СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

/, Литература, Блесок бр. 118/СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА -ДРУГА ПРИКАЗНА


За авторите, впуштањето во литературната авантура на Друга приказна пред сѐ претставува можност за најразновидни композициски, тематски и стилски експериментирања. Предизвикот да се опфати „светот во мало“ според способноста да се набие смисла во стегнатиот простор што го нуди кусиот книжевен израз за поголемиот дел од македонските автори што се застапени во едицијата претставува прв обид да се твори според критериумите на кусата проза, иако многумина од нив веќе се препознатливи раскажувачки имиња, потврдени пред читателите со своите прози. За читателите, пак, овие фрагменти, минијатури, микроцелини, куси или флеш раскази претставуваат своевидни естетски провокации кои на поинаков начин ги мобилизираат навиките на читањето, ставајќи ги едновремено во погон рационалното и имагинативното мислење.

4.
Еден поглед кон зрното од кое произлезе литературната авантура на едицијата Друга приказна ја посочува објавата на збирката куси раскази Стар сум од Давид Албахари во Србија како резултат на мошне умешно замислени и организирани книжевни средби на авторот со ученици од неколку белградски гимназии (Огњановиќ, 2014). Имено, авторот дошол до идеја да направи печати со својот потпис и заедно со неколку различни изреки кои не се однесуваат само на пишувањето и на книжевноста, туку и на животот воопшто (како на пример: Од каде би знаел, што е што; Јас сум твоја книга; Кратка приказна – долга тишина; Оваа книга не е книга, ова е посебен свет; Писателот е печат итн.), и овие печати да ги користи како посвета при потпишувањето на книгите што ги добивале учениците. Оттука изреката Писателот е печат поместена на внатрешната страна од корицата на македонското издание на Стар сум (Стар сум во Скопје) добива качество на книжевен манифест на кој се надоврзуваат објавите на кусите прози од Оливера Ќорвезироска и од Владимир Мартиновски како кратки поздрави упатени до него. Сепак, повеќе од јасно е дека објавите во едицијата Друга приказна не се писанија во класичната смисла на епистоларната традиција, ниту проза што може да се подведе под определбата расказ – писмо, туку кратки фикции создадени во најразновидни поетики од богатиот спектар на прозните книжевни видови. Поаѓајќи од кусите прозни остварувања на Оливера Ќорвезироска (Новелички без шеќер), Лидија Дејвис (Седам на сонце…), Иван Шопов (091 – Антиразгледници од Скопје), Бојан Бабиќ (Жирафи во катакомби) и Влада Урошевиќ (Барокна подморница), во едицијата Друга приказна следиме прози создадени во поетиките на хаибунот (Мачка во магла на Мартиновски), расказ испеан во рима (Текстилна поема од Пандалф Вулкански) и хипнографски записи (Спиј на Румена Бужаровска). Меѓу кусите прози се поместени писанија што ги препознаваме како фејсбук записи (Будно пратим од Ирена Ристиќ, Велалучка колиба, под Водно од Огнен Чемерски), дневнички записи (Отаде Л. Американски дневник (5.10. – 23.10. 2016)) од Лидија Димковска), но и специфични „четива“ осмислени во поинаков семиотички клуч како ритмички и мелодиски вежби (Радишански прелудиуми на Владимир Лукаш),.

Новелички без шеќер од Оливера Ќорвезироска понудува 20 куси раскази со кои авторката, влегувајќи во литературната авантура, сосема слободно вникнува во културната и идејната традиција поставена со кусите раскази од збирката Стар сум во Скопје. Заземајќи ја удобната позиција на книжевен антипод кој се насладува од можностите на интерпретацијата, Ќорвезироска создава мултиплицирана стварност, која можеби својот најголем израз го наоѓа во парчето насловено како Хајделберг (never mute – always too loud), каде трипартитната прозна структура на исписот е раководена според смената на книжевните постапки што се карактеристични за исповедта и патописот кои исцртуваат сосема специфична наративна рамка преку која приказната се внесува во дејството и добива статус на сведоштво. За разлика од впечатокот на нагласено угледување на прозите на својот адресат што го презема Ќорвезироска, Мартиновски во неговите поздрави до Албахари останува доследен на поетиката што ја негува според начелата на хибридното книжевно ткиво на хаибунот. Кратките прози од неговата книшка Мачка во магла го насочуваат вниманието кон искуствата поникнати во оние длапки од секојдневието каде восхитот од природата (испеан во хаику) се среќава со искуството од урбаното живеење (раскажано во проза). Силна упатеност кон аспектот на урбаното е присутна и во минијатурите на Иван Шопов, осмислени и обединети под насловот 091 – Антиразгледници од Скопје, во кои централно место е отстапено на движењето низ градскиот простор и неговото доживување преку играта и (пре)откривањето. Свое место во едицијата наоѓа и американската писателка на куси раскази Лидија Дејвис, која во 2013 год. Ја добива Букеровата награда. Како наслов на изборот на куси раскази од оваа авторка е одбран расказот – фрагмент: „Седам на сонце со својата мала пријателка на скалите пред влезот: јас читам една книга од Бланшо, а таа си ја лиже својата нога“, кој можеби на најдобар начин го потврдува восприемањето на Дејвис од страна на книжевната критика како писателка за писатели, односно, автор чии што дела бараат искусен и посветен читател подготвен на жртва (Ђурић Пауновић, 2014).

АвторДарин Ангеловски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-11-26T11:39:23+00:00 март 27th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 118|