Феликс

Сега беше потполно одлучна. Во Лејден стана сосем нормално, колку да изгуби малку време во битката со својот капут. Потоа лежерно тргна кон вратите. Беа пред затворање. Сега беше момент да излезе. Но токму во последниот миг, една девојка во џинс која носеше голема торба скокна во вагонот додека возот тргнуваше. Девојката се удри во неа и таа речиси падна. Едвај успеа да се фати за држачот.
„Извинете“, рече девојката. „Едвај успеав да влетам. Добро сте, нели?“.
Таа си го поправи капутот и со лутина ја затресе главата. Невоспитано детиште! А сега, о небеса, беше на пат за Хаарлем. Без билет.
Сега што? Ќе одам во вагон-ресторанот, си помисли. Така барем ќе се куртулам од проклетата кутија.
Влезе во соседниот вагон, каде што девојката седеше со торбата меѓу нозете. Од неа извади книга. Мора да е студентка. Креатурата имаше запалено цигара и ѝ рече додека ја одминуваше: „Жал ми е. Многу доцнев. Не сакавте да се симнете, нели?“.
Таа луто ја затресе главата и за да не се издаде бесно рече: „Секако не. Го барам вагон-ресторанот“.
„Ох, тој е на другата страна. Случајно го видов додека трчав по возот“.
Таа се заврте и се врати во вагонот за непушачи, несакајќи погледнувајќи во белата кутија која сè уште беше во преградата за багаж. Никој ја немаше допрено. Еден странски работник крај прозорецот ѝ се насмевна од под волнената шапка. Покажа нагоре. „Ах, кутијата,?! Замалку заборави,?!“.
Немаше смисла да се продолжи понатаму. Беше заглавена со кутијата и седна под неа. Вратата се отвори со тресок. Еден весел глас извика: „Билетите, молам“. Длабоко засрамена, таа мораше да му признае на мажот дека патува без билет. Тој сомничаво ја погледна. Немаше што да се прави. Мораше да плати казна. Згора на сè. Сега другите патници зјапаа во неа, мислејќи си: „стара крава, сигурно мислела дека така ќе се протне“. Треперејќи од лутина, сосредоточено се загледа низ прозорецот, божем жолтото и црвеното од нарцисите и лалињата во бликнатите полиња навистина ѝ го привлекле вниманието.
Во Хаарлем сè се повтори. Ја остави кутијата во преградата за багаж, а некој дојде по неа за да ѝ ја донесе. Ја заборави во една чајџилница, некој дојде по неа за да ѝ ја донесе. Купи китка цвеќе и ја стави кутијата на полица, некој дојде по неа за да ѝ ја донесе.
Го фрли цвеќето во еден канал. За миг беше готова да ја заџитка и кутијата по него, но успеа да се исконтролира зашто луѓето пак чудно ја гледаа. Се врати на станицата со малиот труп, фати воз за Хаг преку Лејден, повторно, го фати трамвајот бр. 11 по третпат и конечно дојде дома во тмурната улица Убрехстраат, исцрпена, и речиси готова да се расплаче. Сега, кутијата веќе беше прекриена со отпечатоци од прсти и почнуваше да изгледа прилично чудно. Иако беше доцна попладне, реши набрзина да се напие чај. Силен чај, една врела шолја, тоа ѝ требаше. Можеби ќе ѝ биде подобро. Ова беше толку чуден, грозен ден! Конечно седна на својот стол. Беше многу исцрпена. Подавалникот со чајот беше крај неа. Си сипа во шолјата и пивна една голтка. Одлично, иако беше евтина марка која таа ја мешаше со ливчињата останати од претходниот ден. Прекрасно! Многу освежувачки. Умот ти проработува и можеш да си ги средиш мислите. Белата кутија стоеше на масата. Што ќе прави, добога, со оние кобни остатоци? Зарем нема веќе да почнат да мирисаат? Скришно ја погледна кутијата. Грдите очи одненадеж пак ѝ се наполнија. Ѝ се закануваше дека ќе ја обземе некое црно самосожалување. Сиот свој живот мораше да се навикнува на длабока, горчлива осаменост. Но, дали некогаш воопшто успеала?
Проголта и се потсмири. Се реши. Ноќва, кога мракот ќе падне, ќе излезе со кутијата за последен пат. Неколку улици понатаму има темни влезови, и или ќе ја остави во некој од нив или под некоја паркирана кола. Нема да го погледне бројот на куќата или на колата, не, брзо ќе избега и ќе најде утеха во чаша црешов ликер. Нема друг начин.
Сепак, веќе имаше заматено чувство на вина. Кутриот Феликс! Си помисли: како ли изгледа по сето она влечкање денеска? Добро е што тој не знае за тоа. Милиот малечок. Секогаш толку приврзан и утешителен во тешките мигови. Си помисли и: ако тој имаше душа – а којзнае? – ќе знае што сè му правев денеска. Тоа не беше којзнае колку добро, но тоа го правев за него и со најдобри намери.
Ја испи шолјата. И во тој миг не можеше да помисли на подобра утеха отколку да биде со него уште еднаш. Да го види за последен пат. Не би издржала да ја чува кутијата затворена до вечерта.
Ја стави в скут. Ја пикна лажичката под лентата. Со длабока воздишка и со грутка во грлото го крена капакот.
Во тој миг се случи чудо. Се случи нова преобразба. До крајот на својот живот ќе се сеќава на ова како на најголемо чудо. Како се случи, во нејзините сопствени раце, при нејзиниот трагичен егзодус во овој долг, бескрајно тажен ден?
Во белата кутија лежеше прекрасна, со крем прелиена, жолто-кафена торта од кајсии. На белиот марципански триаголник, со елегантни чоколадни букви беше напишано: За мама.

Од англискиот превод на Џон Руџ, превел Игор Исаковски

АвторФ.Л. Бастет
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 48|