ТРОЈЦАТА ЕСТЕБАНИ НА ЛЕЈЛА КАЛАМУИЌ

/, Литература, Блесок бр. 108-109/ТРОЈЦАТА ЕСТЕБАНИ НА ЛЕЈЛА КАЛАМУИЌ

ТРОЈЦАТА ЕСТЕБАНИ НА ЛЕЈЛА КАЛАМУИЌ

ТРОЈЦАТА ЕСТЕБАНИ НА ЛЕЈЛА КАЛАМУИЌ

Превод: Ѓоко Здравески

Првата работа на која помислив по читањето на последниот расказ и затворањето на книгата од Лејла Каламуиќ е прашањето од воведниот расказ. Го изговорив гласно: „Што ми е мене машината за пишување?“ Потоа се прашав на која машина за пишување треба да мислам додека се прашувам тоа. Машината за пишување на мајка ми, на љубовта, на психијатријата, на поетесата што одамна зад себе ја оставив… Секоја за себе во себе впила безброј приказни. И со ќеф би ги раскажала сите. Мојата машина за пишување веќе со години ме посматра од највисоката полица на орманот и како да прашува: „Зошто ме влечкаше до Никарагва кога завршив овде, по сè што поминавме…“ Станаа ли тие машини наши неми сведоци? Тоа ли е она што ни е потребно откако минатото ќе ги убеди спомените дека е доста и дека смртта од наша страна се зголемила и не изгледа толку голема… А потоа, доаѓа време на хартија да се истури она најмрачното, за секого и за сите барем по една приказна. И јас се фаќам како лесно читам за тие нејзини најтешки моменти, кои Лејла Каламуиќ ги опишала. Силата на контрастот ме остава без здив.
За сè што ми е битно постои музика. Тоа е посилно од мене. Тоа само од себе се реди пред да сфатам дека можеби сум имал право на глас. Читајќи го „Естебан“ од Лејла Каламуиќ ја чув Нина Симон. Не беше тоа определена песна. Можно е дури да беше песна што никогаш порано ја немав чуено, за која многумина би рекле дека не постои, ама гласот, тој глас, тоа е дефинитивно нејзиниот, гласот на Нина. Дури и кога Лејла ќе ме однесе кај Алмодовар, и кога ќе се сетам на Естебан на Маркес, кога го читам она што би требало да го прочита само Елизабет Бишоп, гулабите на татко ѝ на Лејла сè уште летаат по небото над нејзината родна куќа и јас слушам: „Freedom is mine, you know how I feel…“, а после со надоаѓањето на соколот музиката се менува. Меѓутоа, гласот останува ист, од првиот до последниот расказ, од првата до последната буква во книгата.
На светот на Лејла и на расказите низ кои ни го подарува им се препуштив без воздржување, како и самиот да сум го одживеал сето испишано. Она што не го очекував е мерата со која ме стресе кога зборува за предавствата, кои и не се предавства, ама јасно можам да видам зошто така ги нарекува. На сличен начин и самиот бев виновник во некои предавства, и како предавник се мушнав низ смртта на страшно блиски луѓе. Просто, затоа што не знаев поинаку, зашто поинаку и не се можеше, зашто ни до ден-денес не се научив попаметно. Од интимноста во пишувањето не бегам, смртта како и Лејла, постојано ја проучувам со букви, додека сенките на оние што се смрт, како и онаа што по секое будење со себе ја носам, стрпливо чекаат уште еднаш да ги отворам очите. Со таквите нешта не знам како да се бори возрасен човек, а со очи на дете не смеам ни да ги погледнам. И затоа ѝ се восхитувам на хероината на секој од овие раскази, зашто таа е баш тоа – хероина, особено тогаш кога детаљно ни ги листа сите свои предавства како пропуштени повици од мобилниот телефон.
Парадоксално е дека за толку тешки теми, за самотијата, за дивите рози, за прегратките во бескрајот на мракот, дупките во асфалтот, стравот од препуштање, како и за стравот од самиот страв, Лејла толку лесно пишува. Го повторувам тоа наглас. Да се разговара со оние што веќе ги нема, да им се пишуваат писма, сето тоа ми е некако познато. И самиот често ѝ пишувам песни на онаа другата страна. За потоа долго да разговараме за тоа. Јас и тие што веќе ги нема. Зашто никој не дава подобри совети од оние што веќе ги нема. На пример, за тоа како да се дочека утрото. Или како да се оствари своето право на љубов. Кое навистина сите го имаме. Баш затоа знаеме – што би рекол Леонард Коен – дека „за љубовта лек нема“.

Nina Simone “FEELING GOOD”
Leonard Cohen: “Ain’t No Cure For Love”

2018-08-21T17:20:37+00:00 август 19th, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 108-109|