Утрото во кое јаваа на коњ…

/, Проза, Литература/Утрото во кое јаваа на коњ…

Утрото во кое јаваа на коњ…

… човекот и неговиот одамна невиден пријател со брзина на ветер во зелената трева над која се извишуваа не многу стрми карпи кон сино-виолетовото небо (пишувајќи поезија)

Човекот за кого овде има можност да стане збор беше сместен во еден и нему непознат предел: на една сина карпа, не многу стрма; наоколу други не многу стрми карпи; наоколу зеленило и сино-виолетово небо.
Тоа можеше да биде добар почеток но не беше предуслов. Впрочем, каков е тој предел: сина карпа, не многу стрма; исто така наоколу други сини карпи, исто така не многу стрми и зеленило исто така наоколу и сино-виолетово небо над. Како и да е, човекот беше сместен во таков предел (од кои причини и нему не му беше ниту јасно ниту загадочно – едноставно беше таму) и можеби поради тоа почувствува притисок во темето и она што потоа се случуваше се случуваше со голема брзина или забрзано или едноставно се случуваше: излезе од телото, неговата душа и знаеше дека може да полета и неговото тело, но не знаеше каде. Неубедливо звучи, но човекот навистина не знаеше каде, можеби затоа висеше, неговата душа над неговото тело и се двоумеше, ако тоа е тоа што неговата душа го чувствуваше.
Од /неговата/ десна страна се наоѓаше шумска патека, а на неа во лесен кас бел коњ. Белиот коњ, мислеше неговата душа, или знаеше, може да биде и не многу поволен знак /откако (човекот) ќе се разбуди и ќе се обиде да го протолкува сонот/ и затоа се обиде да го обои коњот во црвено, на пример. Коњот беше жив1F.
И: се качи човекот на коњот или попрецизно: одеднаш се најде на него а коњот веќе не беше ниту бел ниту обоен туку беше едноставно коњ, па што и да значи тоа.

Она што потоа со голема брзина се случуваше, а беше најавено и споменато уште во првиот пасус, се случуваше со толку голема брзина, со толку голема брзина, толку брзо или забрзано што запишувачот на овој настан, не само што не успеваше сè да запише туку веќе и не успеваше сè да види. Толку со голема се случуваше тоа што потоа се случуваше. А има ли смисол да се запишува она што не само што не може да се запише туку ни да се види не може? (Подоцна ќе прочитаме дека и она што било видено – не било јасно; можело само да се насетува или можеби е попрецизно ако се каже: претпоставува?). Не може, знаеше запишувачот, и затоа набргу: престана или е попрецизно ако се каже: се разбуди? Не се сеќаваше на сè, но се сеќаваше дека имаше многу, многу други нешта на кои ама баш никако не можеше да се сети. Можеше само да насетува… Можеше на пр. Да насети дека човекот на коњот не беше сам на коњот. Беше со него друг човек, човек кој првиот човек го познаваше. Многу добро го познаваше, патем, иако одамна го немаше видено и мислеше дека токму поради тоа тој веќе и не постои. Но тој постоеше, ако не на друго место, тогаш сигурно во УТРОТО ВО КОЕ ЈАВАА НА КОЊ ЧОВЕКОТ И НЕГОВИОТ ОДАМНА НЕВИДЕН ПРИЈАТЕЛ СО БРЗИНА НА ВЕТЕР ВО ЗЕЛЕНАТА ТРЕВА НАД КОЈА СЕ ИЗВИШУВАА НЕ МНОГУ СТРМИ КАРПИ КОН СИНО-ВИОЛЕТОВОТО НЕБО (пишувајќи поезија). Но, кој на тоа може да се сети и кој тоа може да го запомни, особено откако ќе се разбуди, а и пред тоа ништо не му било јасно, само можел да насетува или можеби е попрецизно ако се каже: претпоставува?
Му беше јасно, на пр., дека ништо не зборуваа, но можеше само да насетува зошто, а можеше, впрочем и со право, да се запраша дали не зборуваа затоа што сè се одвиваше со голема брзина и не можеа да зборуваат или тој не можеше да ги слушне? А не смее да се заборави ниту ова: тие беа на коњ а коњот од лесен кас во првиот пасус премина во галоп. И што во такви услови може да се зборува, впрочем?
Заморен од големата брзина со која сè се случуваше и поради која беше доведен во ситуација да насетува и претпоставува тој се разбуди, како што веќе беше попрецизно кажано, но за да не го изневери законот на инерција уште извесно време продолжи… (сè додека не се врати во)

Откако /човекот/ ќе се разбуди, навистина ќе се обиде да го протолкува сонот, бидејќи сонот не е случајна творба, туку процес кој е во директна врска со минатото и сегашноста на сонувачот а кој на извесен начин може да ги претскаже случувањата и во иднина2F.
Меѓутоа, неговите опширни онирички и психолошки анализи, размислувања и толкувања по Фројд (поради пикантното толкување) и по Јунг и по астралното јас на Теофиз и по сопственото ониричко искуство, секако и по, од прерасуди ослободените консултации со разноразни народни или класични соновници, вечни календари и сл., ја доведуваат во голема опасност книжевната форма краток расказ која овде имаше потреба да биде колку-толку запазена.
Инаку, долгоименуваниот краток расказ е, како би рекле, парченце од стакло во боја, кое како и разновидните и разнобојните парченца од стакло во боја, односно раскази, приказни, стихови, онирички анализи, документи, фрагменти, фусноти, цртани филмови итн., го сочинуваат мозаикот кој е во фаза на подготовка. Кога ќе биде подготвен, прифатен за печатење и отпечатен, читателот на кој му се видоа интересни симболите на овој сон или и самиот имал сличен или ист, со неговото толкување ќе може да се запознае и(ли) да го спореди со своето, бидејќи – како што кажа Емерсон – искусниот човек ги одгонетнува своите сонови за да се запознае самиот себеси и тоа не во поединости туку во суштина3F.

09.08.1993

#b
1. Коњот беше жив – Оваа реченица, иако проста, ќе предизвика голема зачуденост и збрка дури и кај писателот, а тој во напад на искреност ќе му го каже тоа на својот издавач. Имено, ниту тој самиот (писателот или композиторот како што себеси се нарекува, н.з.) не знаел што со неа сака да каже, па затоа, и онака склон кон мистификации, ќе се обиде да го убеди издавачот, а можеби и самиот себеси, секако и читателот, дека таа реченица (Коњот беше жив, н.з.) тој всушност и не ја напишал – забелешка на издавачот.
2. Со ова тврдење се согласуваат и Фројд и Јунг кои, како што е општопознато и општоприфатено, најдалеку отишле во откривањето на загатката на сонот.
3. Суптилно прикриената самореклама на писателот во своето обраќање до читателот не се провлече незабележано меѓу нашата редакција. Дилемата дали да ставиме тииип, односно да ја изоставиме при печатењето, или да замижиме пред неа, ја решивме едногласно донесувајќи одлука за неа да му одбиеме од хонорарот. – забелешка на издавачот.

АвторСоња Манџук
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Проза, Литература|