Спиј пред вечерта

Спиј пред вечерта

„Погоди кој е?“ Маријана почувствува меки влажни дланки врз очите и веднаш знаеше кој е, ги тргна од лицето и се сврте.
„Здраво Тод.“
„Ја видов мајка ти во продавницата за здрава храна минатата недела.“
„Таа живее од тие колачи. Здрави, како да не. Најчесто се шеќер и масти.“
„Ми го даде твојот број.“ рече Тод, вртејќи го погледот, „ама не сакав да ти се јавам.“
„Зошто не?“
„Се правиш глупа или сосема си заборавила?“ Тод ја префрли тежината од едната на другата нога, некој чуден танц. „Те очекував. Забавата беше добра, знаеш. Зедов ди-џеј и сè друго. Ќе уживаше.“
„Боже, жал ми е. Твојот осумнаесетти роденден.“ Маријана се удри го раката по челото. „Не ми беше добро, Тод. Ќе ми простиш?“
Долната усна на Тод затрепери и тој се почеша на едно црвено место над десната веѓа. „Нема врска. Ќе беше добро да дојдеше, ама и така денот помина добро.“ Очите му беа како на загар, големи и водлести, и Маријана брзо го бакна на образот.
„Ама секако ќе ти купам подарок. Жал ми е. Види, морам да одам.“
„Чекај. Маријана, во ред е, навистина. Ќе дојдам со тебе до училиштето. Во Одеон игра ЕТ. Сакаш да одиме во сабота? Вонземјаниниот личи на моето куче, Бастер.“
„Да, сигурно, оф, чекај, не можам во сабота. Дефинитивно ќе се видиме друг пат. Жал ми е за забавата. Ќе ти се јавам.“
„А училиштето? Не одиш?“
Маријана си замина толку брзо што скоро трчаше. Тод беше добро момче, а таа беше расипана. Неговото тажно лице ѝ остана во главата како што одеше покрај продавниците на авенијата Парк кон железничката станица. Ќе го изненади Мајлс. Сигурно лесно ќе му го најде станот. Мораше да го види. Гравитацијата ја влечеше кон железницата за Лонг Ајланд.

Мајлс ѝ ја имаше покажано својата зграда на Маријана неколкупати, но не беше сигурна во кој стан живее. Ги најде Вест Хјустон и Бродвеј и побара метална врата со малечки шрафови како свемирски бродови, сместена меѓу уметнички галерии, антикварници, пекари и скриени ресторани познати само на локалците. Една од вратите ѝ се причини позната и реши да проба таму. Чукна неколкупати, тропаше да се чуе, но никој не одговори. Го стави увото до вратата и слушна музика.
„Ме натера да те сакам душо… не натера да си го оставам среќниот дом…“
Затропа пак, сега посилно. Конечно, Мајлс ја отвори вратата.
„Срање! Што бараш ти тука, убавице?“
„Го најдов.“ збивташе таа, додека тој ѝ го подзеде палтото.
„Не знаев дека знаеш кај живеам. Вежбаме. Влези. Ти кажав за групата?“
Станот на Мајлс беше една единствена отворена соба со дел за спиење над неа. Под тој дел имаше расфрлани инструменти: електрични гитари, засилувачи, тапани и два микрофона. Ниска, црвенокоса девојка стоеше до микрофонот, облечена во сива маица со искинат околувратник и во црни хеланки.
„Ова е Маријана. Маријана, Кет, Џо, Енди, Мајк.“ Мајлс ги изрецитира имињата како од пушка. Маријана им рече здраво со растреперен глас. Нејзината крутост и младост се чувствуваа како товар додека групата продолжи да свири.
„Седни, Мери. Имаме уште малку.“
Маријана седна на една стара дрвена гајба за овошје. Пејачката, Кет, застана до микрофонот, а телото ѝ ја следеше музиката. Имаше силен глас на блуз пејачка, полн со болка, како животот да ѝ бил тежок. Косата ѝ беше бојосана со кана. Маријана ја препозна сенката од времето која нејзината пријателка Шерил ја натера да користи кана со надеж дека ќе добијат неколку нежни прамени, а заврши со скоро истата електрична нијанса на црвено. За среќа, брзо избледе. Косата на Кет изгледаше како да е намерно бојосана, малиот врат ѝ беше стегнат во тесен ѓердан. Панкерскиот изглед не одеше со пеењето блуз, но одговараше на танцувањето со стегнати тупаници, со размачканата маскара, со бледите усни и со лутите изрази на лицето.
Додека Кет пееше, другите ги дигаа рамената, тропаа со нозете и ги мавтаа долгите коси.
Тапанарот ги отвори очите, ја погледна и ѝ намигна, додека со големите раце удираше по тапаните, и ја потсети на школската група која ја напушти кон крајот на минатата година. Сè уште се сеќаваше на навреденото лице на г. Спрингвуд кога му кажа дека нема да учествува следната година. Тој сериозно гледаше на групата и мислеше дека нејзиното заминување е предавство. Веројатно беше во право. Не можеше ни да се сети зошто точно си замина. Сè беше дел од некое постепено менување на улогите, избирање во подготовка за академската иднина.
Мајлс стоеше среде звукот. Усната армоника на која свиреше даваше пискав, лимен звук, опкружен со ударните инструменти и со кадифените вокали. Маријана сети грутка во грлото кога тој го забрза темпото. Како некој да седна до неа и да заплака. Сакаше да го утеши, да му ја олесни тагата што му стоеше меѓу усните и инструментот. Другите музичари беа само придружба на свирењето на Мајлс, и таа го загуби интересот за Кет која пееше „Ако некогаш сум те повредил, мила, жал ми е…“
Мајлс погледна право во Маријана додека дуваше во армониката, мачешки зелените очи му беа како две стркалани џамлии. За момент се запраша зошто е тука. Потоа петте акорди што се повторуваа започнаа да ги исполнуваат контурите на нејзиното тело, се сведоа на нешто примордијално, на маса од атоми што се движат, се формираат и се расформираат додека музиката на Мајлс лаеше и офкаше, свиреше во неа и ѝ го тресеше мозокот.
Сега Мајлс пееше „сина птицо, кога ќе стигнеш во Џексон…“ а Кет свиреше на мандолина, гледајќи во него со сличен израз како оној на Маријана. Маријана затрепери, прашувајќи се дали Кет има некоја музичка моќ која таа ја нема. Песната заврши нагло, ја прекина магијата, и Маријана стана, превртувајќи една шолја со кафе ставена на подот. Студеното кафе ѝ се истури по фармерките и таа се сопна додека се обидуваше да го исчисти со раката, извинувајќи се.
„Еј, нема гајле, дај да ти помогнам.“ рече тапанарот, тресејќи ја долгата кадрава коса. Маријана го погледна Мајлс, кој ја пакуваше армониката.
„Толку за денеска, дечки.“ рече Мајлс.
„Убаво беше.“ рече таа, а од лицата на групата ѝ стана јасно дека „убаво“ е погрешен збор.
„Не е само уште една убавица, а?“ се насмевна тапанарот.
„Не е баш ентузијаст, а, Сони, момче.“ рече Кет некако на нос, глас што беше спротивен на оној длабокиот со којшто пееше. Мастиката ѝ пукна додека чекаше одговор. Маријана се запраша како можела да пее со мастика в уста додека Кет ја гледаше, со коса црвена како часовникот кој се топи во кошмарите на Маријана.
„Колку години имаш злато? Извини што прашувам вака.“
„Мм, деветнаесет.“ рече Маријана со кроток глас.
„Да, деветнаесет, како да не. Ајде, Мајлс, се влечкаш со средношколки? Малку е мала за тебе.“
„Остави ја на мира, Кет. Што те боли пак тебе. Сега да ве нема сите. Морам да вежбам.“ рече тој исклештен. Мајлс не мораше да зборува многу. Телото му зборуваше наместо него.
Кет го фати Мајлс за рака и му се пикна в лице. „Да, сигурно срце. Твој живот. Ама пази се од цајкани. Само јави ми се мене ако те фати носталгија за возрасни, океј?“
Маријана ја отвори устата додека се обидуваше да ги задржи очите и на Кет и на Мајлс, ама не успеа. Мајлс се насмеа, телото му се придвижи дури и повеќе од обично, а Кет ја отвори вратата.
„Еј, не се лути, злато. Само се зезам. Знаеш да се зезаш, нели? Се гледаме.“
Маријана почувствува дека тешките зборови на Кет се насочени кон неа, како од пиштол. Маријана не ѝ возврати. Засрамена, знаеше дека таа има контрола. Мајлс сега беше нејзин и другите мора да одат на друго место во безличното попладне во Њујорк.
Четирите членови на групата ги оставија инструментите расфрлани, и таа остана сама со Мајлс во празниот стан.
„Гладна си?“ ја праша.
„Не баш.“ стомакот на Маријана јачеше, ама нејзе ѝ се допаѓаше празното чувство кога тој ја повлече кон себе, неговата груба дланка на нејзиниот мазен грб.

АвторМагдалена Бол
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|