Трасирање на Бога

/, Литература, Блесок бр. 45/Трасирање на Бога

Трасирање на Бога

ПЕТ

Очигледно, таа го имаше лекот. Мајорот, него го повикаа. Дотеран, седна на столот во барот и низ прстите ја врткаше чашката со виски. Негов отсечок. Сум го чул тоа, рече младиот шанкер кој се обидуваше да биде постар отколку што беше. Непотребно ги избриша чашите. Воздухот во празниот бар олку рано наутро беше празен и кафен. Мирис на средство за дезинфекција и парфимиран спреј, и радиото вклучено, и грозна музика. Мајорот беше осамен во празниот бар толку рано наутро. Тажна случка, рече. Шокантно, шокантно, рече стар-малиот шанкер, бришејќи, окуражен. Мајорот осети како семето на разговорот се распрснува во застоениот воздух. Тој рече, гмечејќи го своето старо збрчкано лице и краевите на белите мустаќи: Во свое време видов некои ужасни нешта. Сигурен сум, рече шанкерот, сè уште бришејќи. На вратот сети јадеж од акните.
Додека бришеше, помисли на својата девојка и во црните панталони му се јави мала ерекција. Се мразеше себеси. А беше и нервозен. Мирно е овде, рече мајорот. Мирно. А потоа се случува ова. Полиција низ целото село, рече шанкерот. Си го прочисти грлото. Имате прекрасна земја, рече мајорот. Се мразеше што е сосем малку пивнат толку рано наутро. Сам. Ќе биде исто и утре, и задутре. Ех, да, рече шанкерот, сметајќи го мајорот за многу глупав и стар. По она што ние ѝ го сторивме, рече мајорот. Тоа беше одамна, мајоре, рече шанкерот, со глас кој повеќе би му прилегал на дедо му и со одбивна насмевка во него. Понекогаш со стариот мајор треба да се однесуваш како со дете. Мислам дека сте многу попустливи кон нас, рече мајорот размислувајќи. Ех, сега, нема за што да се биде попустлив, рече дедото на шанкерот низ гласот на шанкерот. Една сенка му пролази низ умот.
Мајорот го допи вискито. Тоа го направи уморен и раздразлив, без оглед колку и да беше тоа неопходно. Бучно, се лизна од потпирката на столот, бушава птица од човек. Тенок, висок, згрбавен. Живееше во куќа надвор од селото. Одгледуваше убави ружи на вратите и прозорците. На предната порта имаше плочка со напис, Хертобис. Во Поетската група на Мани, ги читаше песните на Руперт Брук и, кога се чувствуваше особено добро, по една или две од своите. Добро, тогаш. Отидов јас, рече мајорот. Се обиде да звучи ведро. Но беше многу уморен. И му стана здодевно, одненадеж. Среќно, рече шанкерот. Мислеше на девојката.

ШЕСТ

Мени му мафна на мајорот од другата страна на надолната улица.
Мајорот енергично ѝ отпоздрави. На Мени ѝ беше драго што тој не премина на нејзината страна за да ја сопре. Таа имаше посебна намисла. Се трудеше околу замислата и тоа ја одржуваше. Не би требало некој да се замеша во тоа.
Надолната главна улица во селото водеше до пристаништето, покрај Махеровиот паб. Врвот на улицата беше порта кон повисоките предели а врз ова, како дланка, лик, огромно тело, седеше планината која можеше да види сè. Во минатото, малите бродови на едра го напуштаа пристаништето натоварени со скапоцености во вид на ролни платно и купови земја и шишиња незаконски дестилиран алкохол. Особено пред Божик. Сега пристаништето беше мирно, погодно за песна на малата и убава бела приватна јахта. На пристаништето имаше продавница во која продаваа чаеви во туристичката сезона, заедно со разгледници на кои беше насликано селото во некое далечно минато. И некои од шарените плетени шалови на Мани. И сирење.
Во воздухот се насетуваше дожд. Солен, морски дожд. Немаше светлина во облаците а планината се зацрни.
Еден мазен, брз, јапонски автомобил сопре крај патот. Многу млад и згоден маж ѝ се обрати на Мани. Го барам пансионот на МекГин, ѝ рече. Го провери името од една мала печатена картичка. Мани го погледна, но неговото лице ѝ кажа многу малку. Нагоре по ридов ќе возите можеби една милја а потоа завртете десно, му рече. Нагоре по ридот, една милја, потоа десно, рече младиот маж, тажно гледајќи во ридот. Мани чекаше. Се беше наведнала кон отворениот прозорец од светкавата и прекрасна јапонска кола. Таа никогаш не научи да вози. Му завидуваше на младиот маж бидејќи беше млад, но и поради колата. Со ненадејна храброст, Мани рече: Од каде сте? Се смешкаше додека го велеше ова, за да не го исплаши младиот маж. Од весник сум, ѝ одговори младиот маж. Тој го крена погледот и виде една постара, крупна, чудна жена која му се смешка. Со нејзината сива коса фатена во опаш како на девојче. Ќе му каже на сиот свет.
Ах!, извика Мани. Поради кутрата убиена девојка.
Местово е многу оддалечено, веројатно јас сум единствениот во околинава, рече младиот маж.
Не знам за тоа, рече Мани. Трагично е, ужасно трагично. Кој би му сторил такво ужасно нешто на тоа прекрасно дете! Сè што правеше беше за да им помогне на луѓето.
Како мислите, да им помогне на луѓето?, праша младиот маж.
Имаше моќи да лекува и да зацелува, рече Мани.

СЕДУМ

Во одбивниот студ на спалната соба, тој клечеше. Бучно удри во прастарата лакирана комода. Воздивна. Олеснувањето беше големо. Неговиот мирис јурна низ валканата соба, во која некаков весник висеше од навлажнетиот гипс, подниот линолеум беше полн дупки. Тој мастурбираше. Но, тоа беше навика, не страст. Немаше сила. Не сега. Предметите се движеа околу него. Спалната беше жива. Облици. Чудни егзотични бои му се прикрадуваа кон страните на очите. Стана, се избриша со партал од весник. Се стресе, размрдан, во студениот воздух и шокот од алкохолот почна да го напушта. Зад неговиот прозорец морето се брануваше и се пенеше. Го истури садот во дворот, некаде, каде било, со истресување. Си направи силен чај во напукната сина шолја. Пушеше со треперливите, згрчени прсти. Си сипа виски во чајот. Потоа се напи чисто виски. Од шишето. По некое време, мислењето не го болеше.
Ти, викна.
Собата во која седна беше делумно кујна а делумно нешто друго, со мртов мебел и распнат Христос на ѕидот и со слика на Светото срце која изгледаше мизерно. Мизерни се парталите на сè во собава. Неговите остатоци во куќава. Се сожали врз себе. Жена му се беше обидела, но таа беше курва.
Ебати-ебаната-кучка-кучка-курва! рече тој, потсилувајќи го секој збор со силен и болен удар на тупаницата врз дамкосаната и леплива маса. Ја отвори устата и сржа, имитирајќи куче. Потоа се насмеа. Мртва си, рече. Потоа осети страв. Таа никогаш не беше моја, рече на глас, додека умот му фаќаше нова насока. Се поттупна по градите со истата тупаница со која трескаше врз масата. Потоа имаше ужасни мисли.
На патот, неколку стотици јарди од неговата влезна порта, колите минуваа многу бргу. Тоа го исплаши. Залипа. Солзите, несопрени, шурнаа надвор. Аааах! вресна кон напукнатиот, излупен таван, полн со мапи на небесата и со душата издлабена во дамките од влага. А како мислите дека се чувствувам, Господине Детектив! Му кажав! Ако тоа беше Вашата ќерка, Вашето единствено дете, а мртва лежи пред Вас.
Повторувањето на оваа фраза во главата го утеши. Ги пикна прстите во панталоните. Ништо. Силно се удри во меѓуножјето. Ќе те отсечам цел! вресна, со висок и тенок глас. Како глас на морски галеб.

ОСУМ

Убава Ви е куќава, рече детективот.
Ви благодарам, рече Гвидо. Неговата жена се појави, им понуди чај.
Не, благодарам, рече детективот. Вториот полицаец се движеше, без од никого да побара дозвола, од соба в соба, загледувајќи, кревајќи ги предметите, читајќи што пишува врз некои од нив. На Гвидо му беше драго што децата се на училиште, да не го гледаат ова. Вознемирено, Гвидо рече: Имате ли некои новости?
Какви новости? рече детективот. Тоа беше крупен човек во зелена водоотпорна јакна. Дебел келав човек чии очи не сопираа врз ништо туку шараа како мали обвиненија низ собата, врз мебелот, преку фотографиите на починатите родители на Гвидо, фотографиите на неговите деца, родени-во-Ирска.
За девојката, рече Гвидо.
Е, сега, рече детективот. Е, сега.
Гвидо виде преку рамото на детективот како гранките и малите лисја на живата ограда пред куќата се мрдаат и се подвиткуваат на ветрот. И колку брзо се движат тешките облаци. Вториот полицаец влезе во собата.
Треба да испитаме, рече детективот.
Секако, рече жената на Гвидо. Јасно ни е.
Жалам што Ве вознемируваме, госпожа, рече детективот. Тој беше поставил толку многу прашања. Ги постави, одново и одново, а Гвидо ги даде истите, директни одговори.
Денеска веќе нема да ви досаѓаме, рече детективот. Жената на Гвидо, секогаш љубезна, ги испрати до вратата.
Кога се врати, Гвидо ја прегрна, одеднаш сети дека му треба топлина.
Направија да се чувствувам како да сме направиле нешто лошо, рече таа.
Но Гвидо знаеше дека, доволно јасно, тие направија неговата жена да мисли дека тој сторил нешто лошо; но, за да не го вознемири, таа не ќе му го каже тоа в лице. За возврат, тој не спомна како некои луѓе во селото, озборувачи, го гледаа. Секогаш го гледаа. Да се биде убиец или да те сметаат за убиец – што е полошо?

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторФред Џонстон
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 45|