Тепање див зајак

Тепање див зајак

* * *

Тројцата некако ја изгубија желбата да ги берат габите. Ги собираа само оние што ќе се појавеа пред нив додека полека слегуваа. Одоздола слушнаа уште неколку пукоти, уште неколку пати до нив допре лавежот на загарите и потоа пак завладеа тишината во ридот.
– Го отепаа – рече Мустаклтата, но со таков глас како нему да му се случи некоја несреќа.
– Ајде да се прибереме порано – рече Сопственикот. Веќе е пладне. Ќе треба најпрвин да појдем в село, да побараме алат и лепило. Ако не најдеме таму ќе треба да пешачиме до патот и таму да запираме некое возило, а тоа сигурно ќе трае три четири часа.
– Немам јас доверба во овој народ – рече Брадестиот.
– Сигурно на онаа жена, маж ѝ е некој од овие ловџии – рече Мустаклијата.
Тогаш се сетија дека воопшто не разговараа за жената. Ја видоа само за кратко, кога им ја отвори портата. Потоа се заврте и без да проговори збор влезе в куќа.
– Беше многу убава селанката – рече Мустаклијата.
– Ветар беше – рече Брадестиот.
– Носеше црнина – рече Сопственикот. Сигурно ѝ умрел некој.

* * *

Во дворот ги пречека жена, ама не истата жена, или беше тоа истата жена, само што сега не носеше црнина.
– Малку сте набрале – им рече кога им ѕирна во крошните. – Горе – покажа кон ридот – има многу габи.
– Толку ни се доволно – рече Брадестиот гледајќи во корпата што не беше полна ни до половина и знаејќи дека толку не се доста.
– Вие сте некои скромни луѓе – рече жената и се насмевна. Блеснаа бели заби и го украсија убавото лице.
Истата ли е оваа од изутрина, се прашуваа тројцата.
– Колку има пеш до селото – праша Сопственикот.
– Саат ваму, саат таму – рече жената.
– Тогаш да одиме – Сопственикот им рече на другите двајца, отклучувајќи го автомобилот и ставајќи ја кошницата внатре.
– Каде ќе одите? – праша жената.
– В село – рече Сопственикот. – А дали таму од некого можеме да побараме лепило и алат? Се разбира, ќе му платиме за услугата.
– Алат и лепило за гумата – рече жената. – Не морате да одите в село. Јас ќе ви дадам.
Додека ја гледаа со подотворени усти од неверица, таа влезе во куќата и излезе со алатот, со лепилото и со помпа.
– Ова ли ви треба? – праша.
– Тоа – одговори Сопственикот. За час ја залепија гумата.
– Земете ги со вас алатите и оставете ги во селската продавница – им рече жената.
– Овие не се твои? – праша Мустаклијата.
– Не – рече жената. Бев в село и ги побарав од продавачот.
Значи така, помислија тројцата. Во желбата што побрзо да си заминат им направила голема услуга.
Се подготвуваа за одење, кога жената им рече:
– Измијте ги рацете.
Отиде на бунарот, ја спушти кофата и нацрпи вода.
– Право вели – рече Сопственикот гледајќи си во рацете.
Жената им даде сапун, им потури вода и им донесе крпа. Потоа им рече:
– Денес е празник. Крстовден.
Кога тројцата ја погледнаа уште рече:
– Да се напиете по чашка ракија.
– Да се напиеме по една ракија – зачудено повтори Брадестиот.
– А зошто да не се напиеме? – рече Мустаклијата.
– Добро – рече и Сопственикот. Четворицата стоеја не помрднувајќи се. Најпосле жената рече:
– Влезете во куќата. Јас ќе ја затворам портата. И тргна да ја затвори портата. Тие веќе влегуваа во куќата кога жената извика:
– Еј! Дојдете ваму.
Тројцата се завртеа и тргнаа кон портата. Жената во раката држеше нешто сиво, а тоа сиво се прпелкаше.
– Зајак – рече жената. – Ранет зајак пред порта. Каков ли ќе е ова знак.
Тогаш зајакот, омлитаве, пушти душа.
– Умре – рече жената исплашено и го пушти од рака.

* * *

Влегоа во пространа и чиста одаја исполнета со мирис на печено месо. Седнаа на масата. Жената им сипа по една ракија. Потоа направи салата од свежи домати и пиперки. Потоа им сипа уште по една ракија. Тие, бидејќи првиот пат не наздравија, тоа го сторија сега. Ама тоа беа два – три штури збора и кога се чукнаа со чашките тоа го сторија внимателно како да се плашеа да не ги скршат.
– Значи така со зајакот – рече жената откако тие и неа и меѓу себе си ја прераскажаа случката.
– Така – рече Сопственикот и уште рече. – Ајде, време е да си тргнеме. Ти благодариме за помошта и за ракијата.
Никој не се помести.
– Јас ќе се напијам уште една – рече Мустаклијата.
– Да се напиеш уште една – повтори жената. – И вие да се напиете уште по една – им рече на другите двајца.
– Јас не смеам – рече Сопственикот. – Треба да возам.
Брадестиот прифати. Тогаш жената рече:
– Денес е Крстовден. Именден на мажот ми. Името му е Крсте.
– Нека му е честито името – рече Мустаклијата и ја крена чашата.
Истото го рече и Брадестиот.
Потоа тоа го рече и Сопственикот на автомобилот.
– Ама умре – рече жената.
– Умре? – се изненади Мустаклијата. Се изненадија и двајцата.
– Млад ли беше – праша Сопственикот.
– Млад – рече жената. – Ако не умреше пред две години сега ќе имаше триесет и седум.
– Триесет и седум – рече Брадестиот. – А болен ли беше?
– Болен – рече жената. – Не. Го отепаа. Поправо го ранија во лов, горе во ридов.
– А – рече Сопственикот. – Горе во ридот.
– Горе во ридот – рече жената. – Ама умре овде дома, на прагов. Ми умре на раце.
– Како зајакот – му се испушти на Мустаклијата и тој си го поткаса јазикот.
– Како зајакот – одговори жената, а другите замолчаа оти им се пристори дека споредбата не е умесна.
Жената стана, а тие сè уште молчеа. Ја отвори фурната од шпоретот и рече:
– Петелот е печен. Ќе треба да ручаме.
– Ќе треба да ручаме? – зачудено повтори Сопственикот на автомобилот. – Ама нема да ручаме.
– Зошто да не ручаме – рече Мустаклијата. – Гревота е да ја одбиеме женава.
Погледна во Брадестиот. Брадестиот молчеше и сега сам си беше сипал ракија.
– Токму така – рече жената затворајќи ја фурната и турајќи дрво во шпоретот. – Зошто да не ручаме.
– Ама не може тоа така – збунето рече Сопственикот. – Па ние и не се познаваме.
– Јас изутрина го заклав петелот – рече жената. – Мислев дека ќе дојдете гладни.
– За мене никој досега не водел сметка дали сум гладен – рече Мустаклијата. – Затоа јас ќе останам и ќе ручам.
– Не биди дете – рече Сопственикот потстанувајќи. – Треба да те вратам од каде што те зедов.
– Тој рече дека ќе руча – рече жената. – И треба да е по негова волја.
– Јас нема – рече Сопственикот. Мене дома ме чекаат жената и децата. Денес е недела, Крстовден.
– И јас нема – рече Брадестиот кој си сипаше уште една ракија и кому веќе почна да му се плетка јазикот.
– Тогаш што ќе правам со петелот – рече жената. – Има сигурно четири килограми чисто месо.
– Не верувам – рече Брадестиот. – Нема толкав петел.
Жената ја отвори фурната и ја извади земјената тава. Петелот беше зацрвенет, пливанат во густ миризлив сок. На тројцата им проработеа желудниците.
– Си одиме – решително рече Сопственикот гледајќи во тавата.
– Да си ја допијам ракијава – рече Брадестиот кој си беше сипал уште една и веќе беше добро поднапиен.
– Јас не идам – рече Мустаклијата.
– Токму така – рече жената. – Тој не иде. Имам и вино.
– Заминуваме! – рече сега налутено Сопственикот и стана.
– Без мене – рече Мустаклијата.
– Без него – потврди жената. Двајцата излегоа. На прагот, нишајќи се, се запре Брадестиот и рече:
Да се поздравиме со жената.
Се поздравија со жената. Жената го зеде зајакот од тремот и им го подаде.
– Што ќе ни е? – рече Сопственикот земајќи го.
– Има убаво јадење во него – рече жената. – Сигурно има четири килограми чисто месо.
Сопственикот го поткрепа како да го мери. Брадестиот рече:
– А вие, дали вие сами можете да го изедите петелот?
– Ќе го изедеме – рече жената со сигурност во гласот.
– Ќе го изедат – рече Сопственикот туркајќи го Брадестиот кому нозете веќе му се плеткаа.
– Ќе го изедеме, – викна Мустаклијата од куќата, ама овие сигурно не го чуја бидејќи моторот забрмче, заминуваа, а жената ја затвори портата по нив.

АвторТрајче Крстески
2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 16|