ТЕРАСАТА БЕШЕ ДОЛГА КОЛКУ И СОБАТА

/, Литература, Блесок бр. 100/ТЕРАСАТА БЕШЕ ДОЛГА КОЛКУ И СОБАТА

ТЕРАСАТА БЕШЕ ДОЛГА КОЛКУ И СОБАТА

ТЕРАСАТА БЕШЕ ДОЛГА КОЛКУ И СОБАТА

Терасата беше долга колку и собата, околу осум метри, но беше прилично тесна: кога ќе седнеа на столчињата, нозете едвај можеа да ги прекрстат. Затоа најчесто ги префрлаа преку балконската ограда, мрдаа со прстите и како деца се смееја додека ветрот им ги галеше стапалата. Ветрот речиси секогаш беше југозападен, со себе донесуваше уште топлина и уште влага. На терасата пиеја по една со вода малку пред зајдисонце, пред да тргнат по улиците кои ту беа земјени патеки а ту едвај малку пошироки улици задушени од автомобили. Таа една пред зајдисонце за него беше мерило како ќе им тече вечерта: некако инстинктивно, небаре скришно, во себе го мереше времето кое им треба за да ја испијат; колку подолго, толку помирна вечер. Му се чинеше дека чашите после првата само го следат ритамот кој си го задале на почетокот од вечерта.

Навечер, терасата беше осветлена од околните светла, но не и од своето. Тој со денови бараше да им го средат тоа, но во земјата со убаво море и грозни патишта се чинеше дека тоа ќе биде долготраен процес. Една вечер, пред себе и пред неа вети дека следниот ден ќе најде алат и ќе донесе светло на терасата. За да пијат ко луѓе после вечера. Таа му ја бакна десната слепоочница, долгите коси им се сплеткаа во југозападниот ветар. Нему му се допаѓа допирот на нејзините усни, мирисот на нејзината кожа затскриен со маслата за сончање, геловите за туширање, помадите за тело, за дланки, за стапала, помешани со нејзиниот парфем. Му годи што зад сето тоа, зад целиот тој млечен пат од мириси, секогаш го насетува нејзиниот, голиот мирис на нејзината кожа. Како кога првиот пат се разбуди покрај неа: прво нежно ја допре, само со показалецот: сакаше да се увери дека е тука, дека не ја сонува покрај себе. Потоа ја мирисна. Ја душна, прво еднаш, а потоа се спушти по линијата на нејзиното на бок заспано тело, душкајќи како куче по планински сртови и падини, со помисла и желба за враќање дома. Нејзиниот мирис беше водич и патоказ кон мирот и домот длабоко во градите. Зашто, надвор од себе тој немаше дом; дом му стана таа жена, длабоко населена во неговото тело.
– Често ти зборувам, ти раскажувам и ти опишувам… Сакам да ги знаеш сите детали кои ми поминуваат низ очите и низ мислите, сакам да знаеш… Најчесто, тоа се толку обични, речиси секојдневни работи, но не можам да се сопрам да ти ги кажувам…
– Знам… Така и јас со тебе зборувам понекогаш, кога многу ми зафалуваш – одговора таа и ја допива првата.
Ноќта ги кани на пешачење, по патеки и улици, во потрага по барови со добар поглед кон црнилото на пучината, или кон светлата на градот кој се протега на неколку ридови наоколу. Ги пијат втората и третата и четвртата, додека не почувствуваат глад. Потоа замезуваат по малку, со ќеф, со вкусување на секое залче. Таа го учи како да вкуси сè, до суштината на вкусот, да ги лепи залаците врз непцето и да ги впива полека, „не како дивјак…“ Тој ја слуша и ги учи вкусовите: небаре не замезил цела една галаксија храни пред да ја запознае. Навистина, нему храната му има друг вкус кога со неа покрај себе ја вкусува.

Таа вечер, откако поминаа низ неколку од баровите во кои претходните вечери им беше добро, решија да се вратат во собата, на терасата; малку да го слушаат морето како се разбива во карпите под нив, малку да испијат, уште само малку, и да се стуткаат еден во друг бргу потоа, умножувајќи ја топлината која се насобрала во нивните тела во текот на денот. Како во тули од фурна, знаеше да каже некој од нив, повремено.
Терасата беше темна, но прилично светлина доаѓаше од околината. Некако, атмосферата беше баш добра. Ветрот го беше сменил правецот, дуваше од исток и носеше свежина. Седнати еден покрај друг на тесната и долга тераса, таа му гледаше во косата, во брчките околу очите. Тој гледаше во нејзините намовнати раце. Ситните светли влакненца едвај се гледаа, но беа таму, исправени од свежината на ветрот. Нему му дојде да ѝ каже колку ѝ ја сака кожата, но веднаш се откажа: човек треба да биде крајно надарен за на љубената постојано да ѝ кажува нови нежности, без да се повтори. А повторувањето е само уште еден од процесите кои водат кон затапување на љубовноста, на доживувањето, на живеењето. На животот во целина, да.
– Ја загледа онаа малата денеска на плажа, а? – спомна таа со насмевка.
– Да.
– Не беше лоша…
– Не ја гледав така… Ѝ го видов грбот, таа бела кожа, црвената коса врз таа проклето бела кожа… И линијата од вратот до брадата, кога малку се сврте кон ветрот… Да не знаев дека лежиш до мене, ќе помислев дека пак те замислувам во други жени додека ми фалиш…
– … Убаво ми кажуваш…
– Може и тоа е некоја навика: да те барам наоколу, во сè и во секоја, па дури и кога си до мене.
– Со тебе сум…
– … Во мене си…
– … Знам…
– … Може затоа пуштив толкав стомак, да има место…
Нејзината смеа: нежна и ѕвонлива, силна и доволна да исполни неколку куполи.
Тогаш грмна музиката под нив: таму имаше голем базен и голема тераса. Музиката грмна ненадејно. Не беше музика која би ја слушале. Се погледнаа, со очите си наздравија и отпија. Музиката продолжи, гласна и непозната, чудна…
Одеднаш, во целата таа какофонија од непознати јазици и чудни звуци, таа стана и почна да танцува. На тесната тераса. Тој остана да седи, со чашата в рака, загледан во неа. Таа се лулаше во ритамот на музиката под нив, си ги гледаше стапалата кои ја носат, рацете кои се извиваат небаре сами од себе танцуваат, не пропушташе да му се насмевне кога погледите ќе им се сретнеа.
Нејзиниот танц: силен и лелеав, доволно моќен да исполни неколку черепи. Околните светлини ѝ ја умножуваа сенката, рацете ѝ се дуплираа, беше како индиска божица.
– Свадба е – рече тој.
Таа продолжи да танцува. На музиката која не би ја слушале. Но која и нему сега му звучеше баш таман. Додека ја гледаше како танцува.
– Да одиме, м? – предложи таа откако ја допи чашата.
– Немаме подарок, а свадба е.
– Подарок, јебга…
И тој ја допи својата. Знаеше дека за некој миг некој од нив ќе им наточи нова. Слатките навики на заедничкиот живот…
– Имаме, еј, како немаме?!
– М?
– Оној мојот парфем, ти текнува? Уште не е отворен! Ќе ѝ го дадеме на невестата, ете!
Нему не му се допадна идејата дека некој глуп младоженец ќе ужива во парфемот на неговата љубов. А веројатно и нема, сигурно нема: кој тукушто венчан брачен пар би копал низ подароците, а уште повеќе би ги испробувал, гледал и користел?! Ама, сеедно: некој зелен мајмун ќе ужива, кога-тогаш, во мирисот кој тој го сметаше за исклучиво нивен.
Натнаа нешто облека, го зедоа парфемот, зедоа цело шише за себе (сигурно ја немаат нашата пијачка на таа шабанска свадба, рече тој, а мрзеше кога меша пијачки зашто тоа му го мешаше разумот) и свечено тргнаа.
Влетаа на свадбата во тактот на гласната музика, речиси танцуваа додека се пробиваа кон масата на младоженците. Сватовите ги загледуваа, но тие двајца ведро пристапија кон масата, им честитаа на споменатите, невестата од навика го подмести образот за бакнеж, младоженецот едвај се додржа на нозе откако стана небаре го крева кран, млитаво им ги стисна дланките и се струполи назад во столот. Невестата го тупна кутичето со парфемот врз пирамидата подароци. Не го ни погледна.
Грмеше музика околу нив, музика нова, необична, нечуена… А, сепак, некако толку позната, свадбарска, дум-дум, оп-хоп, бам-бам… Се втурнаа меѓу запотените сватови како да се дома, почнаа да танцуваат следејќи ги нивните движења. Се обидуваа да се вклопат. Своето шише го ставија на најблиската маса, танцуваа, тој од келнерот побара кибла мраз, две големи шишиња вода, чаши… Пиеја и танцуваа. Кога сватовите кршеа, тие подвикнуваа. Се гледаа со насмевки на лицата, си наздравуваа, се бакнуваа среде пијаните растанцувани сватови… Беа како дома, иако едвај разбираа по некој збор…
Брзо, некако многу брзо им отиде шишето. Домаќините, дотогаш веќе срдечни со нив двајца небаре се од најблиската фамилија, веднаш се обидоа да најдат замена. Им тутнаа шише проѕирна ракија (лоза, тибам, сфати тој на првото мириснување) и ги чукаа чашите со нивните, полни восхит и прашања во очите: како можете толку да испиете, како оваа вештица држи пијачка повеќе од нашите мажи, како овој пијан човек не ги гледа нашите жени, дотерани и убави, како не го трга погледот од оваа белокожна дамчеста девојка… Нивните жени почнаа да се прашуваат како тоа нивните мажи, толку јавно, не тргаат поглед од девојката… Ни срам, ни перде… Вештица е… Пу-пу-пу…

Се запиваа сè повеќе, ракијата почна да им ги мати погледите… Таа сè помалку можеше да го види во толпата пијани сватови, тој сè помалку успеваше да се ослободи од тешките потни влакнести раце кои по секоја цена сакаа да го прегрнат и да му ги тупкаат рамениците… Причините за таа присност му беа јасни, но не и прифатливи, и покрај тоа што стануваше сè попијан.
Ја снема одеднаш, како трепет во заспана зеница. Тргна да ја бара. Одеше низ шума од раце и мирис на лук, ракија и пот, во главата му баботеше, му беше страв дека ѝ се слошило, дека сега негде сама повраќа, утробата ја истура а тој не е до неа да ја придржи. Одеше напред и само напред, како опседнат месечар. Главата почна да му се бистри, но телото му беше тромаво како мокар сунѓер…
Ја виде како се придржува до некого, чекореа кон брегот и подалеку од свадбата. Му беше драго што ја нашол, тука и сега. Тргна уште напред, се обидуваше да не се сопне. Му се причини дека оној со неа повеќе ја влече отколку што одат заедно. Успеа да ги стигне, некако успеа да ги стигне.
– Еј… – изусти кога им се приближи на чекор-два.
Таа му го слушна гласот, се заврте.
– Еј… па кај си ти? – рече низ насмевка.
Јазиците им беа дебели, јазиците им беа тешки како копнеж и несоница.
– Ела… Ајде да си одиме – промемоли тој.
– Идам, … нели наваму сме?
– Не сме, наваму сме, … дојди со мене…
– Со тебе сум, те држам за рака…
– Не… не! Не сум јас тој..!
Типот што ја влечкаше се најде повикан да се вклучи во разговорот. Ја остави неа да стои сама, да се тетарави, и тргна кон него. Почна да зборува неразбирливо, но и некако непријателски.
– Не..! – викна тој додека ја гледаше како бара на што да се потпре, беше готова да падне.
– Еј…! – шепна таа додека полека тргнуваше кон него.
Влечкачот стана брз, стана брз како светлина, замавна кон неговото лице.

Прво беа ѕвездите. Потоа беше болка во челото, во слепоочниците. Биеше како расипан компресор. Потоа беа нејзините очи.
– Ќе станеш, сонце..?
Земјата одеднаш беше тврда, сурова. Нејзините дланки, нејзините зборови: тоа беше меко. Нежно.

Нејзиниот мирис: се провира низ крвта, ги надминува сите други мириси. Нејзиниот мирис, додека му става две-три парчиња мраз на десната аркада.

Тој гледа кон вратата од терасата. Полека се разденува. Таа спие до него. Со дланките му ја држи десната дланка. Прстите ѝ се преплетени и вкопани во него. Дише покрај неговото тело, облечена во својот летен вечерен фустан. Образите ѝ се бледи, усните уморно ѝ потреперуваат. Повремено, додека во првиот сон ѝ се опуштаат мускулите, неконтролирано потшутнува со нозете.
– Колку си убава… Колку си убава… – ѝ шепоти тој, благодарен за сè на светот.

2013, 02:17

2018-08-21T17:20:42+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 100|