Сопствена соба: субверзија и заведување

/, Блесок бр. 06, Литература/Сопствена соба: субверзија и заведување

Сопствена соба: субверзија и заведување

3. Мери

Во првата глава на Сопствена соба го наоѓаме и вториот значаен реторички избор на авторот: отфрлајќи го рационалното и логичко аргументирање на факти за својот предмет „жените и романот“, Вулф напротив, се решава да ја „исползува сета слобода и правата што како романсиерка ги има“, за да го прикаже само „текот на мислите“ којшто ја довел до ставот дека жената мора да има сопствена соба и петстотини фунти годишно за да може да пишува романи. Решавајќи се за романсиерската слобода, Вулф се решава за фикцијата:
„Нема потреба да нагласувам дека она што ќе ви го опишам всушност не постои; Оксбриџ е измислен; исто така и Фернам; „јас“ е само погоден израз за некој којшто не постои. Од мојата уста ќе потечат лаги, но можеби во нив ќе има и малку вистина; до вас е да ја побарате таа вистина и да одлучите дали некој дел од неа вреди да се зачува“.
Пародирајќи ја културната пасивност што Западната култура (културата воопшто) им ја наметнува на жените, предавачот/наратор во Сопствена соба, одбивајќи да го предаде „зрното чиста вистина“ за својот предмет, се одлучува за радикална метода, имено, да го опише личниот интелектуален процес, личното приближување до вистината. Тука стилистичкиот избор на Вулф се усмерува кон свесно замаглување на когнитивниот домен на фактите, имплицирајќи дека фактите во историјата, особено во историјата на жената – всушност не се тоа. Таа наместо нив гледа изјави создадени врз основа на моќта што политичките структури ја имаат над културата, изјави коишто би можеле да паднат исто онака како што се издигнале во догми3F. Но, и фикцијата не е некој конечен избор. Уште повеќе, токму кохерентноста на фикциското „јас“ на нараторот во наведениот пасаж, она „јас“ што треба да ја раскаже „приказната“ за тоа како го подготвува својот говор за жените и романот – се става под прашање. Вулф не пропушта да го деструира и тој, условно речено, кохерентен романескен субјект ставајќи зад своето јас една композитна женска фигура: „(…) викајте ме Мери Бетон, Мери Сетон, Мери Кармајкл, или како веќе сакате (…)“. Идентитетот на таа фигура е, би се рекло, мобилен, флуиден, нефиксиран. Мери е, се разбира само, една од многуте алузии-клучеви во текстот кои имаат комплексни корени: се работи за четирите девојки-придружнички на Шкотската Кралица Мери од една стара англиска балада кои Вулф ги маскира во својата нарација. Девственоста, младоста, слободата на оваа композитна фигура нема само симболичко значење во текстот, туку со својот флуиден и незацврстен идентитет имплицира и жанровска флуидност, што слободно би можело да се чита и од аспект на актуелните постмодернистички концепти.

4. Let us now praise unknown women

Она што јасно паѓа во очи во првата глава на Сопствена соба е спротивставеноста на два света. Нараторот најпрвин лови риби на речен брег во една пасторално-идилична атмосфера. Следи посетата на универзитетскиот комплекс која е неуспешна, бидејќи колеричниот универзитетски служител, чувар на строгиот ред на машката култура, му го попречува на нараторот (од причина што е жена) влезот во библиотеката на Оксбриџ и пристапот до делата на Милтон и Текери. „Пасторалата“ му е спротивставена на крутиот универзитетски ред, како што понатаму описот на сјајната гозба за студентите во Оксбриџ е јукстапозиран со описот на скромната вечера за женските студенти во Фернам. „(…) и, размислувајќи за сигурноста и добросостојбата на едниот пол и сиромаштијата и несигурноста на другиот и на делувањето на традицијата и нејзиното отсуство врз умот на писателот, конечно помислив дека е време да се свитка истутканата кожа на денот(…).“ Алузијата е повеќе од јасна: Вулф ја драматизира важноста на материјалниот контекст за образованието и културата, па со тоа, според К.Стимпсон, го антиципира и пишувањето на Марксистичката феминистичка критика.
Во втората глава, просторниот контекст се менува. Нараторот зборува од Лондон, од центарот на Британската Империја, поточно, од библиотеката на Британскиот Музеј. Резултатот од истражувањето на предметот „жените и романот“, е повеќе од поразителен: полиците на библиотеката се преполни со книги од мажи кои научно ја докажуваат женската инфериорност низ векови. Научната „објективност“ на „гневните професори“ всушност му послужува на нараторот да ја согледа врската меѓу економската зависност и психолошката автономија на жената, и – ништо повеќе, никаква вистина, никакво „есенцијално масло“ за предметот на нејзиното идно предавање. Самиот простор на библиотеката е фрустрирачки, па нараторот се повлекува дома, во својата сопствена соба, во својата сопствена библиотека. Симболички, новиот простор имплицира и нов пристап кон предметот. На хронологијата на замрзнатите женски моќи на изразување која ја нудат професорите Икс и Ипсилон (Вулф, се разбира, намерно им ги одзема имињата на знаменитите професори, што може да се разбере како еден во низата субверзивни наративни избори: интелектуалната декапитација на машкиот ум е нужен предуслов за да се влезе во новата сфера на женски културни интереси) нараторот ѝ ја спротивставува малата, сиромашна, но сепак вредна хронологија на женското писмо што стои на маргините на литературата и историјата. Во својата соба нараторот, чекор по чекор, ги открива, ги создава можеби, новите читачки интереси.
Отворајќи ја таа нова писта со брилјантната парабола за Џудит Шекспир, измислената Шекспирова сестра, трагичната симболичка фигура на жената како жртва на културата, Вулф не само што го подрива митот за „необразуваниот гениј“, туку ги разобличува и механизмите на социјална репресија кои ја спречуваат жената од продуцирање култура. Податокот дека Џудит „се убива една зимска ноќ“ носејќи дете во својата утроба, се надоврзува на сликата на „нескротливото поетско срце фатено и заплеткано во женско тело“, и метафорички, ја најавува мачната историја на жените кои се осмелиле да пишуваат: Леди Винчлси, лудата Маргарета Кевендиш, недоличната Афра Бен… Листата на сатанизирани е долга, а облиците на сатанизација се менувале низ епохите. Од друга страна, тие жени немале ни традиција врз којашто би се потпреле, а ако си жена, вели Вулф, тогаш размислуваш преку својата мајка. Затоа, својата писта нараторот на Вулф ја ситуира наспроти онаа на Милтон, Поуп, Геј, Стерн, Текери или Де Квинси, па и она малку што ќерките го добиваат од своите литерарни мајки – пред сè како читатели – укажува на конститутивната моќ на полот во новата текстуалност.

#b

3. Catharine R. Stimpson, "Woolf’s Room, Our Project: The Building of Feminist Criticism" in The Future of Literary Theory, New York, Routlrdge, 1989, 129-143.

АвторМаја Бојаџиевска
2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Критика, Блесок бр. 06, Литература|