Стариот е пак пијан

/, Литература, Блесок бр. 50/Стариот е пак пијан

Стариот е пак пијан

„Супер“, рече. „Дај, кажи ми, што беше со оној политичарот. Што правеше во твојата зграда?“.
Се чувствував малку подобро. Помислив на нова црта. Слегнав со рамениците на нејзиното прашање.
„Па се знае што правел таму, нели? Курварлук, Душане, курварлукот е насекаде, верувај!“.
Мајката, еј, сега уште воспостави и мајчински однос кон мене, си помислив. Стварно не е читава. Кимав кон неа и се смешкав.
„Така е од памтивек, Душане. Дај, напиј се уште една, ха, ха, за мирна рака, ха, ха“, истресе од цветот на селската памет и црниот хумор и пак ми наточи. „Да, да, сите тие се курвари и политиката е обична курва. Знаеш каква е разликата меѓу електриката и политиката? А? Политиката е курва, а електриката… Еј, да го ебам, заборавив… Чекај, електриката е курва која… Аха, курва која не дава да ја чепкаат, а политиката е… Леле, не можам да се сетам, ама смешно е… На крајот нема разлика“.
Мислам, баш беше смешно, нема што. Стана и пак отиде до лавабото. Зеде една чаша, малку ја заплакна и ја стави крај шишето ракија. Седна, убаво се намести, ги напна своите огромни цицки и рече:
„Ај наточи ми и мене малку, а? Знаеш, малку сум нервозна“.
Секако дека ѝ наточив. И себеси, зашто и јас бев нервозен. Ја крена чашата и се чукна со мене. Наздравивме за смртта, ебате. При тоа мило се насмевна и јас сиот нервозен, поради ситуацијата, нервозно го фатив пиштолот за, да му ебам мајката, да го завршам она за кое и бев дошол. Нанишанив во неа. Ми се тресеше раката како на проклет селски месар.
„Толку многу ти се брза?“, праша со кнедла во грлото.
Некое време гледав во неа, а потоа, сè уште со пиштолот в рака, ја потпрев уморната и збунета глава. На некое време ги затворив очите. Освен нејзиното длабоко дишење и тик-такањето на саатот некаде во просторијата, ништо не се слушаше. Потоа ги отворив очите, се загледав во неа и помислив дека навистина никаде не ми се брза. На крајот на краиштата, до авионот имам цела ноќ време. Завртев со главата.
„Во ред“, рече и отпи од чашата која сè уште ја држеше в рака. Потоа стана од столот и отиде во спалната соба. По некое време од таму се слушна музика. Бавна и баш срцепарателна. Патетична, сладникава. Испив и пак наточив. На двајцата. Таа се врати од спалната соба и застана на вратата. Гмечеше некаква крпа меѓу рацете и ме гледаше. Потоа ме праша:
„Што ќе биде сега со станов, Душане?“.
Мислам, каква баналност! Рибата е свесна дека ѝ останува најмногу уште една ноќ живот, а неа ја интересира што ќе биде со станот. Мислам, еј!
„Не знам“, реков и не излажав.
„Ќе го земете ли вие назад, сега кога…“. Замолкна. Потоа малку потивко продолжи: „Сега кога Урош веќе го нема…“.
Пак една работа која ме дотепа. Нов факт. Дека… Дека до сега воопшто и не знаев како си викаше малиот кој го убивме. Дека воопшто не знаев кого сме убиле.
„Како се викаш ти?“.
Ми го кажа своето име. Глупо селско име, што да кажам. Кимнав. Ми пријде и пак ми ја пружи раката. Стварно беше чвркната сто на саат. Потоа седна спроти мене, онаа крпа која ја туткаше во рацете, леле каква сцена, ја напика во и онака веќе огромните недра. Набрзина ја натегнав чашката. Таа во недоглед продолжуваше:
„Сега никако нема да си ги добиете парите назад. Ќе ги рекетирате неговите? Тие мислат дека сега ова е нивен стан. Па, ха, ха, кога би знаеле што се случи, не би сакале да е нивен, нели Душане? А јас“, рече и со потег преку устата покажа дека нејзината уста е затворена ко катанец, „ќутам. Знаеш, Душане, сакаа со сила да ме исфрлат, ама тие не дадоа ич пари за овој наш стан, а јас нешто додадов, знаеш. Ама сега, за ова… Ни моите ни неговите немаат толку пари. Ебате, што ќе се случи сега, Душане?“.
„Не знам“, реков и, рака на срце, баш ми беше сеедно. Сега низ главата ми се врткаа само две нешта. Нејзините огромни цицки и нова црта. Не знам зошто станав и тргнав да правам црта во клозетот, ама тоа го направив. Се затворив во ебениот клозет и направив црта како да се срамам од тоа што го правам пред неа. Пред неа која дојдов да ја убијам. И како на онаа маса никогаш во себе да не сум ушмркувал кока. Мамето, еј. И уште тоа дека таа без поголеми проблеми можеше да побегне од станот, и да викне цајкани да го ебам, или едноставно да го земе мојот пиштол кој го оставив на масата и да ме спука. Немам поим зошто тоа го направив. Или бев тотално урокан од ракијата, коката и виното кое го пиев цел ден или ми беше потполно сеедно што ќе биде со мене? Не знам, дружиња мои, стварно не знам. Накратко, кога се вратив, шмркајќи и со болка во главата таква што мислев дека ќе ми прсне, таа веќе танцуваше во дневната соба. Со раширени раце се вртеше таму околу креветот и широката ноќница покажуваше повеќе отколку што беше паметно.

2022-11-06T12:05:45+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 50|