Спиј пред вечерта

Спиј пред вечерта

Се качија по скалата до нивото над станот. Креветот на Мајлс го исполнуваше тесниот простор, и за Маријана немаше место. Таванот беше преполн со ѕвезди. Без златни кога светлата беа вклучени и светкаа која Мајлс ги исклучи, а ова го стори за неа со детско кикотење.
„Види го ова, како Хајден.“
Немаше прозорци и ѕвездите беа единствената светлина во собата.
„Нема место каде да се свртиш.“ рече Маријана, гледајќи со непријатност во креветот на Мајлс, црн душек на тенка дрвена рамка. Сето ова се чинеше кршливо и таа се оддалечи од Мајлс, потпирајќи се со дланката на ѕидот. Мајлс го свитка грбот и ја повлече Маријана кон себе.
Таа ги затвори очите и го вдиша мирисот на цигарите, потта, човечката плот и бледиот остаток од армониката. Се стресе, се обиде да се преправа дека ова не ѝ е првпат. Неговите раце беа цврсто околу неа, ја прегрнуваа, ја туркаа надолу, и таа сети како паѓа, сјајните галаксии од ѕвезди и комети се движеа на темното небо, а во главата ѝ се вртеше кога тој ги притисна своите усни врз нејзините. Се смееја, танцуваа, а тој ѝ го лижеше лицето, предејќи.
„Мјау,“ прошепна таа.

Потоа Маријана беше пак во возот, со бескрајното тркалање на тркалата под неа. Се почувствува како бездомник, се движеше кон дестинација која не беше сосема јасна. Го сеќаваше телото како ѝ се движи, се тркала низ некој недефиниран универзум додека таа го гледаше неговиот одраз во црните прозорци, лицето ѝ беше искривено од кондензацијата која течеше од надворешната страна на стаклото. Нешто во неа се смени. Не беше само старото клише дека од секс очите ти светат, а кожата ти сјае. Не дека се чувствуваше подобро. Како да чувствуваше некоја носталгија. Нешто си отиде и веќе нема да се врати.
Возот во шест попладне беше преполн со луѓе кое се враќаа од работа, облечени во испеглани костуми и шиени кошули, за нив ова беше уште еден обичен ден. Лицата им беа испразнети од емоции и таа се обиде да го открие нежниот живот под површината, нешто малечко, ранливо и скриено, дури и од нивните сјајни огледала во кои се бричеа и се дотеруваа наутро. Ја потсетуваа на Расел пред да си замине – неговото постојано незадоволство кое беше толку очигледно додека излегуваше од вратата секоја вечер. Како човек доаѓа до овој степен, се запраша. Дедо ѝ никогаш не западна во машината, во „бескрајното тркало“ како што го нарече Расел.
Маријана никогаш не го виде тој поглед на лицето на Ерик. До самиот крај, тој остана ентузијаст за својата работа, весел додека ѝ зборуваше, или кога на своите студенти им раскажуваше за некоја идеја. Не беше важно дали е во право или не, си помисли. Животот му беше полн со пулс, а смртта му беше ненадејна, не како живата смрт на овие патници. Се прашуваше дали треба да биде среќна што тој умре со сите неостварени планови во главата, во еден единствен удар. Или можеби никогаш не зборувал за моментите кога ќе седнеше, уморен и разочаран од бескрајната администрација со документи и глупи прашања, и се прашувал дали си го испустил животот. Се прашуваше дали Ерик некогаш посакал да го потроши животот на нешто поконкретно, како пожарникар или архитект.
Ги затвори очите, се замисли себеси како патник со дневна рутина која ги убива и болката и задоволството, како го затскрива важното под итното, заглавена во движењата напред-назад. Или, дали и таа, како и Ерик, ќе го помине животот создавајќи нешто бескорисно, но само во ретроспектива, кога ќе биде предоцна да се сврти назад. Живот на бајки и лажни просветленија.

Брановите се кршеа од брегот, меко враќајќи се кон морето и маскирајќи го насилството на водата како што таа се подигаше и паѓаше врз песокот. Беше крај на мај и воздухот беше летно топол.
Маријана ги соблече старите фармерки и избледената маица. Чувството на студено и топло кои се менуваа ѝ беа пријатни кога ги пикна стапалата во влажниот песок, одејќи кон водата. Плажата беше само нејзина, сега кога пак избега од училиште, и покрај загриженоста на својот советник. Маријана знаеше дека минува само затоа што професорите не можеа да се натераат да ја паднат. Сведителството за последниот семестар ќе ѝ биде страшно, а Универзитетот во Њујорк ќе ги добие резултатите.
Како што одеше подлабоко во водата, заплива преку струјата, мислејќи на книгата на Морис Седвик што ја сакаше како дете, во која Пјер вели: „Не ми е гајле.“ На крајот ќе го изеде лав, но лавот ќе го исплука и тој ќе си ја научи лекцијата. Стихот ѝ беше во главата: „Само да речеше гајле ми е…“ Нејзе ѝ беше гајле, но училиштето ѝ се чинеше бесмислено. Барем океанот имаше некаква смисла. Брановите беа големи и моќни на пладневното сонце, но пливањето беше лесно. Одеше понатаму и понатаму, се замислуваше дека е риба, а крлушките ѝ светкаат, перките ѝ се отвораат и се затвораат.
Сега беше далеку, ја носеше некоја струја, и мораше да се врати. Беше добар пливач, дури работеше и како спасител едно лето, смеејќи се со пријателите од високото столче. Каде се сега сите тие пријатели што ги имаше порано? Сите тие масовни одења на плажа, натпревари и пици кога започна да оди во гимназија, но таа секогаш криеше нешто, и тоа порасна во неа. Повеќе не беше мала трошка непријатност што ја носеше под кожата, сега беше краста што продолжуваше да расте.
Шерил ѝ беше најдобрата пријателка од шесто одделение. Сè правеа заедно, но Маријана некако почна да ја одбегнува Шерил последнава година.
Чувствувајќи го притисокот на струјата, ја зазеде правилната положба, телото ѝ беше вертикално, рацете и главата ѝ се нишкаа во водата. Не се плашеше, иако минатата година имаше два смртни случаи во струите. Што друго може да ја убие? Стените, ајкулите, давењето, хипотермијата. Би било лесно да се откаже, да се препушти на водата од која некогаш излегол нејзиниот вид.
Никогаш не мораше да спасува никого додека беше спасител. Само вежбаа вештачко дишење на пластична кукла и се тркаа на плажата. Сега пливаше наспроти тежината на водата, и се прашуваше како може една таква средина да биде толку моќна. Маријана мораше да се намести и да плива паралелно со брегот преку тесната струја. Телото ја боцкаше од студ, а белите дробови ја болеа од напорот на пливањето.
На крај, доплива до брегот, со нозете го допре каменото дно, сè уште борејќи се за здив. Воздухот беше студен и не можеше да запре со бревтањето кога потрча по песокот, од носот ѝ течеше солена морска вода. Се завитка со пешкирот, и легна обидувајќи се да стопли на последните зраци на сонцето што заоѓаше.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторМагдалена Бол
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|