативни“ описи на марсовците.

4. Врз основа на ова може да се каже дека темите што при нивното восприемање инволвираат страв и желби најупорно се противставуваат на реалноста и објективноста. Од друга страна пак, тешко е да се замисли литературен текст што не тендира кон извесен минимум на емотивност, којашто се сведува или пак се изведува од категориите страв и желба. Тие се одликуваат со нагласена блискост до човековата субјективност, па од таа страна е сосема разбирливо нивното ангажирање во литературниот текст, општо земено. Како и да е, поимот реалност и реалистичност се гради колективно и тој е тесно поврзан со средината во којашто се употребува. Реалното претставува еден вид унија на реализираните и потенцијалните дејства, кои не се контрадикторни помеѓу себе. Ако се вратиме на дефиницијата на фикцијата, ќе видиме дека во поимот начин (на претставување) е сконцентриран конвенционалниот фактор кој го условува ефектот на реалистичност наспроти нереалистичност. Овие ефекти зависат пред сè од начинот на претставувањето, а не од сврзаноста со референтите. Ова оди во прилог на дистинктивниот карактер на контекстот во формирањето на какво било значење, бидејќи употребата на определен начин на сигнификација бара постојаност на определен контекст (методолошки, социјален, културен и сл.)

АвторСеад Џигал
2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 04, Критика, Литература|